„Градот е уништен“, вели новинарката од Мариупол, Јулија Харкуша, соработник на украинскиот сервис на РСЕ, која штотуку го заврши опасното патување од опколениот пристанишен град на Азовското Море до територијата што ја држи украинската војска.
„Нема ни што да контролираат Русите. Сум видела вакви глетки само на фотографии од Втората светска војна, кога Дрезден беше бомбардиран“, изјави таа.
Пред Русија да ја нападне Украина на 24 февруари, Мариупол беше 10-ти по големина град во земјата, со население од околу 430.000 луѓе.
Тој беше, исто така, вториот по големина град во регионот Доњецк, кој - како и соседниот регион Луганск - е признат како независен од Москва и е делумно контролиран од руските сили и сепаратистичките формации поддржани од Русија.
Заземањето на стратешкото пристаниште е важна цел за Русија, бидејќи Кремљ очигледно се обидува да воспостави копнена врска меѓу окупираните делови на источна Украина и украинскиот црноморски полуостров Крим, кој Москва го зазеде во 2014 година.
Сепаратистите поддржани од Русија не успеаја да го заземат Мариупол во 2014 година и тој е цел на напади од почетокот на новата инвазија, а е целосно отсечен од Украина под контрола на Киев од 1 март.
Во последниве денови, веруваат аналитичарите, Москва го засили својот обид да го контролира пристаништето со цел да го користи како центар за снабдување за ново фокусираните напори на Русија да ги контролира двата региона кои се познати како Донбас.
Руската војска на 13 април соопшти дека повеќе од 1.000 украински маринци во градот се предале. Непотврдениот извештај дојде еден ден откако украинската 36-та поморска бригада објави на Фејсбук дека немала муниција.
Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко изјави за АП, дека можеби најмалку 20.000 илјади цивили биле убиени од почетокот на војната.
Бојченко тврдеше дека руските сили користеле „мобилни крематориуми“ за да ги уништат доказите за смртта на цивилите.
Русија негираше дека таргетирала цивили и покрај фактот што Драмскиот театар во градот, кој стотина жители го користеле како засолниште, бил бомбардиран на 16 март, една недела откако руските воздухопловни сили бомбардирале една тамошна болница. Голем број станбени згради исто така се оштетени или уништени.
Црвениот крст организираше евакуации со автобуси низ територијата под контрола на Русија, но тие често беа откажани поради борбите.
Некои цивили, како Харкуша, избираат да одат по брегот на Азовското Море низ територијата под контрола на Русија на запад. Од рускиот окупиран град Мелитопол, можно е да се премине на територијата под контрола на Украина.
„Други, вели Харкуша, се упатуваат кон Крим окупиран од Русија. Можам да разберам дека ако треба да изберете помеѓу живеење под окупација и умирање, се разбира, ќе изберете да живеете под окупација“.
Не се знае уште колку цивили останале во Мариупол. Но, Харкуша верува дека има „многу“. „Да се излезе пеш сега е многу опасно и тешко. За жал, таму има многу цивили. Штета е што властите не поттикнаа однапред евакуација. Се знаеше дека градот ќе биде опколен и нападнат. Но, градските власти не го направија то,а бидејќи се плашеа од паника“.
Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, ги оспори ваквите тврдења.
„Да ни дадеа Русите можност да ги евакуираме сите ќе го организиравме тоа многу брзо. Прашањето не е до нас, не до украинската страна. Многу е тешко да се коментира што е во главите на нашите окупатори“, изјави тој за РСЕ.
Андриушченко, исто така, ги повтори тврдењата на Киев дека жителите на Мариупол и околината биле „насилно депортирани“ во Русија, вклучително и во Сибир.
„Луѓето се регистрирани како „бегалци“ и депортирани во економски депресивните области на Русија. Сега знаеме за Томск, Владимир и Јарослав. Имаме информации за планирана депортација во регионот Самара. Ме потсетува на ситуацијата за време на Втората светска војна кога „гастарбајтерите“ беа депортирани од Германците“, вели Андриушченко.
Денис Минин е роден во Мариупол и помага во евакуацијата на цивилите. Запрашан колку луѓе успеале да излезат, тој крева раменици.
„Кога ќе ги спасиме сите што можеме, тогаш ќе седнеме и ќе ги преброиме. За мене секој човек е веќе многу“, рече тој.
Минин организирал цивилни возачи, од кои многумина сакаа да ги извлечат своите роднини од Мариупол, за да го направат опасното патување од Запорожје со приватен автомобил.
„Двајца од моите возачи сега се во заробеништво“, изјави тој за РСЕ, додавајќи: „Тие се таму две недели. Приказната за секој наш возач може да биде филмско сценарио или серија на Нетфликс“.
Штом волонтерите ќе стигнат до Мариупол, тие мора да најдат луѓе за евакуација во град кој главно е без струја, мобилни телефони и пристап до интернет.
„Имаме сопствена мапа на големи засолништа од бомбардирања каде што знаеме дека веројатно се кријат 50 до 200 луѓе“, вели Минин, додавајќи:
„Илјадници луѓе чекаат да бидат спасени таму, па кога возачот ќе пристигне во Мариупол, тој не оди на одредена адреса или бара одредена личност. Сите таму се наш народ. Тие треба да бидат спасени што е можно поскоро. Некои луѓе, сепак, се плашат да заминат“, вели Минин.
Притоа тој објаснува и зошто: „Замислете се себеси во Мариупол. Непознато лице во непознато возило вели дека ќе ве однесе во Украина бесплатно. Дали би се согласиле веднаш?“
Харкуша вели дека сега е практично невозможно да се напушти градот со автомобил, бидејќи патиштата се затнати со остатоци, шрапнели и неексплодирани убојни средства. „Таму можете да стигнете само со тенк“, рече таа.
Серхиј Малишев работи за Здружението на волонтери во Запорожје и се обидува да организира хуманитарна помош за Мариупол и окупираните области на југ. Тој изјави дека руската војска и сепаратистичките милиции често го запленуваат нивниот товар.
„Во текот на последните три недели имавме проблеми со испорака на стоките. Но, неодамна често имаше ситуации кога на луѓето им беше одземуван товарот и телефоните. Неколку пати имало ситуации кога автомобилите биле под оган“.
Сега, вели Малишев, неговата група работи само на помош на раселените луѓе кои веќе избегале од борбените области.
Откако го напушти Мариупол, новинарката Харкуша исто така посвети најголем дел од своето време за помош на раселените луѓе од нејзиниот град. „На крајот на краиштата се што ни останува е да си помагаме“, вели таа.