Достапни линкови

Солаковски добитник на наградата „Златен лист - Владимир Георгиевски“


Делото на Димитар Солаковски, „Детето на Белото море“
Делото на Димитар Солаковски, „Детето на Белото море“

Во конкуренција од 15 македонски творци учесници, на петтото издание на проектот „Несовршен простор“ на Здружението за култура Транзен од Струмица, битолскиот уметник Димитар Солаковски е добитник на наградата за ликовно дело „Златен лист - Владимир Георгиевски“.

Делото на Димитар Солаковски, „Детето на Белото море“ е една прилично смела, директна и специфичнo решена композиција, која истовремено носи тивка суптилна поетска приказна. Толку интимно, а сепак универзално, затоа што колку подлабоко патуваме низ привидните суштини на поединечните форми, гледаме дека на крај сите завршуваат во една суштина. Тука е прикажан моментот на вечноста. Запомнетото што избледува, а не се заборава.

Ова ќе го забележи како член на жири комисијата сликарот Владимир Илиевски за делото на неговиот колега Димитар Солаковски, кое беше одбрано да ја добие наградата за ликовно дело „Златен лист - Владимир Георгиевски“. Ова признание петта година по ред, во чест на великанот на македонската ликовна уметност, во рамките на својот проект „Несовршен простор“ го доделува Здружението за култура ТРАНЗЕН од Струмица.

Сликите, цртежите, графиките, колажите, скулптурите, одделени од ателјето, лутаат низ апсурдниот свет на чудата. Бездомни дела кои заглавиле низ лавиринтите на ентериерите. Чудниот спој на несинхронизирани простори, вештачки светла и самотија, молк околу сликите и скулптурите, рамнодушност пред творечката креација, тоа се фантасмагоричните феномени на нашето време. На оваа изложба, пак ќе се потсетиме: Зошто уште постои уметноста?! Затоа што постојат уметниците!, заклучуваат од ТРАНЗЕН.

Тие и со појаснување дека петтата изложба од проектот „Несовршен простор“ е реализирана во соработка со Друштвото на ликовни уметници Битола (ДЛУБ), а од таму потрагата по нови места за изложување овојпат се заокружи со „освојувањето“ на Галеријата на Културниот центар „Магаза“ во градот под Пелистер.

Темата на изложбата е „Траги во просторот“. Да оствариме контакт со празниот простор, да го исполниме со присуство, или да ја пронајдеме празнината на пределот кој се шири во перспективата пред нас. Нешто поминало низ пределот, оставило трага. Или не? Каде се границите на просторот? Ги знаеме ли нашите патеки? Кои се трагите по кои се движиме? Кои сме и зошто трагаме низ просторот? Она кое го оставаме како знак, ќе истрае ли? Или сé ќе биде како пепел расеано низ времето. Секоја потрага остава и трага.

Го откриваме знакот во пејзажот. Нешто што ни оставило силен впечаток, нешто кое не можеме да го заборавиме и постојано се враќа, како во сон. Нешто што сраснало со просторот. Сеќавање на нашето или туѓото присуство во празниот простор. Некој оставил трага, некој не успеал да ја открие, но некој ја маркирал засекогаш.

На оваа изложба, уметникот треба да го пронајде својот внатрешен пејзаж. Со повторно разоткривање на смислата на нашето присуство во празниот простор, пишува Никола Пијанманов од ТРАНЗЕН.

А на годинашната тема „Траги во просторот“ свои потраги имаа и Илија Маџаров, Тони Попов, Александра Петрушевска Ристовска, Марија Трајаноска, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Љупка Галазка Василев, Славица Милева, Дејан Иванов Маргуш, Орце Нинески, Љубица Мешкова Солак, Ѓорги Динев, Горан Јованов и Верица Арапова.

„На покана на мојот колега Никола Пијанманов прифатив да учествувам на изложбата Несовршен простор и навистина сум пријатно изненаден и почестен од доделувањето на наградата Владимир Горгиевски. Иако се работи за дело кое е кое е изработено пред неколку години сметам дека неговата актуелност е постојана...Разми ислував за учеството во било какви и да е настани, изложби овие години се трауматични, се повлеков верувам и други уметници така се чувствуваат. Го поздравувам обидот на колегите ентузијастички да внесат живот во македонската ликовна сцена но...живееме во општество кое ги девалвира нашите интелектуални и креативни капацитети и потреби... “, вели уметникот Димитар Солаковски.

Димитар Солаковски
Димитар Солаковски

Роден 1975 година во Битола, Солаковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со конзервација и реставрација во класата на проф. Танас Луловски. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на ИКОМОС, а во периодот од 2008 до 2011 година беше претседател на Друштвото на ликовни уметници на Битола.

Долго време работел на конзервациско-рестраврациски проекти во родниот град и во Охрид, автор е на повеќе илустрации за книги и публикации. Самостојно изложувал во 2003 година во Уметничката галерија во Битола, во јануари 2014 година своите „Митолошки слики“ ги претстави во КИЦ во Скопје, а нешто потоа беше учесник и на изложбата што се одржа во берлинскиот Прима центар на Јован Балов.

Учесник е на бројни групни постановки, домашни и интернационални сликарски колонии, а за своето творештво сем што бил биран за најдобар студент на ФЛУ и универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, добитник е на наградата „Франц Манинг“ и на Наградата за ликовно остварување за 2012 година - „Борислав Трајковски“ на традиционалната Ноемвриска изложба.

Говорејќи за себе и за сопствениот творечки израз, Солаковски во една прилика ќе рече дека се обидува да биде што поаналитичен бидејќи милува да му се прочистени и мислите и сликите.

„Повеќе сум присутен на групните изложби затоа што за самостојните треба да составите поквалитетен одбир и сето тоа да има одреден концепт со кој ќе испратите некоја јасна порака. Квантитетот на изложби не е секогаш пресуден за развојот на еден автор“, рече Солаковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG