Најголемата опозициска партија во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ најавува активна блокада на Собрание од 10 мај, со што сака да предизвика предвремени парламентарни избори. Се планира активна блокада на сè, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој рече дека ќе ѝ предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да блокира сè останато во Парламентот преку филибастеринг, односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.
„Во најмала рака ова е процес кој што ќе трае повеќе месеци, се додека оваа влада не се вразуми. Однапред им се извинувам на граѓаните за период што ќе следи пред нас. Но, мора да не разберат, поддршка ни е потребна, охрабрување ни е потребно од нив, ни треба општествена поддршка за да си ја спасиме Македонија, затоа што ако оваа влада остане уште еден ден повеќе Македонија ќе има помалку на сметка на нив. Затоа почекајте, ќе следат повеќе чекори. Со ова само започнуваме. Не можам да дозволам иднината на Македонија да се крои во Мала речица. Иднината на Македонија ќе ја кројат граѓаните на Македонија, а не тие што се таму сега во Владата“, изјави Мицкоски на 4 мај во одговор на новинарски прашања.
Власта обвинува за деструктивност
Владејачката СДСМ реагира дека Мицкоски одлучил „по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски“.
„Со најавите за уште поголеми блокади, Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата. Со ваквите недржавнички постапки Мицкоски носи штета единствено на граѓаните“, рече на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, коалициониот партнер во власта, вели дека блокирањето на Парламентот во услови на криза е енергија на деструкција.
„Владата е единствена и апсолутно јасна во своите определби и ништо нема да ја поколеба во остварување на целите… Јавноста со право е фрустрирана поради економските текови кои се поврзани со надворешни фактори, како и од пандемијата и од забавувањето на европските текови, но работа на Владата е да ги води и предводи работи, а не да јава на расположенијата на граѓаните. Граѓаните се фрустрирани, но тие гледаат постратешки од многу политичари“, вели Бујар Османи.
Блокадите на Собранието се многу популарни во последните години
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека блокадите на Собранието во суштина се штетни иако се многу популарни во последните години. Тој вели дека ги разбира дел од аргументите на опозицијата, како тоа дека не се вклучени во одлуките или дека има недостаток на дијалог.
„Тоа држи како причина за незадоволство и тоа треба да биде охрабрување за владејачкото мнозинство опозицијата да биде вклучена во донесувањето на одлуките. Од друга страна и опозицијата треба да е свесна дека е опозиција и дека владејачкото мнозинство е тоа кое одлучува и кое сноси одговорност за одлуките кои ги носи“, вели Муслиу за РСЕ.
Тој додава дека поприфатлива е најавата за протести отколку за блокада на Собранието.
Зошто премиерот одби средба со Мицкоски?
Мицкоски пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори, а во спротивно се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“. Ковачевски одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори, туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.
Муслиу вели дека премиерот и лидерот на опозицијата треба да имаат почеста комуникација и почести средби, но поканите за средба да не бидат условувани.
„На тоа се задолжени од самиот факт што претставуваат голем број на граѓани, но да не се прави дрма од тоа, тоа го прават по цел демократски свет, луѓето комуницираат. Нивните лични, персонални анимозитети треба да ги стават на страна ако сакаат да претставуваат поголеми групи на граѓани, така што во тоа не гледам ништо лошо. Но со условувани покани шансите тие средби да се реализираат се помали“, вели Муслиу.
Од опозициската партија му забележуваат на Ковачевски и на владата дека го одбиваат дијалогот и понудената помош од стручни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ во областите образование, здравство, економија и надворешна политика.
Муслиу вели дека би било добро доколку опозицијата и власта во државата може се договорат за стратешки планови и стратегии по кои ќе се постапува со децении, но како што вели, далеку сме од тоа.
Како завршувале блокадите досега?
Блокадите на Собранието не се ништо ново. Речиси и да нема собраниски состав без некоја партија да го напушти Парламентот, да се одолговлекуваат дебати, да се заструпува собранието со амандамни...
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија од 1994 до 1998 не беа дел од парламентот, откако го бојкотираа вториот круг од парламентарните избори со обвинувања дека се украдени. СДСМ си го истера цел мандат без опозиција, а во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите.
На 26 јануари 2007 година, пратениците на ДУИ го напуштија Собранието во знак на револт поради легислативата која беше изгласана со Бадентеровиот принцип, а ја изгласаа пратениците на ДПА и помалите етнички групи. ДУИ бараше владата да ја формираат победниците во албанскиот и во македонскиот политички блок, а ДПА тогаш беше дел од владата со ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што ДУИ имаше повеќе пратеници.
На 29 мај, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го потпишале тн. мајски договор, со посредство на претставници на меѓународната заедница. Дипломатите тогаш брифираа дека Мајскиот договор не е за да се договори начинот на кој ќе се формира влада, туку за да се врати дијалогот во Собранието. По изборите од 2008 година, ДУИ влезе во владата на Никола Груевски. Сепак, во 2017 година, ДУИ не формираше влада со нивниот децениски коалициски партнер, туку влезе во владата на Зоран Заев и СДСМ. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеа дека тоа значи напуштање на мајскиот договор, односно на принципот победник со победник, но претставници на ДУИ негираа.
На почетокот на 2011 година, пратениците од СДСМ објавија бојкот на парламентот поради судската блокада на сметките на тогашната А1 телевизија и весниците поврзани со нејзиниот сопственик Велија Рамковски. СДСМ тогаш образложи дека Македонија не е ни слободна, ни демократска држава. Блокадата предизвика предвремени парламентарни избори во јуни, на кои повторно победи ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2012 година, ДУИ со 15 илјади амандмани го блокираше предложениот Закон за бранители, а пратеникот Талат Џафери тогаш земаше збор и читаше поезија или само молчеше за да го блокира законот, кој не беше донесен.
При носењето на буџетот за 2013 година, опозицијата поднесе над 1200 амандмани и го закочи донесувањето. Власта на 24 декември 2012 година, со сила, прво ги исфрли новинарите, а потоа и пратениците од Парламентот и го изгласа буџетот. СДСМ тогаш најави дека не се враќа во Парламентот и повика на граѓанска непослушност. СДСМ се врати во Парламентот во август таа година, откако беше потпишан извештај од страна на Комисијата за настаните од 24 декември. Неколку месеци подоцна, во април 2014 повторно имаше предвремени парламентарни избори.
Во 2014 година, пратениците на СДСМ излегоа од парламентот и ја бојкотираа неговата работа 15 месеци, со тврдење дека изборите од 2014 година биле нерегуларни.
Во 2015 година, тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев почна да објавува нелегално прислушувани разговори снимени од УБК, таканаречените „бомби“. Политичката криза беше решена со потпишување на Пржинскиот договор, што доведе до измени на изборниот законик и формирање Специјално јавно обвинителство.
Во декември 2016 се одржаа предвремени парламентарни избори, по што во мај наредната година СДСМ и ДУИ формираа влада.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со бесконечни реплики и контрареплики спречуваа Талат Џафери да биде избран за претседател на парламентот, а на 27 април 2017 демонстранти упаднаа во Собранието и тепаа пратеници. Сепак, Џафери беше избран, а новата влада конституирана.
Во август 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ со бесконечни реплики и контрареплики, како и со рецитирање поезија, го одложуваше разрешувањето на тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски, но на крај тој беше разрешен.
Во 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ со 35 илјади амандмани се обиде да го блокира донесувањето на Законот за јазици, со кој албанскиот јазик стана службен во цела Македонија, но законот на крај беше изгласан.
Во декември 2019, ДУИ ги блокираше измените на Изборниот законик со над 5 илјади амандмани. Измените предвидуваа Македонија наместо 6, да биде една изборна единица, како и воведување отворени листи за советници на локалните избори. Измените не беа донесени.
Во 2021 година, Левица со стотици амандмани ги блокираше измените во изборниот законик со кој се бараат повеќе потписи за независни листи. Измените не беа донесени. Левица со 1500 амандмани го блокираше законот за лични карти со новото уставно име Република Северна Македонија, но власта ја заобиколи блокада и со подзаконски акт го регулираше изгледот на личните карти.