Достапни линкови

Вести

Приведени родители кои сексуално ја злоставувале и продале својата ќерка

На тројца осомничени за силување и трговија со дете им е одредена мерка притвор од 30 дена, соопшти јавното обвинителство. Татко на шест малолетни деца е првоосомничен дека извршувал „обљуба“ врз една од своите малолетни ќерки. Второосомничената е мајка која се товари дека ја подведувала својата малолетна ќерка за пари да има сексуални односи со третоосомничениот.

Во полициска акција се приведени тројцата осомничени за кои постои основано сомнение дека првоосомничениот сторил две продолжени кривични дела и тоа кривично дело „родосквернавење“ и кривично дело „трговија со дете“, додека останатите двајца осомничени сториле продолжено кривично дело „трговија со дете“, велат од ЈО.

„Првоосомничениот, татко на шест деца, од кои на три малолетни девојчиња, искористувајќи исти прилики во подолг временски период извршувал обљуба со една од своите малолетни ќерка. Во исто време второосомничената злоупотребувајќи ја својата положба, како мајка на детето кое не наполнило 14 години, го подведувала девојчето да врши полови дејствија за паричен надомест со третоосомничениот. Таа му го носела девојчето на третоосомничениот, во неговата куќа и за паричен надомест од по 2.000 денари, а понекогаш од по 500 денари, ја принудувала да се соблекува и да има сексуални односи со него. Доколку детето одбиело, мајката употребувала физичка сила“, објаснуваат од Обвинителство.

Во соопштението е наведено дека таткото ја продал својата ќерка, на маж од Косово кој го пронашол преку интернет.

„Откако бил исплатен паричен надомест од 3.000 евра, девојчето било однесено во Косово заради склучување на присилен брак. По два месеци тоа дошло на гости кај нејзините родители, а првоосомничениот со оправдување дека било многу далеку не ја вратил во Косово и продолжил да врши обљуба врз својата малолетна ќерка“, додаваат од Обвинителство.

Семејно насилство - „Нема каде да одам“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:52 0:00

Малолетничките се згрижени во Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје. За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 10 години, односно 12 години за дејствијата за кои се товари третоосомничениот.

види ги сите денешни вести

Путин:Русија истрела нова ракета со среден дострел, а не балистичка

Рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање кон нацијата на 21 ноември 2024
Рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање кон нацијата на 21 ноември 2024

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата војска истрелала нова ракета со среден дострел во Украина, по обвинувањата од Киев дека станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).

Во видео-обраќање кон нацијата денеска (21 ноември), Путин рече дека употребата на новото оружје е одговор на тоа што Соединетите Држави и Обединетото Кралство му дадоа дозвола на Киев да ги истрела нивните ракети со долг дострел кон Русија.

„Во борбени услови беше тестиран еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел“, рече Путин, додавајќи дека станува збор за хиперсонична ракета способна да носи нуклеарна боева глава.

Претходно истиот ден, Киев рече дека Русија истрелала нешто што изгледа како ICBM во Украина како дел од масовниот ракетен напад врз Днипропетровск, каде има важни воено-индустриски погони. Ракетите ICBM, кои се дизајнирани да изведуваат нуклеарни удари на долги растојанија, никогаш порано не биле користени во војна.

„Утрото на 21 ноември 2024 година...руските трупи го нападнаа градот Днипро (објекти и критична инфраструктура) со проектили од различен тип. Особено, интерконтинентална балистичка ракета беше лансирана од Астраханската област на Руската Федерација“, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили на Телеграм.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм рече дека новото руско оружје ги има „сите карактеристики, како брзина и висина на интерконтинентална балистичка ракета“.

Рускиот напад доаѓа само неколку дена по извештаите дека Украина користела проектили „Storm Shadow“ испорачувани од Британија и системите ATACMS произведени од САД за да напаѓа воени цели подлабоко во Русија по долго бараното одобрение од претседателот Џо Бајден.

Од утре редовен возен ред на ЈСП, Владата ќе позајми нафта за седум дена

Автобус на ЈСП во Скопје (илустрација)
Автобус на ЈСП во Скопје (илустрација)

Од утре ќе биде нормализиран автобускиот превоз во Град Скопје, а по интервенцијата на Владата, ќе има нафта од државните резерви за следните седум дена. Ова беше најавено на вонредната седница на Советот на Градот Скопје, по кризата во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое од синоќа остана без нафта.

Градоначалничката Арсовска вели дека кризата во ЈСП не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради тоа што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

„Доколку не беше оваа јавна набавка поништена, ние денес овој проблем немаше да го имаме“, тврди Арсовска.

Таа посочи дека денеска во рекордно време од Бирото за јавни набавки успеале да добијат одобрение за директна спогодба за да може ЈСП во вакви услови да испреговара и да се снабди со овој енергенс.

„Сè што треба градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е сè во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови“, изјави советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, пред седницата.

Претходно, ЈСП се снабдуваше со гориво од нафтената компанија Пуцко петрол, но оттаму за Телма велат дека немаат повеќе обврска да го прават тоа и дека долгот кон нив достигнал 10 милиони евра. Договорот со оваа компанија беше склучен во 2022 година, и тогаш во јавноста се крена „прашина“ затоа што ЈСП потпиша двегодишен договор со кој требаше да да набави гориво од нив во вредност од 27 милиони евра, по 118 денари за литар, иако цената во мало продажба тогаш изнесуваше по 90 денари за литар.

Вчера и денеска на скопските улици, поради недостигот на нафта, сообраќаа по триесетина автобуси на ЈСП, а граѓаните со часови чекаат автобус.

Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати. Претходно во 2022 година неколку дена штрајкуваа и приватните превозници затоа што градот со месеци не им исплаќаше за извршената услуга.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Израел и Хезболах продолжуваат со борби и покрај преговорите

Експлозија во Бејрут, Либан, по израелски напад, 21 ноември 2024 година.
Експлозија во Бејрут, Либан, по израелски напад, 21 ноември 2024 година.

Израел и либански Хезболах разменија смртоносни напади денеска (21 ноември) и покрај знаците за напредок во мировните напори на САД.

Израел изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, а Хезболах лансираше ракети кон северен Израел.

Хезболах, проиранско движење во Либан, САД го сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Американскиот посредник, Амос Хохштајн, беше во Израел за да разговара со израелски официјални претставници за прекин на огнот, за кој за време на посетата на Бејрут претходно оваа недела, рече дека е „на дофат“.

Истакнувајќи дека остануваат разликите во мислењата, висок либански функционер изјави за Ројтерс дека Бејрут бара промени во предлогот на САД за прекин на огнот за да вклучи побрзо повлекување на израелските сили од јужен Либан.

Дипломатските напори се најсериозниот обид досега да се стави крај на конфликтот што се прошири од Појасот Газа.

Три лица загинаа во израелски воздушен напад на југот на Либан во селото Шаитија, на десет километри од границата, соопшти либанското Министерство за здравство.

Во Израел, 30-годишен маж загина од остатоци од ракета што погоди игралиште во северниот град Нахарија, соопшти израелската медицинска служба MDA.

Израелската армија извести дека од Либан кон Нахарија биле истрелани десетина ракети. Повеќето биле пресретнати.

Крајбрежниот град бил погоден од три ракети, јави телевизијата Канал 12.

Телевизиската станица Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, потврди дека тие истрелале ракети врз Нахарија и неговата околина.

Нападите врз јужните предградија на Бејрут го потресоа градот со најмалку десет силни експлозии.

Од октомври 2023 година, во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан загинаа 3.558 луѓе, според податоците на либанското Министерство за здравство. Во вторникот, на 20 ноември, загинаа 14 лица.

Повеќе од 100 луѓе се убиени во нападите на Хезболах врз северен Израел и Голанската висорамнина.

Тоа вклучува повеќе од 70 војници кои ги загубија животите во овие напади и во борбите во јужен Либан, според Израел.

Украинскиот олигарх Фирташ меѓу осумте погодени од санкциите на Велика Британија

Украинскиот олигарх Дмитро Фирташ на суд во Виена, јуни 2019 година.
Украинскиот олигарх Дмитро Фирташ на суд во Виена, јуни 2019 година.

Влијателниот украински тајкун Дмитро Фирташ е меѓу осумте луѓе кои се цел на нови британски санкции кои обвинуваат група, во која е вклучена неговата сопруга Лада, за голема меѓународна корупција.

Анголско-руската милијардерка Изабел дос Сантос и летонскиот политичар и бизнисмен Аиварс Лемберг се исто така меѓу погодените од новите санкции објавени денеска (21 ноември).

Британската влада го обвинува Фирташ дека подмитувал функционери за да обезбеди лиценци за рударство за неговите компании и незаконски профитирал од украинскиот систем за транспорт на гас.

Фирташ е поврзан и со финансиерот Денис Хорбуненко, жител на Обединетото Кралство, кој беше додаден на денешниот список со санкции поради неговата поврзаност со Фирташ.

Фирташ се соочи со правна контрола во Украина поради обвиненијата за проневера и перење пари кои вклучуваат измамнички шеми за трговија со гас.

Соединетите Држави бараат негова екстрадиција од Австрија под обвинение за поткупување индиски функционери.

Фирташ, кој доби на влијателност во 2000-тите преку неговото заедничко вложување во компанијата RosUkrEnergo со рускиот енергетски гигант Газпром, ги отфрли обвинувањата дека работи во интерес на Русија.

Дос Сантос, ќерка на поранешниот претседател на Ангола, Хозе Едуардо дос Сантос, е првата жена милијардер во Африка. Таа е обвинета за корупција во Ангола, каде што наводно ги искористила нејзините политички врски за лична корист.

Дос Сантос тврди дека има руско државјанство од раѓање, бидејќи е родена во Баку, Азербејџан, во 1973 година во поранешниот Советски Сојуз.

Лембергс, поранешен популистички градоначалник на летонскиот град Вентспилс, е осуден на пет години затвор во Летонија, за корупција. Тој тврди дека обвиненијата против него се политички мотивирани.

Санкциите се дел од британските напори за борба против меѓународната корупција и нарушување на финансиските мрежи на поединци обвинети за злоупотреба на нивната моќ за лично богатење.

Мерките вклучуваат замрзнување на имотот, забрани за патување и ограничување на овие лица да пристапат до финансискиот систем на Обединетото Кралство или да влезат во земјата.

Вучиќ и Фицо заедно на воена парада во Москва, најави словачкиот премиер

Словачкиот премиер Роберт Фицо
Словачкиот премиер Роберт Фицо

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, денеска (21 ноември) изјави дека заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе присуствува на воената парада во Москва по повод Денот на победата над фашизмот, во мај 2025 година.

„Се договоривме заедно да одиме во Москва, бидејќи го делиме истото мислење за тоа како да се бориме против фашизмот и ги почитуваме земјите кои учествуваа во ослободувањето на нашите земји на крајот на Втората светска војна“, рече Фицо во Белград, каде е во официјална посета.

Рускиот претседател Владимир Путин на 18 ноември го покани српскиот претседател Александар Вучиќ да ја посети Москва на 25 мај следната година, кога ќе се одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна.

Фицо и Вучиќ се сретнаа во палатата „Србија“, по што беше одржан состанок на делегациите на двете земји.

По средбата, двајцата функционери не штедеа комплименти за време на прес-конференцијата.

Фицо рече дека претседателот на Србија е „предмет на ненормална пропаганда“, како и самиот тој, додека Вучиќ за словачкиот државник рече дека тој е „еден од најважните и најголемите светски лидери“.

Словачкиот премиер, познат по контроверзните повици Киев да и отстапи територија на Русија за да се стави крај на војната и противењето на санкциите кон Кремљ, ја осуди одлуката на американската администрација да и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за да погоди цели во Русија.

„Тоа е ескалација на тензиите и доказ дека нема интерес што поскоро да заврши воениот конфликт во Украина. Мислам дека тактиката на Украина да се бори со Русија до последниот човек ќе биде болна за Украина“, рече Фицо.

Српскиот претседател Вучиќ, изјави дека не е изненаден од одговорот на Русија, која денеска (21 ноември) наводно првпат истрелала интерконтинентална балистичка ракета кон Украина.

„Ако некој мисли дека ќе пукате што сакате на територијата на Руската Федерација со оружје на западните земји, а Путин нема да одговори, тогаш или не го познавате или не сте нормални“, рече Вучиќ.

Тој додаде и дека Србија презема мерки кога е во прашање развојот на ситуацијата на украинското бојно поле.

Србија е една од ретките земји во Европа кои не се приклучија на западните санкции против Москва, откако Русија започна воена инвазија на Украина во февруари 2022 година. Сепак, официјален Белград во неколку наврати го осуди нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, но одржува редовни контакти со руските претставници.

Русија изврши голем ракетен напад врз Украина рано денеска, што предизвика штета во најмалку две области, објавија украинските воздухопловни сили и регионалните лидери.

Овој напад, доаѓа само неколку дена по извештаите дека Украина користела британски ракети „Сенка на бурата“ и системите АТАКМС произведени од САД за да нападне воени цели длабоко во Русија по долго бараното одобрение од претседателот Џо Бајден.

Владата ќе му позајми гориво на ЈСП од државните резерви

Илустрација - Градски автобус на ЈСП во центарот на Скопје
Илустрација - Градски автобус на ЈСП во центарот на Скопје

Градот Скопје ќе може да позајми дел од нафтените резерви на државата. Ваква одлука се донесе на денешната (21 ноември) вонредна владина седница, на која се расправаше за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје.

Како што велат од Владата, на седницата била констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

„Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата“, стои во владиното соопштение.

Од Владата посочуваат и дека денеска, меѓудругото, Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје, како и дека, со ова, Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај.

Веќе втор ден на скопските улици сообраќаат по триесетина автобуси на градското сообраќајно претпријатие поради недостиг на нафта, а граѓаните со часови чекаат автобус.

Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати. Претходно во 2022 година неколку дена штрајкуваа и приватните превозници затоа што градот со месеци не им исплаќаше за извршената услуга.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Црна Гора прва од Западен Балкан стана дел од Единствената зона за плаќање во евра, СЕПА

Илустрација - Банкноти во евра.
Илустрација - Банкноти во евра.

Црна Гора е првата земја во регионот на Западен Балкан која стана дел од Единствената зона за плаќање во евра (СЕПА).

Европскиот совет за плаќања (ЕПЦ) објави дека Црна Гора презела значителни напори за усогласување на црногорските национални платежни системи и регулативи со стандардите на Европската унија.

Се проценува дека ова е важна пресвртница на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.

Како што е наведено, сите постоечки учесници во платежната шема на ЕПЦ, би требало да можат да испраќаат или примаат кредитни трансфери, инстант кредитни трансфери и директни задолжувања во СЕПА.

Усогласеноста на црногорските финансиски институции со платежните шеми на СЕПА, според календарот на ЕПЦ, ќе биде овозможена од април 2025 година, додека датумот на оперативна подготвеност за давателите на платежни услуги од Црна Гора ќе биде објавен подоцна.

„Вклучувањето на финансиските институции од Црна Гора е природна прогресија на проектот СЕПА, што ја покажува посветеноста на Европа за усогласување на електронските плаќања во регионот што се протега надвор од Европската унија“, рече генералниот директор на ЕПЦ, Џорџо Андреоли.

Што е СЕПА?

Единствената зона за плаќање во евра им овозможува на клиентите да вршат безготовински плаќања во евра – преку кредитен трансфер и директно задолжување – насекаде во ЕУ, како и во земјите кои не се членки на ЕУ, на брз, безбеден и ефикасен начин, како во националните плаќања.

СЕПА беше воведена за кредитни трансфери во 2008 година, проследено со можноста за директно задолжување во 2009 година и беше целосно имплементирана до 2014 година во Еврозоната.

Регионот на СЕПА се состои од повеќе од 30 европски земји, вклучувајќи неколку земји кои не се дел од еврозоната или Европската унија.

update

Судот во Хаг бара апсење на Нетанјаху и воениот лидер на Хамас, Деиф

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (лево) и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант на церемонија во воена база на 31 октомври.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (лево) и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант на церемонија во воена база на 31 октомври.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг денеска (21 ноември) издаде налози за апсење на Мухамед Деиф, воен командант на Хамас- која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, како и за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант.

Сите тројца се обвинети за извршени злосторства против човештвото и воени злосторства поврзани со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас и последователната воена интервенција на Израел во Појасот Газа.

Иранската поддршка на Хамас и на Хезболах - друга милитантна група и политичка партија поддржана од Иран, која контролира голем дел од југот на израелскиот сосед, Либан, предизвика стравувања дека војната во Појасот Газа ќе го зафати Блискиот Исток.

Хезболах е означена како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го става на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија која има места во либанскиот парламент.

Израел, кој тврди дека го убил Деиф во јули, го критикуваше потегот како „мрачен момент за МКС“.

Хамас, кој никогаш официјално не ја призна смртта на Деиф, ги нарече налозите против Нетанјаху и Галант „важен чекор кон правдата“.

МКС соопшти дека издала налог за апсење на Деиф бидејќи обвинителот не можел да утврди дали тој е мртов.

Техеран допрва треба јавно да ги коментира налозите.

Ниту САД, ниту Израел не ја признаваат јурисдикцијата на МКС.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД рече дека Вашингтон „фундаментално го отфрла“ издавањето на налози за апсење.

Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во објава на платформата X рече дека одлуките на МКС „се обврзувачки за сите држави членки на Римскиот статут, кој ги вклучува сите земји-членки на ЕУ“.

Судот тврди дека не е потребно прифаќање на неговата јурисдикција од страна на Израел.

Активисти со блокади бараат да не се урива Стариот савски мост во Белград

Активисти пред полицискиот кордон на приодот кон Стариот савски мост, 21.11.2024.
Активисти пред полицискиот кордон на приодот кон Стариот савски мост, 21.11.2024.

Граѓани и активисти се собраа денеска (21 ноември) кај Стариот савски мост во Белград, противејќи се на неговото отстранување, што е план на градските власти.

Според репортерите на Радио Слободна Европа, присутни биле околу 50 граѓани и активисти, додека полициски кордон ги обезбедува градежните активности.

Граѓаните се собраа и вчера, кога полицијата приведе дел од нив. Меѓу приведените се Саво Манојловиќ, лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ и градскиот советник на тоа движење, Александар Јовановиќ.

Истиот ден започна демонтирањето на мостот. Поради ова активистите го блокираа Бранковиот мост на еден час.

Градските власти тврдат дека мостот е небезбеден и дека на негово место ќе се изгради модерна сообраќајница.

Од друга страна, противниците на уривањето на Стариот савски мост посочуваат дека тоа е нетранспарентен проект и дека мостот има историско значење за градот. Тие сметаат дека мостот треба да се реконструира.

Еден од предлозите е тој да биде наменет само за јавен градски превоз, за велосипедисти и за пешаци.

Градските власти досега четири пати најавуваа затворање на Стариот савски мост и негово демонтирање, но активистите со протести и поддршка на дел од граѓаните го одложија.

Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во Северна Македонија ќе наиде на противење на Албанците од Балканот

Косовската претседателка Вјоса Османи
Косовската претседателка Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, порача дека „секој обид да се поткопаат“ правата на Албанците во Северна Македонија, „ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“, јави агенцијата МИА.

„Гледаме многу загриженост кај Албанците во Северна Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор и сакам да ги уверам сите дека ќе дадеме сé од себе за да не се направи чекор назад, туку само чекори напред. Албанците се конститутивен народ во Северна Македонија со одлучувачки придонес за демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата, затоа секој обид за поткопување на нивните права ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“, рече Османи.

Годишниот говор на Османи во Собранието на Косово, годинава, како и лани, го бојкотираше најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, како и Алијансата за иднината на Косово, додека само пратениците на третата албанска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, беа присутни во собраниската сала.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG