Полупразни рафтови на кои стојат брашното, шеќерот, зејтинот, лебот се забележуваат деновиве низ маркетите ширум земјава. Пред поголемите маркети каде што се забележуваат и најголемите гужви, повторно стојат редари кои се обидуваат да воспостават ред кај потрошувачите.
Продавниците се полни со купувачи кои купуваат поголеми количества од основните производи за исхрана, на тој начин создавајќи резерви за неколку следни недели.
„Мислиме дека ќе заштедиме, ама поскапувањето не е еднократно“
Граѓаните кои ги сретнавме пред еден од скопските маркети забележале дека луѓето панично купуваат и ги полнат торбите. Дел од нив велат дека некои од производите по кои дошле, ги немало.
„Денеска го гледав брашното, утре го нема. Јас не купувам количински, купувам вреќичка до 5 килограми, резерви никако не правам, едно до две шишиња зејтин и толку“, вели Борка Атанасовска.
„Пред мене тој што беше гледам 4 шишиња зејтин носеше, па продавачката вика имаше, ама се потроши...Не треба толку, земи си едно шише, после неколку дена пак ќе си купиш, не треба толкава паника“, вели Игњат од скопско Стајковци.
„Гужва е, нема зејтин. Викаат штом го донесеме, веднаш го снемува. Мислат дека ќе заштедат, а одеднаш даваат многу пари. Сите мислиме дека нешто ќе заштедиме, ама поскапувањето не е еднократно“, вели Лилјана Стојановска.
Маркети ограничуваат колку може да се купи, мелничари велат дека има брашно
Во меѓувреме пак во некои од маркетите во другите градови низ земјава, може да се забележат известувања со ограничувања на количините брашно или шеќер кои може да се купат. Па така во еден од локалните продавници пишува дека не може да се купат повеќе од 2 килограми шеќер или брашно.
Панично купување на големи количини брашно беа забележани уште претходниот месец, пред да стапи во сила владината одлука за одмрзнување на цените на некои производи. Тогаш некои од млиновите трипати поголема продажба на брашно, од вообичаено.
Од млин Малиновски, Кумановско, велат дека побарувачката на брашно е интензивирана и овој месец.
„Вообичаено продававме по 200 килограми брашно на ден, а деновиве овој месец и претходниот продаваме и до 500 килограми дневно. Месечно продаваме до 15 тони брашно. Цените на брашното се зголемени за 10 до 20 проценти. Засега има доволни количини брашно“, велат од млин Малиновски.
Социолозите велат - Нерационален страв од неинформираност и недоверба
Ваквото масовно празнење на рафтовите се случи и на почетокот на пандемијата со ковид 19, кога поради стравот од карантините, граѓаните купуваа производи во големи количини. Бранот поскапувања и новите повисоки цени на дел од производите, дополнително ги исплаши граѓаните па побрзаа побрзо да си направат залихи. По најновите случувања со руско-украинскиот конфликт, кај граѓаните се јави стравот од војна, недостиг на храна и продлабочување на сиромаштијата.
Но, дали таквиот страв е оправдан и рационален?
Социологот Хасан Јашари вели дека ваквото однесување на граѓаните е нерационално, но е резултат и на недоволната информираност или недоверба во она што го кажуваат надлежните институции.
„Постои еден општ страв во Европа, поради војната и атомската закана што се пропагира и евентуалните поледици. Ако на некој начин можеме да го оправдаме тој страв, тоа е во поскапувањето на енергенсите и другите производи. Меѓутоа медиумите и Владата треба да се поактивни и поуверливи во објаснувањето на нештата дека ситуацијата не е толку страшна и дека луѓето треба да се порационални во своите постапки“, вели професорот Јашари.
Властите неколкупати досега апелираа граѓаните да не паничат затоа што има доволни количини храна. Според економистите пак војната во Украина ќе ја погоди и македонската економија, но засега е неизвесно колкави ќе бидат последиците.