Достапни линкови

Украинските контранапади го забавиле напредокот на руските сили во Донбас


Украински војник во реонот на Харкив
Украински војник во реонот на Харкив

Напредокот на руските сили во текот на ноќта бил сериозно успорен поради украинските контранапади. Во меѓувреме, се прават нови напори за евакуација на цивилите од Мариупол, додека градоначалникот на Луганск тврди дека овој регион е под интензивни руски напади.

Руските трупи ја продолжуваат својата офанзива на истокот на Украина, во обид целосно да го преземат реонот Донбас, но поради украинските контранапади во инвазијата што трае веќе осум недели нивниот напредок е успорен, соопштија денеска украинските и британските официјални претставници.

Британското воено разузнавање соопшти дека руските инвазивни сили се чини дека не постигнале голем напредок во изминатите 24 часа. Британското разузнавање, исто така, укажува дека руските воздушни и поморски сили сè уште не воспоставиле контрола врз небото или морињата на Украина соочени со жестокиот украински отпор.

Во видео обраќање доцна синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на земјите кои доставија оружје за да и помогнат на одбраната на Украина и рече дека нејзините вооружени сили продолжиле да ги одвраќаат нападите во источна и јужна Украина.

Генералштабот на Украина соопшти дека руските сили ги зголемиле нападите долж целата линија на фронтот на исток.

„Правецот кон Изиум, Донбас, Азов, Мариупол, Херсонската област се местата каде што сега се решава судбината на оваа војна и иднината на нашата држава“, рече Зеленски.

Гувернерот на Луганск вели дека руското гранатирање на градови е постојано и се засилува

Гувернерот на Луганск, Серхи Хаидаи, денеска изјави дека сите градови во тој регион се гранатирани деноноќно, а бомбардирањето само се засилува.

Хаидаи, исто така, посочи дека е планиран обид за евакуација преку железничката станица Покровск за да им се помогне на жителите кои бегаат од регионите Луганск и Доњецк.

Рече дека две лица загинале додека градот Попасна претрпел најмногу од руското гранатирање станбени згради во регионот, покрај уличните борби што продолжуваат со недели.

Тој рече дека украинските одбранбени сили напуштаат некои населени места со цел да се прегрупираат. Хаидаи сепак, инсистираше на тоа дека движењата не биле критично назадување.

Нов хуманитарен коридор за евакуација цивили од Мариупол

Властите во Украина денеска повторно ќе се обидат повторно да евакуираат цивили од разурнатиот југоисточен пристанишен град Мариупол, кој е под интензивна опсада на руските сили уште од почетокот на 8-неделната војна.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук преку апликацијата Телеграм ги повика луѓето да се соберат на автопат во близина на локалниот трговски центар „Порт Сити“ со надеж дека безбедно ќе бидат изведени надвор од градот.

„Денес повторно ќе се обидеме да ги евакуираме жените, децата и постарите лица. Ако се се одвива според планираното, околу пладне ќе започнеме со евакуација“, посочи Верешчук.

Верешчук претходниот ден изјави дека „постои можност“ да се организира хуманитарен коридор.

Илјадници жители го напуштија градот кој пред војната имаше околу 500.000 луѓе, но бомбардирањето за кое се обвинуваат руските сили често ја попречуваше евакуацијата на цивилите.

Се смета дека околу 2.000 украински бранители се заробени на фабрика за челик во Мариупол во обид да спречат целиот град да падне под руска контрола.

Советник на градоначалникот на Мариупол изјави дека секојдневно паѓаат бомби врз фабриката во Азовстал.

Новите сателитски снимки вчера покажаа втора можна локација за масовна гробница во блискиот град, што ги зголемува стравовите за една од најлошите хуманитарни катастрофи што се случуваат таму од почетокот на офанзивата на Путин на 24 февруари.

Путин оваа недела издаде наредба руските сили да го затворат Мариупол за „ниту една мува“ да не може да навлезе во тешко оштетениот град каде живееја околу 500.000 луѓе пред конфликтот.

Целосната контрола на јужна Украина како руска цел

Вршителот на должноста командант на Централниот воен округ на Русија, Рустам Минекаев, вчера рече дека целосната контрола на јужна Украина е стратешка цел да се овозможи пристап до прорускиот отцепен регион на Молдавија, Трансдњестар.

Русија сака да ја преземе контролата врз јужна Украина, како и во источниот регион на таа земја, Донбас, изјави високиот командант на руската армија.

Според руските државни медиуми, генерал-мајор Рустам Минекаев изјавил дека оваа цел ќе и овозможи на Москва да се спои со полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Ова беше најдеталната јавна артикулација досега за можните цели на Русија во втората фаза од нејзината инвазија на Украина.

Киев постојано предупредува дека Трансдњестар би можел да се користи како место за руски операции против Украина или против Молдавија, која не е членка на НАТО, а која дели граница и заедничка историја со Романија, членка на НАТО.

Во меѓувреме, советникот на шефот на канцеларијата на Зеленски, Михаило Подољак, рече дека преговорите за можни безбедносни гаранции за Украина од странски партнери се во тек и може да завршат во рок од една недела.

Подолјак изјави дека „ќе има различни пакети гаранции“, но додаде дека за сега е важна испораката на оружје, затворање на небото, воените консултации и средствата за брза набавка дополнително оружје.

Советниците на лидерите на САД, Велика Британија, Турција, Полска, Германија, Франција и Израел претходно изразија подготвеност да разговараат за списокот со безбедносни гаранции за Украина.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG