Вести
ДКСК: Непостоечка фирма за лифтови добила околу 90 тендери, главно во јавни институции
Непостоечка фирма во Скопје од 2018 до 2022 година добила деведесетина тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции со буџетски средства, откриваат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како што образложи Владимир Георгиев од ДКСК, ова се правело со фалсификувани документи, фалсификувани ИСО сертификати и потписи.
Тој посочи дека од ДКСК ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење во Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување до Владата.
Од ДКСК велат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека обвинителството ќе постапи експресно за овој случај.
Откриваат дека фирмата била поврзана уште со две други фирми од Скопје, чија дејност е исто така монтажа, сервисирање и одржување лифтови, од причина што управителот на оваа фирма е вистински сопственик на двете други фирми. Предметот во Антикорупциска бил отворен по пријава за сомнеж за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, а со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Георгиев појасни дека по објавата на тендерот Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.
„Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО сертификати е направен така што физичко лице од земјава претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање“, појасни Георгиев.
Тој додаде дека и Антикорупциска контактирала со хрватската фирма од каде било потврдено дека сите ИСО сертификати за тендерот за Општата Градска болница биле фалсификувани. Во текот на работата, истакна Георгиев, постои системска слабост во системот за јавни набавки односно Комисијата за јавни набавки кај кој било државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста односон валидноста на ИСО сертификатите.
види ги сите денешни вести
Царината запленила 35 автомобили што нелегално завршувале на автоплацеви
Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на автоплацови во Македонија, без да се платат увозни давачки.
„Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што на буџетот на државата, преку избегнување плаќање увозни давачки, е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција, на која информира за случаите.
Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на буџетот на државата е многу поголема затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.
„Досега до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службената должност и овластувањето. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејства кривични пријави ќе следуваат за други лица, при што некои од нив ќе се товарат за повеќекратно извршување исти или слични дела. Во однос на царинските службеници што извршиле злоупотреба на службената положба и овластувањето, во тек се дисциплински постапки по што ќе следуваат соодветни казнени мерки“, изјави Николовски.
Поконкретно, во овие случаи, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи, кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот, без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и завршувале на разни автоплацеви во државата.
Во Србија граѓанска акција 29 минути тишина за жртвите во Нови Сад, Цетиње и Ариље
Граѓаните на Србија и денеска (3 јануари) им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.
Акцијата, која се одржа Белград, Нови Сад, Краљево, Ниш, Александровац, Зрењанин и други градови, траеше 29 минути – за 29 жртви.
Во Нови Сад маж со автомобил БМВ се обидел да ја пробие блокадата.
Студентите на Универзитетот во Нови Сад блокираа мост 29 минути од 11:52 часот, со цел да им оддадат почит на загинатите во падот на настрешницата на 1 ноември, како и на загинатите во Ариље на 31 декември и во Цетиње на 1 јануари.
Студентите развија голем транспарент со црвена дланка на Петроварадинската тврдина.
Српските медиуми јавуваат дека дошло до инцидент во пресрет на акцијата, во 11 часот и 45 минути, кога црн автомобил се обидел да вози низ толпата студенти. Како што јавуваат српските медиуми, возач на џип нападнал девојка од студентското обезбедување, по што му пришле и машките обезбедувачи, а од своите автомобили излегле и други граѓани за да се пресметаат со мажот. Насилникот потоа го оставил возилото на крстосница.
И овој петок пред зградата на РТВ се одржа 15 минути молк.
Средношколци се собраа на Плоштадот на Слободата во Нови Сад.
Претставници на ССП ја блокираа улицата Таковска кај РТС во Белград.
Пред градската управа во Краљево денеска беа и ветераните од 63-та Падобранска со црвени беретки.
Орбан не бил поканет на церемонијата по повод полското претседателство со ЕУ
Полската заменик министерка за европски прашања Магдалена Собковјак-Царнецка денеска (3 јануари) изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не бил поканет на церемонијата што се одржува во Варшава по повод полското претседателство со Советот на ЕУ, како и унгарскиот амбасадор во таа земја.
Како што истакна, полските власти ја донеле таа одлука откако Будимпешта му дала азил на поранешниот заменик министер за правда на Полска, Марсил Романовски, кој е под истрага за наводна злоупотреба на јавни средства.
Будимпешта му даде политички азил на Романовски, кој беше уапсен во Полска во јули минатата година, како дел од истрагата за злоупотреба на јавни средства, што властите во Варшава силно го критикуваа.
Полска го нарече потегот „непријателски чин“ што се коси со принципот на лојална соработка меѓу членките на Европската Унија.
Полска го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ од Унгарија. Таа ќе претседава со Унијата до 1 јули годинава.
Молдавија уверува дека и покрај запирањето на испораките на руски гас, ќе се покрие побарувачката
Два дена откако беше прекината испораката на рускиот природен гас поради истекот на договорот за снабдување со Украина, молдавската државна компанијза за трговија со енергија АД „Енергоком“ соопшти дека ќе покрие 100 отсто од потрошувачката на електрична енергија.
На 2 јануари „Енергоком“ соопшти дека потрошувачката на 3 јануари се очекува да биде поголема за околу 10 проценти, но дека сепак ќе ја покрие побарувачката.
„Потрошувачката на електрична енергија на десниот брег на реката Днестар е целосно покриена во првите два дена од годината“, објави на 2 јануари владината кризна група.
Компанијата наведува дека, покрај локалното производство од топланите во Кишињев и Балта и локални обновливи извори на енергија, струја ќе се купува и надвор од земјата.
Кризната група, основана на 26 декември, соопшти дека на 1 јануари речиси половина од потрошувачката на електрична енергија во земјата била покриена со увоз од Романија и дека нема потреба да се активираат договори за вонредни ситуации.
Властите во Кишињев, пак, потврдија дека отцепениот регион Придњестровје, кој е без природен гас од 1 јануари, добива електрична енергија откако електраната што го опслужува регионот се префрли на работа на јаглен.
Според јавните податоци, Тираспол има резерви од околу 70 000 тони јаглен, што би можело да ја покрие потрошувачката на регионот за 30 до 50 дена. Општинската администрација во Тираспол, соопшти дека има резерви на природен гас од околу 13 милиони кубни метри, што е доволно за околу 20 дена.
Сепак, жителите на најмалку 11 заедници во близина на Тираспол немаа природен гас, греење и топла вода на 1 јануари. Градот има поставено 30 пунктови каде што луѓето можат да се соберат да се загреат и да јадат топли оброци. Според снабдувачот Тирасполтрансгаз, во меѓувреме, околу 115 000 домаќинства добиваат природен гас само за готвење.
„Засега ситуацијата не е критична“, изјави еден човек од градот Тигина за молдавскиот сервис на РСЕ на 2 јануари, истакнувајќи дека досега успеал да се извлече користејќи електричен шпорет.
Одлуката на Украина да не го обнови договорот со кој се дозволува проток на руски гас низ нејзината територија го продлабочи јазот меѓу Киев и Братислава.
Словачкиот премиер Роберт Фицо на 2 јануари изјави дека словачката влада ќе разговара за одмазднички мерки, вклучително и прекин на снабдувањето со електрична енергија за Украина, намалување на помошта за украинските бегалци и барање да се врати транзитот на гас или компензација за загубите.
Словачка има алтернативни испораки на гас, но Фицо вели дека Словачка ќе ги загуби сопствените транзитни приходи и ќе плати дополнителни транзитни такси за увоз на неруски гас. Тој додаде дека словачката делегација ќе разговара за ситуацијата во Брисел следната недела, а потоа неговата владејачка коалиција ќе размисли за одмазда за, како што рече, „саботажата“ од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На 1 јануари Зеленски изјави дека крајот на испораката на природен гас во Европа преку гасоводот што минува низ Украина е голем пораз за рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи ја Москва дека „ја користи енергијата како оружје“.
Еден загинат, четворица повредени во руски напад на Киев
Во напад на руски дрон врз украинскиот главен град Киев, едно лице загина, а четворица се ранети, соопштија локалните власти.
Московските сили, кои ја започнаа својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, ги засилија воздушните напади низ Украина од почетокот на зимската сезона, вклучително и новогодишните напади на Киев во кои загинаа две лица.
„Едно лице загина, а четворица се ранети за време на непријателски воздушен напад во регионот на Киев“, изјави Микола Калашник, шеф на киевската област.
Тој рече дека возачот на камионот загинал откако бил погоден од делови од соборениот руски дрон. Делови од дронот паднале и врз куќа при што се повредени три лица, меѓу кои и едно 16-годишно момче.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 93 беспилотни летала во текот на ноќта. Војската соопшти дека ги соборила беспилотните летала или ги заглавила со електронски уреди.
Властите соопштија дека делови од дронови паднале во два квартови на Киев, но нема извештаи за повредени.
Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет
Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Советот денеска (3 јануари) на 510-тата седница со 13 гласа го избра Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.
Камбовски, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека ќе работи да ја опрадава.
„Искрено се надевам дека заеднички ќе успееме да ги постигнеме највисоките стандарди на професионализам, непристраснот и стандарди кои се однесуваат на зајакнување на темелите на владеењето на правотo. Не се сомневам дека во тоа ќе успееме доколку сите работиме и имаме иста цел, а тоа е да имаме здраво, независно и транспарентно судство, кое што е потребно и на граѓаните и на нашата држава“, изјави Камбовски.
Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.
Судскиот совет, минатата годината ја почна со претседателски смени, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, лани се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.
Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Поднесено обвинение против десетмина за криумчарење луксузни автомобили
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи.
Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени.
Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.
Во овие активности бил вклучен и 11-тиот осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичниот прогон ќе биде отстапен грчките органи.
Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.
По едно лице се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.
За еден обвинет на сила се мерки на претпазливост.
Францускиот шеф на дипломатијата Баро во Сирија, ќе му се придрижи и германската колешка Бербок
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пристигна во Дамаск за да се сретне со новиот лидер на Сирија, со што ја започна посетата на највисоко ниво досега од страна на западна земја.
На министерот Баро ќе му се придружи и неговата германска колешка Аналена Бербок, соопшти Берлин.
Тие заеднички ќе разговараат во име на Европската Унија со новиот сириски лидер Ахмед ал Шара, шеф на коалицијата на бунтовниците предводени од исламистите што го соборија долгогодишниот владетел на Сирија Башар ал Асад на почетокот на декември.
„Заедно, Франција и Германија стојат покрај сирискиот народ, со сета нивна различност“, рече Баро во објавата на X, додавајќи дека Франција и Германија сакаат да промовираат „мирна транзиција“.
Во соопштението, Бербок рече дека Германија сака да и помогне на Сирија да стане „безбеден дом“ за целиот нејзин народ и „функционална држава, со целосна контрола врз нејзината територија“.
Двајцата министри планираат да го посетат и затворот Сајднаја, недалеку од главниот град.
Сајднаја беше место на вонсудски егзекуции, мачења и присилни исчезнувања и беше олицетворение на злосторствата извршени врз противниците на Асад.
Од неговото соборување, група странски претставници отпатуваа во Дамаск за да се сретнат со новите водачи на земјата.
Франција и Германија веќе испратија делегации од пониско ниво минатиот месец.
Израелските сили собориле ракета на Хутите истрелана од Јемен кон Израел
Израелската противвоздушна одбрана пресретна уште една ракета истрелана од Јемен, објавија денеска израелските одбранбени сили (ИДФ), пренесе агенцијата ДПА.
Ракетата била соборена откако навлегла во израелскиот воздушен простор, објави ИДФ на својот канал Телеграм.
Се истражуваат информациите за оштетувањапредизвикани од паѓањето на остатоците од ракетата во околината на градот Модиин, што се наоѓа меѓу Тел Авив и Ерусалим.
ДПА пренесува дека стотици илјади Израелци рано утринава беа разбудени од сирените за тревога, по што мораа набрзина да побараат засолниште.
Исламистичката милиција Хути во Јемен, како палестинската исламистичка милиција Хамас во Појасот Газа и либанската милиција Хезболах, се сојузници Иран, со главниот непријател на Израел.
Хутите постојано лансираат проектили кон Израел и кон комерцијални бродови во Црвеното Море во знак на солидарност со Хамас, движењето кое учествува во актуелниот конфликт со Израел уште откако го нападна Израел во октомври 2023 година, убивајќи 1.200 и земајќи 250 заложници.
Хутите првично не го коментираа последниот ракетен напад врз Израел, пренесе ДПА.
Пронајдено тело на убиен 39 годишен маж во Тетово
Убиен е 39 годишен маж во Тетово. Телото е пронајдено во неговиот дом со прострелна рана во главата.
Полицијата соопшти дека 39 годишниот маж живеел со својот татко, кој кога пристигнала брзата помош бил пронајден во бессознание и веднаш пренесен во Ургентниот центар во Тетово.
Од полицијата соопштија дека утврдиле оти убиството го извршил 65 годишниот татко по физичка пресметка со синот.
Убиството било извршено со ловечка пушка на 31 декември. Ловечката пушка била пронајдена покрај телотo на 39 годишниот маж.
Од полицијата велат дека во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот, односно дека по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2023 година е забележан раст на убиствата за 27 проценти во однос на 2022 година. Биле извршени 23 убиства од кои расветлени 21. Десет од овие убиства се извршени со огнено оружје, додека останатите со употреба на ладно оружје. Според податоците на полицијата, пет од 23-те убиства биле извршени при семејно насилство.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете