Достапни линкови

Паника од покачување на цените, Власта смирува - има сè и тоа доволно


Бензинска пумпа во центарот на Скопје на 4 март 2022. Ситуацијата во текот на денот е нормализирана, откако синоќа се направија колони пред бензинските пумпи во страв од поскапување или снемување на гориво.
Бензинска пумпа во центарот на Скопје на 4 март 2022. Ситуацијата во текот на денот е нормализирана, откако синоќа се направија колони пред бензинските пумпи во страв од поскапување или снемување на гориво.

Нема потреба од паника - има залихи за се - велат од владата и надлежните институции. Но стравот од повисоки цени на храната и нафтата ги натера граѓаните панично да купуваат производи и да точат гориво. Според социолозите, причина е општата несигурност поради Украина и недоволната транспарентност на власта.

Најпрвин се испразнија рафтови во продавниците, а потоа се појавија и редици на бензинските пумпи низ земјава. Ваква е сликата во изминатите денови поради стравот на граѓаните од покачување на цените и покрај смирувачките пораки од надлежните институции и Владата дека нема простор за паника.

„Има гужва отсабајле и вчера исто. Паничат луѓето да“, вели вработен на бензинска пумпа на Макпетрол и додава дека граѓаните може да наточат гориво колку што сакаат.

„Редовно полнам. Две, три минути се чека“, вели граѓанин кој полнеше бензин.

„Мислам дека не е оправдана паниката. Верувам дека има резерви на нафта, како што се изјасни министерот и дека нема потреба да се грижиме“, вели Беќир Ириза.

Социологот Хасан Јашари вели дека се работи за една општа несигурност предизвикана од ситуацијата во Украина и е доказ за психолошката војна која се води и која се перцепира на тој начин од граѓаните.

„Паниката е оправдана со оглед на фактот што се случува нешто што со децении не се случувало. И нормално дека тоа влијае на психата на човекот и луѓето тоа го доживуваат како една општа несигурност “, вели Јашари.

Од Владата соопштија дека има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви.

„Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката“, велат од Владата.

Воедно оттаму апелираат дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.

Според Јашари, недоволни се информациите од Владата, која треба да биде поактивна во објаснувањето дека сите потребни нешта на граѓаните ќе им бидат обезбедени.

„Треба повеќе јавните личности, министрите, па и пратениците на некој начин да бидат потранспарентни и повеќе да се бават со овој проблем, со оглед на фактот дека јавното мислење и граѓаните се под влијание на надворешни фактори. Тие надворешни фактори се ескалацијата на војната“, додава тој.

Од Регулаторната комисија за енергетика соопштија дека нафтени деривати има, а трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката. Но, дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво.

„На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство“, посочуваат од РКЕ.

Од Макпетрол соопштија дека компанијата и покрај тешките и комплексни услови ќе продолжи да работи без застој и рестрикции. Оттаму додаваат и дека поради новонастанатата глобално-политичка ситуација, која резултира со неколкукратно зголемување на цените на сите нафтени деривати, компаниите што се дел од оваа економска гранка се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, што подразбира и работа со загуба.

Паниката меѓу граѓаните настана откако на социјалните мрежи имаше објави дека од понеделник цената на дизел горивото ќе достигне 100 денари. Слична ситуација на бензинските пумпи можеше да се забележи и во сите земји од соседството.

Дополнително, од Владата повторија дека државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви. Како што информираше и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека во државата има сосема доволна количина пченица и пченка. Според него, количините кои се набавуваат од Србија се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почеток на жетва со цел како и секоја година да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на млиновите, пекарите и други субјекти, а не за потребите на државата или стоковите резерви.

На 1 март стапи и на сила владина одлука за ограничување на трговските маржи при продажба на основни прехранбени производи. Наместо замрзнати цени на храната се воведува нова мерка од која најзасегнати се трговците на големо и мало, како и производителите на храна кои што имаат своја дистрибутивна мрежа.

Со оваа владина мерка се ограничуваат највисоките трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени во висина до 5 отсто маржа во трговија на големо и до 10 отсто продажна цена во трговија на мало. Производите кои се опфатени со оваа мерка се лебот, шеќерот, сончогледовото масло, млеко и млечни производи, свежо месо и сувомеснати производи, јајца, пченица и тестенини како и овошје и зеленчук.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG