По нецели три години од претставувањето на селекцијата во Градот на светлината, делата на македонските ликовни творци кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни еве ги пред домашната културна јавност. Од 18 март во амбиентот на Чифте амам, во Национална галерија, во чест на одбележувањето на Меѓународниот ден на Франкофонијата, ќе се одвива изложбата овојпат насловена како „Париски рефлексии“.
А на неа ќе бидат изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, авторите од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во чии дела силно се чувствува влијанието токму на Париз како Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова, а тука со своите скулптури се и творците како Димче Коцо, Борка Аврамова и Димо Тодоровски.
Лазар Личеноски - „Пејсаж од Париз“, 1927, масло на платно
Инаку, „Париска школа“ е назив за сите уметници кои во периодот по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во тогашната и денешна европска метропола и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.
Според историчарите на уметност, оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век. Во тој период македонските современи уметници оделе во Франција, во Париз и во другите тамошни поголеми градови на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати на регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности.
Од таму, како што информираат од Национална галерија, преку еден грижливо одбран и концизен концепт и презентација, на изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам ќе се најдат репрезентативните дела од Колекцијата на нашата национална установа, а воедно и ќе се стори напор да се направи пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на минатиот век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.
Томо Владимирски , „Старо и ново Скопје“, 1949, масло на платно
Дита Старова Ќерими, директорка на Национална галерија, во пресрет на отворањето на поставката истакнува дека за нив оваа изложба е многу значајна бидејќи со јазикот на уметноста говори за силината на културните врски помеѓу двете земји. Таа дополнува дека идејата за поставката е на сликовит начин да се претстави дел од историјата на современата македонска уметност. Да се проговори за минатото во кое нашите големи ликовни дејци во периодот меѓу двете војни одат и се образуваат во Франција, во поголемите тамошни центри. Каде учат за уметноста и ја впиваат тамошната силна културна традиција. Потем се враќаат во Македонија и почнуваат да создаваат уметност токму во тој француски дух којшто најпрво ги импресионирал токму нив, а потем и публиката и културната јавност која што ги следела во текот тие години а и ден денес кога за нив говориме како за основоположници на современата македонска уметност.
Посебно сакам да ја нагласам таа потреба од тие културни претстои во Франција кои што во тоа време биле многу изразени и кои на уметниците им овозможиле да го стекнат пожелуваното искуство и потоа во татковината да го преточат во една дотогаш невидена уметност и инспирација која до ден денес не воодушевува. Инспирација која ги означува темелите на нашето современо македонско сликарство и воопшто уметност, вели Старова – Ќерими.