Достапни линкови

Метаризницата на Перица Георгиев Пепси во Национална галерија


Перица Георгиев Пепси од циклусот Svarupananda 1990 - 1998
Перица Георгиев Пепси од циклусот Svarupananda 1990 - 1998

Седумдесетина дела, главно слики и цртежи и две видеа од периодот на делувањето со групата ЗЕРО од крајот на 1990-те години ја чинат ретроспективната изложба „И во огнот штом ќе запролети“ на македонскиот уметник Перица Георгиев Пепси, што од 21 декември ќе се одржи во Национална галерија.

По три години од изложбата на цртежи во рамките на манифестацијата „Демир Хисар – град на културата 2018“, домашната културна јавност наново ќе има можност да види дел од творештвото на влијателниот македонски уметник Перица Георгиев Пепси. Овојпат на неформалната камерна ретроспектива што ќе биде отворена утревечер, на 21 декември, во Чифте амам, во Национална галерија. На оваа поставка предвидено е да бидат изложени околу 70 дела, главно слики и цртежи, и две видеа од периодот на делувањето со уметничката група ЗЕРО од крајот на минатиот милениум.

А, во текстот за актуелното претставување Горанчо Ѓорѓиевски, кустос во оваа наша национална установа и соборец во Колективот, најнапред забележува дека со неа

„Перица Георгиев-Пепси нѐ воведува во егзистенцијално-духовни прашања и ги бара одговорите за смислата на животот и философијата за сопственото постоење. Притоа, евидентно е прочистувањето на визуелната палета. Тој ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи метаризница на минатото – во иднината, пишува кураторот.

Тој и со појаснување дека уметникот „ со својата ликовна лексика говори за внатрешниот импулс и надворешната експресија“. Дека „неговите дела претставуваат интимно-имагинарен дневник, плод на личен белег и единство, кое сведочи за творечката енергија како слика на неговата душа и сензибилитет, додека возвишеното, трансцендентното, својата форма ја наоѓа во динамиката на потегот, формата, бојата, светлината...“.

За Пепси сликата е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и на потрагата по личната вистина и суштината на постоењето. Оттука, во овие негови дела може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика. Обликувањето на сликата вклучува два процеса – несвесните и свесните активности. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со сознанијата и искуствата се изградува во личност. Всушност, Перица Георгиев преку своите дела говори за животот и го слави постоењето, вели Ѓорѓиевски.

Перица Георгиев-Пепси е роден во 1957 година, во Скопје. Израснал во семејство коешто ја поддржувало неговата индивидуалност насочена кон светот на боите, звуците, вибрациите – „невидливата“ суштина на надворешното, видливото и негова репродукција на хартија. Затоа е природен патот на неговото насочено образование, прво во Средното уметничко училиште, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Тоа е период на акумулација на длабоки интелектуални информации – од богатата библиотека на неговите родители, преку која се формира широкиот и нестандарден критички поглед на Перица Георгиев за животот, уметноста, светот.

Од друга страна, во процесот на комуникација со неговите учители и колеги, во реализацијата на поставените задачи, започнува формирањето на неговиот стил на сликање, што почесто не е во согласност со очекувањата на традиционалното образование. Сепак, имало професори кои го согледуваат нестандардното во неговиот начин на размислување, имено „дека уметноста не е луксуз на материјално богатите, туку се јавува како егзистенцијална потреба од длабочините на човековото постоење“.

Перица Георгиев Пепси - од циклусот Svarupananda 3 1990 - 1998 , комбинирана техника на картон

Инаку, во 1984 година сосема природни се неговите први настапи со уметничката група „Зеро“, во која учествуваат повеќе уметници и музичари. Заедно излагаат во полето на колажот, инсталацијата, анимацијата, видеото, музичките и мултимедијални хепенинзи.

Со веќе стекнато лично, креативно искуство, во 1987 година Перица Георгиев-Пепси дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Конечно, за него особено е значајно што остави белег во македонската уметност како еден од творците во групата „Зеро“, која беше активна во 1980-тите и влијаеше врз генерации македонски уметници. Оваа дружина на јаки индивидуалци и самосвојни автори се појави како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничка сцена, воспоставена во социјалистичкиот режим на СФРЈ и во Македонија како една од тогашните нејзини републики.

Од таму, не смееме да заборавиме дека бележито беше и неговото присуство на минатогодишната исклучително успешна изложба на Колективот ЗЕРО во софиската „One Gallery“ организирана од Центарот за креативни индустрии – НЕБО од село Суводол, Демир Хисар и на која беше претставено творештвото на Миодраг Десовски, Перица Георгиев, Зоран Јаневски, Александар Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски (1960-2017), Стеван Шашков, Синиша Цветковски, Сашо Јовчевски и Горанчо Ѓорѓиевски.

Перица Георгиев Пепси - портрет 1973 - 1984, масло на картон

Од друга страна, од 1 до 8 јуни летово во Созопол, Република Бугарија, се одржа и изложбата „Предизвици и насоки“ од проектот „Поврзување“ на нашиот Културно-информативниот центар во Софија на која беа претставени делата на 12 македонски автори кои живеат и работат во соседна Бугарија, творци како Иво Пецов, Марјан Ѕингаров-Ѕин, Маријана Иванова, Перица Георгиев-Пепси и други, заедно со делата на ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во тамошната метропола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG