Достапни линкови

Софистициран дијалог меѓу луѓето и боговите во Филхармонија


Плакатот за концертот „Сеќавање на Б.Б.“
Плакатот за концертот „Сеќавање на Б.Б.“

Со први изведби на дела на современите композитори Арво Перт и Дојна Ротару и светска премиера на концерт на Финецот Калеви Ахо, на 18 март, во Филхармонија ќе се одржи концертот „Сеќавање на Б.Б.“. Солист на флејта ќе биде Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент маестро Габриел Бебешелеа.

Уште не стивнале емоциите од магичниот перформанс на нам одамна драгите БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ, а од Филхармонија со нова најава на уште еден исклучителен настан. Имено, в четврток на 18 март во 20 часот, ансамблот на оваа наша национална институција ќе го изведе концертот „Сеќавање на Б.Б.“ на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е неговиот сонародник маестро Габриел Бебешелеа. На програмата се дела од современата музика, за првпат кај нас ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо.

Но, да тргнеме со ред.

Арво Перт, современ естонски композитор

Зошто ме погоди толку силно смртта на Бенџамин Бритн во 1976 година? Во тоа време бев во фаза кога можев да ја препознаам магнитудата на човечката загуба. Ме облеаја многу силни емоции. Токму пред неговата смрт почнав многу да ја ценам едноставноста на неговата музика. Многу сакав да го запознаам, но за жал тоа не се случи.

Ова своевремено ќе го забележи прочуениот естонски композитор Арво Перт, кога во 1977 година на светската музичка јавност ќе им ја претстави својата творба „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“, композиција напишана непосредно по смртта англискиот класичар Бритн.

И, кога сме веќе кај Перт, чисто само како потсетување дека во средината на декември минатата година во Филхармонија се случи „Созерцание – омаж на Арво Перт“ на Камерниот оркестар и хорот „Профундис“ под диригентска палка на Ѓурѓица Дашиќ, што е само показ за умно осмислената и храбра политика и програмските определби на институцијата.

Од друга страна за Дојна Ротару критиката ќе забележи дека има „уникатен и препознатлив стил кој е изграден на архетипска естетика која ги комбинира звуците и боите од романскиот фолклор“. А, таа говорејќи за својот Концертот за флејта и оркестар меѓу другото ќе рече: Флејтата отсекогаш за мене беше волшебен инструмент, кој е присутен во повеќе култури, омилен инструмент што воспоставува софистициран дијалог меѓу луѓето и боговите. Емотивно сум врзана со звукот на овој инструмент, кој е толку топол, чист, рафиниран и богат со боја, можности и експресии. Досега сум напишала повеќе од 30 дела за флејта, меѓу нив и пет концерти.

И, конечно Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во различни стилови – од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам. Поради неговата „иронична“ употреба и мешањето на различни стилови и жанрови во музиката што ја пишувал, го споредуваат со големите Густав Малер и Алфред Шнитке. Концертот за алт-флејта го напишал по иницијатива на романскиот флејтист и солистот на концертот „Сеќавање на Б.Б.“ - Матеј Јоакимеску.

Јоакимеску е уметник што ги освојува нашите срца со својата силна енергија, со суптилниот израз и исклучителната сензитивност. Тој е многу талентиран и харизматичен музичар“, вели за него композиторот Ахо.

Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката неговите настапи ги оценува како „авантуристички и восхитувачки“. Инаку, тој редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и „кросовер“ репертоар.

Згора на тоа за него е познато дека е исклучителен педагог и дека редовно одржува мастер-класови во Австрија, Полска, Хрватска, Унгарија, Романија... Член е на жирито на Интернационалниот музички натпревар во Романија и на Интернационалниот натпревар во Вараждин, Хрватска.

Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди и носител е на титулата „амбасадор на интеграција“ што му ја додели австриската Влада за неговиот придонес во многу уметнички проекти кои ја поттикнуваат интеркултурната размена. Конечно, неговиот деби албум „Lumiére“ од 2014 година, инаку сниман во придружба на пијанистката Каталина Буткару и со селекција од дела на современи француски автори, доби одлични критики.

Маестро Габриел Бебешелеа втора сезона е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и на публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио,тој сними албум со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа e славен како „еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија“. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамбершкиот симфонискиот оркестар (2016).

Многу рано бил забележан и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики.

Кон ова и уште неколку занимливости за маестро Бабешелеа. Една од неговите големи пасии е да работи со млади музички уметници. Веќе цела една декада тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.

Дипломирал оркестарско диригирање во 2010 година со оценка „КумЛауде“на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрирал на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторирал на истиот универзитет. Моментално живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии наУниверзитетот за музика и изведувачки уметности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG