Достапни линкови

Една година вакцинација, половина свет вакциниран


Во светот досега се дадени над 9 милијарди дози од вакцината против ковид-19. Вакцинацијата во поразвиените земји во светот стартуваше пред една година, а во земјава масовната вакцинација почна неколку месеци покасно. Најмногу вакцини се дадени во Кина, потоа во Индија и во САД. Најмногу вакцинирани во Европа има во Португалија. Целосно е вакцинирано половина од светското население, а барем една доза примиле 57 отсто од сите луѓе во светот. Во Македонија над 40 отсто од населението примило вакцина.

Вакцината на Фајзер/Бионтек беше одобрена во ЕУ и во САД пред крајот на минатата година и веднаш почна вакцинацијата во ЕУ, САД и во Израел. Во декември 2020 почна вакцинацијата и во Србија, а во јануари годинава почна масовна вакцинација и во Русија и во Турција. На почетокот на годинава, Израел беше рекордер во вакцинација, а тогашниот премиер Бенјамин Нетанјаху најавуваше дека до крајот на март Израел ќе го вакцинира целото население над 16 години, но кога вакцинацијата достигна до 60 проценти од населението, темпото забави.

Во Македонија вакцинирани над 40 отсто од населението

Вакцинацијата во Македонија почна во февруари годинава, кога се вакцинираа околу 5000 здравствени работници со вакцини Фајзер подарок од Србија. Во март и во април македонските граѓани почнаа да се вакцинираат во Србија, а потоа во април и во мај во Македонија се вакцинираа уште 40 илјади луѓе од критичната инфраструктура со вакцини на Спутник. Сепак, масовната вакцинација почна на почетокот на мај, кога пристигнаа кинеските вакцини Синофарм, а потоа и Синовак. Првин вакцинацијата се одвиваше со закажување преку платформата „вакцинација.мк“, но од средина на јули луѓето се вакцинираа без термини.
Интересот за вакцинација се зголеми кон средината на август, кога се воведоа сертификати за вакцинација за влез во угостителски објекти или за поминување на државната граница. Во Македонија досега се вакцинирале скоро 840 илјади луѓе, односно над 40 отсто од населението, но интересот за вакцинација речиси и да исчезна.

Од крајот на септември во земјава почна да се дава и трета доза од вакцината.

Министерството за здравство постојано укажува на важноста на вакцинација.

„Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, наведуваат од Министерството.

Петличковски – Вакцините функционираат одлично, но има малку вакцинирани
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:19 0:00

Пановски – Само вакцината е спас е излитен став

Микробиологот Никола Пановски, кој од самиот почеток ја следи состојбата со пандемијата и дава совети во јавноста, во дебата посветени на две години од појавата на ковид, рече дека за вакцинацијата властите требало да бидат потранспарентни, поискрени и да одговорат со факти.

„Се оди со излитен став „само вакцината е спас.“ И целосно го игнорираат природно стекнатиот имунитет. Тоа е нечуено, во историјата на медицината. И сега имаме, на една страна антиваксери, а од друга страна вакцинални фанатици меѓу кои е и Комитетот за имунизација кој вика дека „ние силно веруваме дека вакциналниот имунитет е супериорен во однос на природниот“, притоа не ги интересираат ни бројки ни наука а нив ги слушаше досегашниот министер и досегашниот премиер. И меѓу едните, антиваксерите, и другите, вакциналните фанатици, имаме исплашени и збунети граѓани. Кога немаше вакцини, па кога дојдоа, кога викавме дека тоа е спас, а не ги силувавме луѓето, тие масовно одеа да се вакцинираат во Србија. Кога почна силувањето на луѓето, без факти, одејќи дури и кон децата од две или пет години, имаме контраефект. Луѓето гледаат и ги одмеруваат работите“, рече Пановски.

Обединетите Арапски Емирати рекордер по вакцинација, најмногу вакцинирани во Европа има во Португалија

Рекордер во вакцинација се Обединетите Арапски Емирати, каде што барем една доза вакцина против коронавирус примиле 99 отсто од жителите. Втора е Куба со 92 отсто.

Најмногу вакцинирани во Европа има во Португалија, каде што барем една доза вакцина примило 90 отсто од населението. Во Шпанија се вакцинирани 85 отсто, во Италија 80 отсто, а во Франција 78 отсто од жителите. Целосно е вакцинирано половина од светското население, а барем една доза примиле 57 отсто од сите луѓе во светот. Опфатот на вакцинација во субсахарска Африка е понизок од 10 отсто.

Највисока вакцинација во регионот има во Грција, најниска во Босна и Херцеговина и Бугарија

Од балканските земји најмногу вакцинирани има во Грција, каде целосно се вакцинирани 67 отсто од населението. Во Словенија има 57 отсто вакцинирани, а во Хрватска тој проценти изнесува 47 отсто. Овие три земји се членки на ЕУ. Во Бугарија која исто така е членка на Унијата, вакцинацијата е на ниско ниво и таму целосно вакцинирани се 30 проценти од населението. Најнизок процент има во Босна и Херцеговина од речиси 30 отсто, потоа во Албанија каде 39 отсто од населението примило две дози вакцина, а повисок процент на вакцинација од кај нас има во Косово 44, Црна Гора 45 и Србија, 48 отсто од населението.

Во светот досега се дадени над 9 милијарди дози од вакцината. Најмногу се во Кина, каде што досега се употребени 2,8 милијарди дози, во Индија 1,4 милијарди дози, а во САД околу 500 милиони дози.

Речиси во сите земји спласнува интересот за вакцинација на нови луѓе, а се зголемува интересот за трета доза од вакцина кај веќе вакцинираните. Во Велика Британија, 47 отсто од жителите примиле трета доза вакцина, а во Израел 45 отсто. Во Македонија трета доза вакцина примиле над 4 отсто од жителите, односно над 80 илјади луѓе.

Светската здравствена организација на 23 декември соопшти дека најмалку 126 земји во светот веќе издале инструкции за давање дополнителна доза на вакцината или за дополнителна вакцинација на децата, а 120 од нив веќе започнале кампањи на тој план. Огромното мнозинство се богати или земји со среден приход, додека ниту една сиромашна земја сè уште нема воведено дополнителна програма за вакцинација, се вели во соопштение на одборот на СЗО.

Светот се соочува со нов сој на вирусот, наречен омикрон, и поради тоа многу земји воведоа или ги засилија постоечките анти-ковид мерки за божиќните и за новогодишните празници. Но здравствените власти во земјава велат дека нема потреба од нови мерки.

„Не можеме ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките, сè до еден момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки. Сметам дека тоа што се бара задолжителна вакцинација, мерките за да не се преполнуваат затворените простории, навистина се сосема доволни. Животот постепено се нормализира, некаде е целосно нормализиран“, рече министерот за здравство во заминување Венко Филипче. Тој нема да биде дел од новата влада која се очекува да биде избрана до средината на јануари.

Засега во земјава има еден регистриран случај на заразен со омикрон.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 224.134, бројката на оздравени пациенти е 211.228, на починати е 7.935. Бројот на активни случаи во моментов е 4.971.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG