Достапни линкови

Следните чекори до влезот на Финска и Шведска во НАТО


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со апликациите на Финска и Шведска за приклучување кон НАТО, Брисел, 18.05.2022.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со апликациите на Финска и Шведска за приклучување кон НАТО, Брисел, 18.05.2022.

Финска и Шведска денеска во Брисел официјално поднесоа барање за приклучување кон НАТО со што започна пристапниот процес кој се очекува да трае неколку недели, секако доколку го убедат турскиот претседател Ердоган да го отстрани противењето тие да бидат членки на најголемиот воен сојуз во светот.

„Топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за влез во НАТО. Вие сте нашите најблиски партнери“, им рече Столтенберг на новинарите на 18 мај, откако ги прими писмата за апликација од амбасадорите на двете нордиски земји.

Рускиот претседател Владимир Путин веќе јасно стави до знаење дека ќе има последици доколку се приклучат двете нордиски земји во НАТО.

Затоа, важно е НАТО брзо да ги доведе во јатото каде што можат да имаат корист од безбедносните гаранции што ги обезбедува членството.

Финска и Шведска имаат функционални демократии, добро финансирани вооружени сили и придонесуваат во воените операции на Алијансата.

Сите пречки со кои ќе се соочат ќе бидат само од техничка, или можеби политичка природа.

КОЛКУ ВРЕМЕ ЌЕ ИМ ТРЕБА ЗА ДА ВЛЕЗАТ НАТО?

НАТО сака да го забрза пристапниот процес со оглед на близината на двете нордиски земји со Русија и агресијата на Москва против Украина.

Официјални претставници на НАТО велат дека процедурата за членство може да биде завршена „за неколку недели“.

Но, делот што одзема најмногу време - ратификацијата на нивните пристапни протоколи од 30-те земји-членки на Алијансата, понекогаш со вклучување и на парламентите - може да потрае со месеци.

Како жителите на источна Финска реагираат на кандидатурата за НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Двете нордиски земји би можеле да станат членки во рок од неколку месеци, со што ќе се забрза процесот кој обично трае од осум до 12 месеци.

Најбрзи беа Западна Германија, Турција и Грција, чие одобрување траеше околу четири месеци во 1950-тите, кога НАТО имаше помалку од половина од сегашниот број на земји членки. Сепак, војната на прагот на НАТО сигурно ќе ги фокусира напорите.

Во меѓувреме, САД и Британија, меѓу другите, се подготвени да обезбедат безбедносна поддршка доколку е потребно додека не заврши процесот.

КАКО ЕДНА ЗЕМЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА?

Процесот на членство во НАТО не е формализиран, а чекорите може да варираат. Сепак, прво мора да се поднесе барање за приклучување. Обично доаѓа во форма на писмо од владин министер или лидер.

НАТО потоа го оценува тоа барање. Тоа се прави на седница на Северноатлантскиот совет (НАК) на 30-те земји-членки, веројатно на ниво на амбасадори.

НАК одлучува дали да се придвижи кон проширување и кои чекори треба да се преземат за да се постигне тоа. Ова зависи од тоа колку земјите кандидати се добро усогласени со политичките, воените и правните стандарди на НАТО и дали придонесуваат за безбедноста во северноатлантската Алијанса.

Тоа не треба да претставува никаков проблем за Финска и Шведска.

КАКО СЕ ОДВИВААТ РАЗГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО?

Ако НАК даде зелено светло, ќе се одржат пристапни преговори. Тие најверојатно ќе бидат завршени за само еден ден. Чекорите се прилично директни напред.

Од кандидатот се бара да се обврзе да го почитува членот 5 - клаузулата за колективна одбрана на НАТО која гарантира дека нападот врз кој било сојузник ќе биде проследен со одговор од сите нив.

Финската премиерка Сана Марин и претседателот на Финска Саули Ниинисто на заедничка прес-конференција во Претседателската палата во Хелсинки, Финска, 15 мај 2022 година.
Финската премиерка Сана Марин и претседателот на Финска Саули Ниинисто на заедничка прес-конференција во Претседателската палата во Хелсинки, Финска, 15 мај 2022 година.

Би требало земјата аспирантка да се обврзе да троши за обврските во врска со внатрешниот буџет на НАТО, кој изнесува околу 2,5 милијарди долари. Кандидатот е свесен за неговата улога во одбранбеното планирање на НАТО и за сите други правни или безбедносни обврски што би можеле да ги има, како проверка на персоналот и ракување со доверливи информации.

Персоналот на НАТО потоа пишува извештај во кој ги информира сојузниците за исходот од разговорите. Во извештајот се наведува кои прашања биле покренати со партнерот и какви обврски преземала таа земја.

Во исто време, кандидатот испраќа писмо, најчесто од министер за надворешни работи, во кое потврдува дека нивната земја ги прифаќа сите овие обврски.

КАКО ЌЕ ЗНААТ ДАЛИ СЕ ПРИФАТЕНИ?

Извештајот за пристапување и писмото на кандидатот се доставуваат уште еднаш до НАК за конечна одлука.

Советот - кој може да се состанува на ниво на амбасадори, министри или лидери - потоа ја разгледува апликацијата и одлучува дали да го потпише протоколот за пристап со кандидатот.

Ако одговорот е да, се одржува мала церемонија давајќи симболична и правна форма на овој дел од процесот на членство.

Протоколот потоа се испраќа до главните градови на 30-те земји членки на ратификација, од кои некои бараат одобрување од парламентот. Откако ќе се заврши тоа, се ратификува протоколот и се депонира во Вашингтон.

Потоа земјите кандидати и официјално стануваат членки, а нивното национално знаме се поставува пред седиштето на НАТО во Брисел.

ДАЛИ ИМА ПРИГОВОРИ ЗА НИВНИОТ ВЛЕЗ?

НАТО ги носи сите свои одлуки со консензус, така што секоја земја има де факто право на вето.

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веќе изрази резервираност за кандидатурите на Финска и Шведска поради нивниот став спрема курдските милитанти, кои Турција ги класифицира како терористи.

Ердоган директно не се закани дека ќе стави вето на членството, а официјални лица и аналитичари веруваат дека тој на крајот нема да им застане на патот.

Сепак, Ердоган деновиве им порача на министрите за надворешни работи на Финска и на Шведска кои најавија дека ќе одат во Анкара за да се сретнат со него, да не се мачат да го прават тоа и да ја убедуваат Турција да ги одобри нивните кандидатури.

Ниту една друга земја не покрена сериозни приговори за нивно приклучување, било дома или во седиштето на НАТО во Брисел, велат официјални лица.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG