Вести
Продолжуваат руските напади, во тек се напори за ослободување на борците од Азовстал
Руските сили продолжуваат со ракетни напади и бомбардирање на воени цели и цивили низ Украина, додека се водат разговори за ослободување на борците евакуирани од челичарницата Азовстал во Мариупол.
Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Маљар рече дека преговорите за ослободување на борците се во тек, како и плановите за евакуација на оние кои се уште се во фабриката за челик.
Официјалните лица не кажаа колкумина се останати во Азовстал, откако група од 264 украински борци, вклучително и некои кои беа сериозно ранети, на 16 мај беа изнесени од фабриката и однесени на територија под контрола на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „највлијателните меѓународни посредници се вклучени“ во тековните преговори. Тој не даде детали.
Генералштабот на вооружените сили на Украина денеска соопшти дека во Мариупол руските војници продолжуваат да ги блокираат единиците во челичарницата Азовстал.
Украинската војска соопшти дека руските сили исто така го напаѓаат Доњецк на истокот на земјата и продолжуваат да ги гранатираат пограничните области Чернихив и Суми.
Загриженоста за судбината на украинските борци евакуирани од Азовстал се зголеми откако претседателот на руската Државна дума Вјачеслав Володин ги нарече „криминалци“ кои мора да бидат „изведени пред лицето на правдата“.
Володин рече дека борците на Азовстал треба да бидат исклучени од каква било идна размена, според Интерфакс.
види ги сите денешни вести
Николовски ги повика обвинителите и ревизорите да ја проверат „сомнителната“ работа на Агенцијата за пошти
Државниот завод за ревизија и Обвинителството да ја проверат и работата на Агенцијата за пошти и нивното доделување лиценци на приватни пошти, повика на 15 ноември министерот за транспорт и врски Александар Николовски коментирајќи го вчерашниот ревизорски извештај за работата на Македонска пошта. Според него во таа институција работела се освен она што и е основна задача да биде регулаторно тело за работата на македонските компании кои нудат поштенски услуги.
Николовски тврди дека на терен има такви компании кои, како што вели, буквално работат од подрум. Тој очекува Обвинителството да постапи и по ревизорскиот извештај за работата на Македонски пошти и да утврди одговорност.
„И дај боже на претходната власт намерата да и била приватизација на Македонска пошта, иако јас не се согласувам со тоа но нивната цел не била ни приватизација туку пропаѓање на македонски пошти со отворање на приватни пошти“, изјави Николовски.
Ревизорите утврдија дека Македонска Пошта е загубар со милионски долгови, ама директорите во септември минатата година незаконски си покачиле плата.
„Според законот во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции предвидени со менаџерскиот договор може да се намалат“ се вели во извештајот за работата на Поштата во 2023.
Од 2017 година па навака, Македонска пошта работи со загуби, при што најголемата загуба е евидентирана во 2022 година во вредност од 3,7 милиони евра. Според ревизорите загубите се должат на неплатени кредити, заеми и сметки за струја.
Дополнително Николовски изјави дека зградата на Македонска пошта што настрада во пожар во 2013 година според плановите на претходната власт требало да биде дадена на користење на ресторан со кабаре.
„Знаете дека централниот објект на Македонска пошта настрада во пожар, и јас заедно со министерот за култура со поддршка на европската делегација формиравме работно тело кое работи интензивно на стане мултимедијален музејски центар. Планот на претходното раководство било да го издаде за ресторан со кабаре“, изјави Николовски.
Објектот изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963 година, по пожарот во 2013 година сега е руиниран и веќе една деценија е симбол на системската негрижа за државниот имот и културното наследство.
Претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ се надеваше на европски пари за ревитализација на симболот на градот од постземјотресно Скопје, во период кога администрацијата на Пошта издвои 1,2 милиони евра за тендер за чистење.
