Достапни линкови

Кога се нема доверба во државата - се трупа масло и се одбиваат вакцини


Министрите за екомомија и земјоделие, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски во посета на фабрика за масло во Велес
Министрите за екомомија и земјоделие, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски во посета на фабрика за масло во Велес

Недовербата во институциите доведуваат до тоа граѓаните со страв да ги прифаќаат повиците на властите да не се трупаат залихи на зејтин, купуваат девизи или дека е потребно сите да се вакцинираат. Експертите решение гледаат во колективното зреење и искреноста на надлежните кога има проблем.

Кога властите побараа граѓаните да не трупаат залихи зејтин, уверувајќи ги дека зејтин ќе има, многумина го сторија токму спротивното. Многумина не ги послушаа и пораките на институциите дека нема потреба да се купуваат купуваат девизи, непосредно по почетокот на руската воена инвазија во Украина.

Во време на вакцинација против Ковид 19, пак не помогнаа ниту сликите со политичари на вакцинални пунктови, ниту пак повиците на здравствените институции, за да порасне нивото на вакцинирано население во земјава. Така, во Македонија се вакцинирани само 40 отсто од граѓаните. Во Данска на пример, над 80% примиле вакцина против Ковид 19.

Дури и тогаш кога пораките на институциите и политичарите се разумни и за „доброто на сите“, голем дел од граѓаните решаваат да постапат спротивно, со сомнеж примајќи ги ваквите пораки.

Зошто граѓаните не ѝ веруваат на власта и во време на кризи?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

„За сите работи, можеш да им веруваш некаде 10 % другото е се е тешко да им веруваш, се лажат за нешто. Така што, тешко на Македонија да им веруваш тука на политичарите, на никој. Да си размислиш убаво прво, па после да го направиш чекорот дали да им веруваш или не“, вели младиот Виктор Михајловски кој го анкетиравме во центарот на Скопје.

Со него се согласуваат и многу повозрасните, како еден пензионер кој забележа дека по 30 години тапкање во место, независно кој е на власт, не верува никому.

„Совеста ме тера да слушам, не дека нив ги слушам, дека така треба да се постапи. Пред некое време министерот за земјоделство мислам имаше изјава – еве излезете од тука, ќе најдете веднаш масло за јадење. Мора да е слеп човекот, не излегол никаде или не бил во самопослуга, никаде немаше масло за јадење. А упорно тоа го тврди дека имало. Мислам, народот го прават глуп“, забележува пензионерот.

Љубомир Котевски пак, исто така од повозрасната генерација, вели дека мора да се верува на пораките разумните пораки „инаку би биле изгубени“.

„Во тоа мора да се верува, затоа што ако лажат ке биде очигледно. Ќе го нема зејтинот. Што се однесува до вакцините, светска медицина тоа го препорачува, па зашто да не им верувам на нашите доктори“, забележува Котевски.

(Не)Довербата е клучна

За комуникологот Бојан Кордалов, ваквото однесување е многу очекувано во комплексна земја која не вложува подеднакво кај сите свои граѓани, а каде има високо ниво на недоверба во власта и институциите. Оваа недоверба, вели тој, е создавана со децении, а причината за тоа ја гледа во премолчувањето на проблемите од оние кои треба да ги решаваат.

„Не се отвораат проблемите кои што граѓаните ги мачат од самиот почеток. Најчесто за проблемите се говори кога сме пред свршен чин, и тогаш институциите почнуваат да го признаваат проблемот. А дотогаш или го маскираат, или го кријат или го негираат. И вас кога во континуитет 30 години ви се случува негирање на нешто што реално постои, но признавање кога ќе дојде до самиот ѕид, нормално дека се создава недоверба. И тоа не се случува само еднаш, туку се случува постојано“, забележува Кордалов.

Така на пример, како што забележа и еден од анкетираните граѓани, кога неодамна министерот за земјоделство, Љупчо Николовски смируваше со изјавата „Има доволно зејтин за сите“, во поголем дел од маркетите зјаеа празни полиците каде што обично стои сончогледовото масло за јадење. Неколку дена подоцна , и министерот за економија Крешник Бектеши побара граѓаните да не трупаат залихи, сликајќи се во магацин полн зејтин.

Меѓутоа сето тоа очигледно не беше доволно убедливо за граѓаните, кои продолжија да купуваат некое литро плус, стравувајќи дека цената уште ќе расте. Пред Нова година литар чинеше 60-тина денари, а сега е над 130 денари за литар.

Недовербата е клучна, вели психологот и истражувачка, Ана Блажева која забележува дека сега таа е засилена поради реалниот страв кај граѓаните како резултат на пандемијата, кризата и војната во Украина. Таа објаснува дека кога граѓаните не гледаат дека системот ги заштитува, тогаш се вртат кон тоа што самите можат да го направат.

„Така што во комбинација недовербата и стравот креираат едно однесување кое што е повеќе разумно во функција на она што луѓето го сметаат дека нив првенствено ќе ги заштити.И ако немаат доверба во институциите и властите се свртуваат кон себе и кон тоа што самите можат да го направат во дадена ситуација“, вели Блажева.

Тука ја гледа и главната разлика во однесувањето кај нас, споредено со западните држави.

„Разликата е токму во тоа колку граѓаните се чувствуваат безбедни и заштитени од страна на институциите за да се доверат на препораките што институциите им ги даваат или не. Во нашиот случај за жал нели резултатот е полош и за граѓаните и за институциите“, забележува Блажева.

Социологот Фатон Мурсели пак ова однесување го забележува и во поширокото опкружување. Вели дека и неговите истражувања покажале дека само мал дел од граѓаните имаат доверба во нашите институции, што го забележува како своевиден феномен на целиот Балкан.

„Ова доаѓа заради многу фактори, како стравот и сиромаштијата на овие места. Граѓаните немаат доверба во политиката воопшто“, вели Мурсели кој додава дека проблемот дополнително е подгреан во кризни времиња, како војна или пандемија.

Нема магично стапче за решавање на проблемот

Повеќе истражувања направени во текот на на минатата година, покажаа дека граѓаните имаат ниска доверба во голем дел од институциите, но и во повеќето учесници во политичкиот живот.

Така, истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивлис“ покажа нагласена недоверба кон политичките елити. Довербата во најважните демократски институции на земјава како што се Собранието, Владата, Претседателот на државата и судството, е на ниско ниво. Така, изразено во просечна оценка од 1 до 10, граѓаните на Собранието и Владата им дале само 3.5. Највисока оценка добил Претседателот на државата 4.4, а најниска судството 2.8.

И последниот „Еврометар“, традиционално истражување на Евротинк, кое меѓу другото ја мереше довербата на граѓаните во институциите, покажа ниска доверба во институциите како судството, владата, претседателот. Податоците од ова истражување покажаа и дека задоволувањето на базичните егзистенцијални потреби, односно економската безбедност, е главната причина за несигурност на граѓаните, на исто рамниште со стравовите по сопственото здравје и здравјето на најблиските.

Според Мурсели, ако државата, односно политичарите и институциите сакаат нивните пораки да бидат прифатени од граѓаните, мора политичките лидери сериозно да ги сфатат критиките и да работат на нивно решение подолг временски период.

Блажева пак смета дека на граѓаните мора да им се понуди чувство на извесност и безбедност, затоа што стравот може да биде смирен со „уверување дека имаме на што да се потпреме, дека можеме да веруваме на сопствените капацитети и дека имаме перспектива кон што да се движиме“.

„Нема магично решение. Прашање е колку ние сме поддржани во овој момент да зрееме и колективно исто така. Затоа што стравот не води во тоа нели секој да гледа за сопственото спасување, но во ова сме заедно и според мене многу е важно и можеби и клучно би било конечно некоја власт да почне да се осврнува и да ги јакне тие врски што нас не држаат заедно“, вели Блажева.

Кордалов пак смета дека за почеток мора да се признае кога имаме проблем, да започне соработка меѓу сте политички чинители и да се стават професионалците напред.

„Граѓаните мора да видат дека институциите и политичките структури работат на решавање на проблемот. Значи дека признаваат дека има проблем, бидејќи очигледно има криза сегде во светот, не е домашна криза, и дека работат на нејзино решавање и ги повикуваат сите да се вклучат. Тоа ке ја смени ситуацијата на доверба. Не може за 30 години се да надоместите, но мора да се почне“, дециден е Кордалов.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG