Четири месеци четврто одделенците во земјава учат од дигитални учебници, реформа која ја спроведе Мила Царовска како министерка за образование. По најавата дека учебниците ќе се дигитализираат, веднаш следуваа негодувања од родители организирани во фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“. Ваквата атмосфера на негодување придонесе реформата да почне да се спроведува во услови на протести против неа.
Јана е мајка чие дете е ученик во четврто одделение во скопско основно училиште. Таа не одела на протестите, ниту ги поддржува оти смета дека нема ништо страшно во дигитализацијата на учебниците.Но, по искуствата од првото полугодие сега смета дека реформата е избрзана.
„Мора да имаме предвид дека се работи за деветогодишни деца кои се уште навлегуваат во ИТ технологијата и користењето на интернет алатките. Дигиталните учебници беа достапни од први септември, но сепак на децата им треба време да се навикнат на новиот концепт“, вели Јана.
Таа додава дека покрај време да научат за што се може да се користат компјутерите и интернетот во нејзиниот случај се јавиле проблеми и при следењето на наставата на таканаречените електронски табли. Па така во услови во кои пред учениците нема дигитален уред со материјалите кои им се предаваат следењата само на електронската табла оделе тешко. Затоа Јана е една од оние родители кои и покрај предупредувањата од Царовска, го отпечатиле дигиталниот учебник.
„Ние се уште им даваме книги и лектири, да навлезат во светот на науката па потоа да ги осамостоиме за автоматизацијата. Не може пред да ги внесеме целосно во образовниот процес да зборуваме за автоматизација. Затоа одлучив да ги испечатиме книгите и покрај можноста да бидеме казнети за да може детето да ја следи наставата и покрај тоа што гледа на електронската табла“, вели Јана.
Царовска, пак, испраќаше инспекции до фотокопирниците кои ги печатеа дигиталните учебници, а во една прилика рече и дека секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета затоа што користење дигитални учебници е поставено за да се добие и подобра дигитална писменост.
Искуството на наставниците
Искуството на Сатки Исмаили, долгогодишен наставник во општинското основно училиште Кирил и Методиј во Тетово, е дека првото полугодие покажало дека најдобар модел е комбинираниот, учениците да имаат и дигитални и хартиени учебници.
„Никој не е против дигиталните учебници, се гледа дека тие се добри и корисни, децата имаат можност да реализираат добри и корисни активности и ги реализираат. Мислам дека ова полугодие треба да се сфати како проба која ни дава малку време да сфатиме дека треба и печатени учебници, има тешкотии само со дигиталните“, вели Исмаили.
Инаку, кога беше најавена реформата за дигитализација таа одеше во пакет со менување на наставните програми, па така групата родители кои се побунија против дигиталните учебници, се против воведувањето на сеопфатно родово сензитивно образование за основците.
Водачката на групата Драгана Спасовска тврдеше дека со тоа се прекршени детските права и не соодветсвува на возрастите кај кои сакаат да го имплементираат. Таа смета дека со тоа ќе се зголемел булингот во училиштето оти децата ги разбирале работите на поинаков начин.
„И не е само булингот проблем, туку имаме и многу дискриминација, се поставува слика на родителите како родител еден и родител два“, вели Спасевска.
Реформата засега со оценка тројка
Воведувањето на родител еден и родител два место мајка и татко, не беше планирано во оваа реформа и тоа не се внесе како дел од наставните програми.
Професорката Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки во ваквите ставови на групата препознава судир на идеологии.
„Целата агенда звучи конзервативно затоа што никаде во светот никој не протестира против дигитализација, напротив дигитализација уште од самитот во Давос пред ковид кризата, па и претходно кажаа дека е една од главните алатки против климатското затоплување. И со појавата на Грета Тунберг и се што преставува таа никој, апсолутно никој, не протестира против такво нешто“, вели Колозова.
Сега реформата е спроведена, a Радио Слободна Европа ја праша и мајката на четврто одделенецот и наставникот, која е оценката што го даваат на процесот. И двајцата одговирија идентично.
„Солидна тројка“, кратко одговора Јана.
„Тешко е некогаш оцени без параметри и индикатори да се дадат, но по мое лично мислење- тројка, ако оценуваме од единица до петка“, вели Исмаили.