Најавениот штрајк на наставниот кадар во училиштата и во градинките би можел да предизвика дополнителни проблеми за голем број родители кои немаат кому да ги остават децата.
Катерина К. е мајка на три деца, од кои двајца ученици, а едното e во градинка. Нејзината мака е што доколку синдикатот и власта не договорат заедничко решение во однос на барањето за зголемување на платите во образованието, a училиштата и градинките останат затворени за децата, таа ќе биде принудена од својот работодавач да побара ден од одмор.
„Веќе почнавме со другите родители коишто немаат кој да им ги чува децата да размислуваме што ќе правиме, кој ќе користи одмор, кој ќе отвори боледување. Тоа го доведува под знак прашање и функционирањето на родителите на онолку родители, колку што деца треба да останат дома. Мене ми е навистина жал што дотука стигна работата, но како родител сметам дека би требало да се размисли за друго решение, затоа што образованието е благородна професија во којашто децата секогаш треба да добиваат, а не да губат“, вели Катерина.
До најавите за штрајк дојде откако претставниците на Синдикатот за образование и наука и владата не постигнаа договор за усогласување на платите во образованието по колективен договор со минималната плата на национално ниво. СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно покачување за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека одлуката за штрајк на градинките и школите, кој би требало да започне на 11 април, ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска пак се надева дека до 11 април, ќе се дојде до договор со СОНК со цел згрижувањето на децата да може да се одвива непречено.
Тренчевска вчера изјави дека и да нема договор, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат зашто тоа е така регулирано со Законот за детска заштита.
„Се надевам дека ќе има договор до 11 април, меѓутоа и согласно Законот за детска заштита градинките мора да ги згрижат дечињата кои што се дојдени овде. Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени“, изјави Тренчевска.
Професор Хасан Јашари и поранешен заменик министер за образование, вели дека учениците не треба да бидат „жртва“ на политичките преговори меѓу двете страни. Тој додава дека платите во образованието треба да се зголемат, но дека е дискутабилно, тоа да се бара во момент на економска и енергетска криза.
„Образовниот процес трпеше во овие две години кои ги изгубивме со пандемијата. Се ближи крајот на учебната година, и веќе сме во некаков теснец. Факт е дека треба да се најде заедничко решение меѓу наставниците и владата, но најавениот штрајк може да предизвикува и низа други последици. Мислам дека сега не е моментот за штрајк, туку дека треба да се преговара и од 1 септември да се најде некое подобро решение,“ вели Јашари.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пак неодамна ги предупреди вработените во детските градинки и просветните работници во основните и средни училишта дека ќе добијат замена доколку штрајкуваат.
„Секој еден од нас треба одговорно да се однесува. Ако во енергетска, воена, економска криза зададеме уште еден удар на нашите сограѓани и неработењето на центрите за детска заштита ќе значи токму тие кои што треба да отидат на работа, а не може да отидат на работа затоа што ќе бидат со нивните деца дома е ускратување на право и ќе ги погоди со нивните маки уште една дополнителна мака. Членот 25 од законот за средно образование вика дека во случај на прекин на воспитно- образовната работа заради штрајк директорот на средното училиште по претходна согласност од градоначалникот, а за државните средни училишта од министерот е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат за време додека трае штрајкот“, изјави деновиве Битиќи.
Ангажирање на заменски наставници не е ново во македонскиот образовен систем. Воведувањето на екстерно тестирање и новиот концепт на полагање државна матура во 2015 година, предизвика незадоволство кај просветниот кадар, а во обид да го прекине штрајкот на СОНК, владата на тогашниот премиер Никола Груевски ангажираше заменски работници за наставниците кои беа вклучени во штрајкот. Во тоа време реагираше и Европската конфедерација на синдикати за образование, нагласувајќи дека праксата на ангажирање заменски наставници не постои никаде во Европа.
„Заменските наставници е искажување на некаква фрустрација. Тоа е лоша идеја и лоша практика“, се согласува и професорот Јашари.
Преговорите меѓу синдикалните претставници и владата се во тек, но договор се уште не е постигнат. Од СОНК порачуваат дека досега немаат конкретен одговор на нивните барања од Владата и ресорните министерства освен тоа дека има криза и дека во овој момент е тешко да се одговори на барањата на синдикатот.
Според СОНК, предлогот за зголемување на платите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е амортизирање во дадената ситуација и проблемот нема системски да се реши.