Зградата на Македонски пошти е еден од најкарактеристичните објекти од бруталистичката архитектура во постземјотресно Скопје. Изградена е по проектот на македонскиот архитект Јанко Константинов во 1974 година. Во пожарот во 2013 година изгореа муралите на Борко Лазески со кои беше насликана внатрешноста на шалтерската сала, како и голем дел од мебелот и осветлувањето кои беа дизајнирани специјално за поштата.
Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Објектите кои се избрани на оваа листа добиваат помош во форма на експертизи, ресурси и можност за аплицирање за инвестициски грантови.
Уапсен министер во Сараево поради дивоградби на планината Бјелашница
Босанското обвинителство во Сараево го приведе министерот за просторно планирање, градежништво и заштита на животната средина, Бојан Бошњак под сомнение за злоупотреба на положба или овластување. Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) утрото на 15 ноември изврши претреси во зградата на Владата на кантонот Сараево (КС) поради дивоградби на планината Бјелашница. Бјелашница е ланина во централна Босна и Херцеговина, која се наоѓа југоисточно од Сараево и се граничи со Игман.
„Постои сомневање дека тој (Бошњак) дал позитивно мислење за извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, со кој сакал да ги легализира дивите урбанистички проекти во Бјелашница од страна на осомничените Ибра Берил и Надја Милишиќ“, се наведува соопштение на Обвинителството.
Градоначалникот на Трнов Ибро Берило на почетокот на август беше уапсен за дивоградба во Бјелашница. Покрај него, тогаш биле приведени уште три лица.
Обвинителство што ја спроведува акцијата тогаш извести дека „се работи за системска корупција во градежниот сектор и перење пари“.
Градоначалникот Берило беше ослободен од притвор на почетокот на ноември со преземените мерки за претпазливост.
Инаку, Канцеларијата за борба против корупцијата и управувањето со квалитетот на кантонот Сараево (КС) објави мапа во септември 2022 година на која се прикажани местата, главно во Бјелашница, каде што незаконски се сече шумата за изградба на станови и други објекти.
Хрватскиот обвинител го потврди приведувањето на министерот за здравство Берош
Хрватскиот државен обвинител Иван Турудиќ на 15 ноември потврди дека е уапсен министерот за здравство Вили Берош. Во меѓувреме хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши Берош од должноста. Истрагата се води и против едно правно лице за примање и давање поткуп. Турудиќ изјави дека дека Берош се товари за тргување со влијание, додека според истрагата на Европското јавно обвинителство Берош е осомничен и за мито.
Турудиќ вели дека истрагата е под надлежност на Државното обвинителство на Хрватска (ДОРХ) и дека Европското јавно обвинителство (ЕППО) не постапувало согласно уредбите бидејќи не го информирало ДОРХ за истрагата. Тој смета дека ДОРХ е одговорен за овој случај бидејќи се работи за средства од државниот буџет.
„Нема да го контактирам со ЕППО, доколку предизвикаат судир на надлежност, тогаш ќе се одлучува за јурисдикцијата. И за тоа ќе одлучувам јас, односно надлежното национално тело ДОРХ“, рече Турудиќ.
Турудиќ потврди приведување на вкупно тројца осомничени, додека европските обвинители водат истрага против осум осомничени.
Хрватските медиуми јавуваат дека рано на 15 ноември истражителите упаднале во куќата на министерот Берош од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како и кај неколку други високопозиционирани лекари.
Спорна е набавката на двојни микроскопи за неврохирургија, кои биле преплатени.
Некои медиуми објавија дека меѓу уапсените е и Крешимир Ротим, шеф на Клиниката за неврохирургија на КБ „Сестри на милосрдието“, јавуваат хрватските медиуми.
Берош е вториот министер во владата на Пленковиќ кој беше уапсен додека беше на функцијата. Пред него, во 2022 година, беше уапсен тогашниот министер Дарко Хорват под сомнение дека незаконски давал државни стимулации, а во таа истрага беше опфатен и тогашниот вицепремиер Борис Милошевиќ, како и некои други функционери.
Затвор од 5 години за украдени 120 илјади биткоини
За кражба на 120 илјади биткоини од глобалната берза за крипотовалути Битфинекс (Bitfinex) во Соеднитетите Држави е осуден на 5 години затвор 35 годишниот Илја Лихтеншајн. Станува збор за човек роден во Русија а израснат во САД, кој американските обвинители го обвинија за кражба сторена во 2016 година. Вредноста на украдените биткоини во тоа време изнесувала 71 милиони долари, додека сега нивната вредност е зголемена за илјада пати. Цената на криптовалутата Биткоин на 11 ноември за првпат го надмина прагот од 80.000 на платформата Битстамп (Bitstamp)
Ова се смета за најголемата кражба на биткоини во историјата.
Лихтенштајн во судот се изјаснил за виновен минатата година, како и неговата сопруга Хедер Морган, која му помогнала да ги испере парите, купувајќи златни монети и картички за подароци за купување.
Според судските документи, Лихтенштајн ја хакирал мрежата на Битфинекс во 2016 година, и со измама одобрил повеќе од 2.000 трансакции со пренос на 119.754 биткоини од Bitfinex во својот крипто паричник.
Обвинителите во текот на судскиот процес прикажале како Лихтенштајн, со помош на Морган, користел бројни софистицирани техники за перење на пари вклучително и користење на фиктивни идентитети за поставување онлајн сметки, автоматизирање на трансакции, депонирање на украдените средства на сметки на различни darknet пазари и размена на криптовалути.
Според американската судска практика, кога станува збор за враќање на украдениот имот на сопствениците, тие во посебна судска постапка можат да поднесуваат барање за враќање назад на нивните биткоини.
Во февруари догодина ќе биде објавен следниот повик на Владата за општините
Наредниот повик на Владата за поддршка на општините ќе биде објавен во февруари или март наредната година, во зависност од подготвеноста на општините изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по одржувањето на годишната конференција на граѓански организации: „Соработка меѓу Владата и граѓанското општество“ која се одржа во Скопје.
За општините, олеснувања се и донесените измени на законот за градежно земјиште со што ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии при изградба на училишта и градинки.
„Донесовме закон во парламентот, измени во законот за градежно земјиште каде што сите оние јавни објекти како што се градинки, училишта кои се сопственост на државата ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии. Имаше случаи во Скопје, градот Скопје, знаете таму состојбата каква е да го издолжува периодот, да не ги ослободува општините во Скопје од комуналии, па тие не може да отпочнат со градба на градинки, училишта итн. и сега со овој закон и таа пречка е отстранета“, изјави премиерот.
Со донесените измени, посочи претседателот на Владата, очекува да се градат градинки, училишта и да се воведе едносменско учење што е дополнителна вредност и за родителите и за учениците.
Премиерот смета дека едносменското учење во основните училишта, што е владина определба, ќе овозможи поголема сигурност за родителите и е добра можност за учениците да стекнат нови пријателства, да другаруваат и да разменуваат знаења.
„Тоа значи ќе мора да има градежни интервенции во некои училишта каде има двосменско работење во некои од општините, не во сите и сега ако сè уште ние бевме заложници на однесувањето на Градот Скопје и на поединци таму, тогаш ќе требаше оваа политика којашто е додадена вредност за родителите и за децата да почека. Но, еве и тоа се надмина и мислам дека добро одат работите“, изјави премиерот Мицкоски.
За претходниот повик дел од општините требаше да достават дополнителни документи, за што информациите треба да ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.
На првиот повик, четири општини не добија пари од кредитот, бидејќи задоцниле со документите. За нив рокот за достава на документацијата беше продолжен до 15 ноември.
Општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит веќе ги потпишаа договорите. Вкупно се потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот.
Одложен е тендерот со понуди за цената на струјата по која ќе се снабдува ЕВН Хоум
ЕВН Хоум од технички причини и на барање на понудувачите за дополнителен период за доставување понуди го одложи за 28 ноември тендерот на кој треба да биде доставена понуда за цената со која ќе го снабдуват универзалниот снабдувач по 1 јануари.
За 27 ноември, како што информираат од ЕВН Македонија, е одложен и тендерот на Електродистрибуција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во системот.
Досега понуда на тендерот на ЕВН Хоум доставуваше државната компанија АД ЕСМ. Од тоа каква цена ќе понудат и колку од потребите на универзалниот снабдувач ќе задоволат, најмногу зависи какви сметки ќе имаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари.
Моментално ЕСМ задоволува 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум по цена од 60 евра за мегават час. Се очекуваше денеска (15 ноември) државната енергетска компанија да достави понуда на тендерите на ЕВН Хоум и Електродистрибуција.
Премиерот Христијан Мицкоски пред некој ден изјави дека доколку има зголемување на цената на струјата, тоа ќе биде минимално, од еден до три проценти.
ЕУ со раст од најмалку 1,5 отсто во следните две години
По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот.
ЕК во извештајот предвидува раст на БДП во 2024 година на 0,9 отсто на ниво на цела ЕУ и од 0,8 во Еврозоната. За следната година се прогнозира економски раст од 1,5 проценти во ЕУ и 1,3 отсто во Еврозоната, додека за 2026 година се проценува зголемување на БДП од 1,8 отсто на ниво на целиот блок и од 1,6 проценти во еврозоната во 2026 година.
Во однос на стапката на инфлација се предвидува нејзино намалување на ниво на ЕУ на крајот на годинава од ланските 6,4 на 2,6 проценти, а во следните две години се прогнозира нејзино натамошно намалување на 2,4 отсто во 2025 и 2,0 проценти во 2026 година.
Извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис оцени дека постојаното закрепнување на економијата на ЕУ, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст во следната година со зголемената потрошувачка, благодарение на зајакнувањето на куповната моќ, рекордно ниската невработеност и очекуваниот раст на инвестиции.
„Сепак, со оглед на актуелната геополитичка несигурност и многуте ризици, не можеме да си дозволиме да бидеме самозадоволни. Треба да се справиме со долготрајните структурни предизвици, да ја зголемиме продуктивноста и да се погрижиме економија на ЕУ да остане глобално конкурентна“, изјави Домбровскис.
Според него, од витално значење е земјите членки на ЕУ да ги спроведат сите реформи и инвестициски планови за закрепнување и отпорност и да ги намалат нивоата на јавниот долг во согласност со новите фискални правила.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, пак, порача дека европската економија полека закрепнува, со намалување на инфлацијата, растот на домашната потрошувачка и инвестициите и со намалување на невработеноста на рекордно ниско ниво.
„Сепак, структурните предизвици и геополитичката неизвесност влијаат на нашите идни перспективи. Земјите членки ќе мора да работат на намалување на нивото на долгот и истовремено поддржувајќи го растот“, оцени Џентилони.
Тој порача дека зајакнувањето на конкурентност на ЕУ преку инвестиции и структурни реформи е од клучно значење за поттикнување на потенцијалниот економски раст и за надминување на растечките геополитички ризици.
Мемеди: Се води кампања против мене и Клиниката за детски болести
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, а тоа како што вели, го правеле преку злоупотреба на детски судбини.
„Имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на денешната прес-конференција (15 неомври).
Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.
Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години. Кујната е во амортизирана состојба, а надвор од употреба е и хидрофорот од кој се напојуваат со вода хидрантите, вели директорот.
„Кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба, со инвентар што е над 20 години стар, што е многу тешко да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани. Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостиг на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што ни се по спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, денеска да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Лифтовите се над 40 години стари, значи и двата лифта се вон функција и пред да дојдам јас на оваа функција. И никој не се нафатил да го решава овој проблем, а нашите пациенти се качуваат по скали“, рече Мемеди.
Мемеди информираше дека кога стапил на функцијата, имал десетици барања, немало апарати за мерење притисок, монитори и друго, а на прашање дали специјализанти сами се оставаат на дежурство, тој одговори дека специјалистите биле секое време присутни, бидејќи и тие дежурале.
„Недостигот на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата клиника, да, дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника? Тоа прашање треба да се анализира“, смета Мемеди.
Тој нагласи дека во однос на забелешките од надзорните комисии за трите починати деца изминатиов период, само во едниот случај имало стручни забелешки. Околу преземените мерки за двајца лекари за смртта на 14-месечното бебе, директорот појасни дека согласно законските задолженија, тој формирал комисија за утврдување одговорност за дисциплински престап врз основа на извештаи официјални од Комисијата за стручен надзор и истакна дека постапката е во тек.
Комисијата има законски рок од 60 дена да одлучи за мерките за одговорност за конкретните лекари.
Орбан: ЕУ треба да ги преиспита санкциите против Русија, за да ги намали цените на енергијата
Европската Унија треба да ги преиспита санкциите против Русија бидејќи тие ги одржуваат високи цените на енергијата, попречувајќи ја економската конкурентност на ЕУ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Водачите на ЕУ потпишаа декларација за конкурентност минатата недела на неформален самит.
„Цените на енергијата треба да се намалат со сите средства. Тоа значи дека санкциите треба да се преиспитаат бидејќи според сегашната политика на санкции, цените на енергијата нема да паднат“, изјави Орбан во интервју за унгарското јавно радио, а пренесе Ројтерс.
Орбан рече дека американските компании плаќаат четвртина од она што нивните европски колеги го трошат за гас и електрична енергија, недостиг што не може да се надмине со други средства.
Откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година, Орбан се појави како гласен критичар на санкциите на ЕУ против Москва.
Додека западноевропските земји вложија сериозни напори да се оддалечат од руската енергија, Унгарија која излегува на море добива 80-85 отсто од својот гас од Русија, а 80 отсто од суровата нафта исто така доаѓа од поранешниот комунистички сојузник.
Епл ги отстранува објавите на независните руски медиуми
Американскиот технолошки гигант Епл (Apple) наводно отстранил или сокрил неколку подкасти на руски јазик продуцирани од независни медиуми.
Новинската куќа „Медиазона“ на 14 ноември објави дека новите епизоди од онлајн радио станицата „Ехо Москва“ и истражувачкиот медиум „Инсајдер“ повеќе не се достапни во Русија. Најверојатно е отстранет и рускиот сервис на БиБиСи.
Достапни се постари епизоди кои датираат од пред повеќе од една недела, објави Медиазона, а корисниците надвор од Русија сè уште можеа да пристапат до сите епизоди.
Засега нема коментар од Епл, кој исто така го отстрани или блокираше пристапот до некои VPN адреси и некои апликации во Русија. И апликацијата Current Time на РСЕ беше меѓу отстранетите, а Епл тоа го направи на барање на рускиот медиумски регулатор, Роскомнадзор.
Во последниве години, руските власти ги забрзаа напорите за построго регулирање и контрола на содржината на интернетот на руски јазик, неформално познат како RuNet.
Веб-страниците како X или Facebook беа „задушувани“ во минатото во, како што велат експертите, тестови од регулаторите за филтрирање на содржината или пренасочување на руските корисници.
Платформата за видео стриминг YouTube во сопственост на Google, која беше во голема мера недопрена од регулаторите, имаше големо забавување почнувајќи од ова лето.
Некои официјални лица ја обвинија застарената опрема во Русија, опремата што Google не можеше да ја одржува поради санкциите од Западот. Но, според други „деградацијата“ е намерна, со цел да ја забави платформата и да ги фрустрира гледачите, во обид да ги поттикне кон домашните руски алтернативи кои се построго контролирани.
На 14 ноември, интернет-мониторите известија дека платформата YouTube во Русија е вратена во нормална брзина и дека е целосно достапна низ земјата.
Други напори на регулаторите да го контролираат RuNet вклучуваат инсталирање софистициран хардвер за следење, вршење притисок врз големите интернет компании додека не се продадат на попустливи сопственици како и нарачување на глобалните технолошки гиганти за да се осигураат дека нивните сервери се достапни за регулаторите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете