Достапни линкови

Вести

Модерна предупреди дека вакцините се помалку ефикасни против Омикрон, берзите паѓаат

вакцините против ковид-19 веројатно нема да бидат толку ефикасни против варијантата омикрон
вакцините против ковид-19 веројатно нема да бидат толку ефикасни против варијантата омикрон

Производителот на лекови Модерна денеска ги потресе финансиските пазари, откако шефот на компанијата Стефан Бансел предупреди дека вакцините против ковид-19 веројатно нема да бидат толку ефикасни против варијантата омикрон како што беа против Делта. Цената на сурова нафта веќе паднаа повеќе од еден долар, австралиската валута падна на годишно ниво, а Никеи се откажа од своите добивки бидејќи коментарите на Бансел поттикнаа стравувања дека отпорноста на вакцините може да доведе до повеќе болести и хоспитализација, продолжувајќи ја пандемијата.

Бајден - Омикрон е причина за загриженост, не за паника

„Мислам дека тоа ќе биде материјален пад. Само не знам колку, бидејќи треба да ги чекаме податоците. Но, сите научници со кои разговарав велат „ова нема да биде добро“, рече Бансел. За омикрон Светската здравствена организација (СЗО) оцени дека носи „многу висок“ ризик за бранови на инфекција. Веста за нејзиното појавување избриша околу 2 трилиони долари од вредноста на глобалните акции во петокот, иако одредена смиреност беше вратена оваа недела додека инвеститорите чекаа повеќе податоци за карактеристиките на омикрон.

види ги сите денешни вести

Едно дете загинало во напад со нож во училиште во Загреб

илустрација
илустрација

Едно дете загинало во напад кој најверојатно бил извршен од 15 - годишник во основно училиште во Загреб.

Засега нема потврда од полицијата за таа информација. Медиумот се повикува од свои извори во загребска болница.

Според ХРТ, напаѓачот влегот во училиштето со нож и почнал да напаѓа деца од прво одделение. Засега не се знае дали жртвата и повредените се од тоа одделение или има и од други.

Премиерот Андреј Пленковиќ претпладнево изјави дека на местото на инцидентот има министри и изрази жалење до семејствата на повредените деца.

За петардите, само прекршочна одговорност за Дрин Ахмети

Дрин Ахмети
Дрин Ахмети

Дрин Ахмети нема да одговара кривично за превезувањето на пиротехничките средства. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) информираа дека против него ќе биде поведена прекшочна постапка. Оттаму појаснуваат дека тој со себе носел седум петарди и 15 кутии со ракети за огномет, а за таква количина не се налага кривична одговорност, туку поведување на прекршочна постапка.

„Предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството“, појаснуваат од ОЈО.

За случајот, издадена е Наредба до МВР-Биро за јавна безбедност-СВР Скопје со која Обвинителството побара поведување на прекршочна постапка против Ахмети согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи.

„За набавката на огнометот, Ахмети поседувал фактура од правно лице чија што дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице. Тој сепак не поседувал одобрение за пренос на пиротехничките средства како што налага Законот - нешто што претставува прекршок и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството.

Дрин Ахмети е внук на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој беше фатен со пиротехничките средства во неговиот автомобил за време на полициска контрола на 30 декември 2023 година. Неколку месеци претходно јавноста го запозна како косопственик на Трговскиот центар „Соравија“.

Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.

Вработените во ЈП „Улици и патишта“ бараат исплата на плата и К-15

Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ протестираат поради неисплатени плата и К-15, 20 декември 2024
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ протестираат поради неисплатени плата и К-15, 20 декември 2024

Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, денеска протестираат поради неисплатена плата и К-15.

Протестот се одржува пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, а е организиран е од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија, КСОМ.

На оградата пред бараките на Град Скопје се поставени транспаренти на кои пишува „Бараме плата и К-15“ и „Сметката да се одблокира“.

Тие упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска да се одблокира сметката на претпријатието, како и да добијат К-15.

Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот.

„Мицкоски пред да почне да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП „Улици и патишта“ имаат земено плата, па оттаму е нејасно зошто Синдикатот протестира. Истовремено треба да ги информира дека за линеарно зголемување на плата и К-15, како барање на Синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението испратено од селекторската адресата на претпријатието.

Ова не е првпат вработените во ова претпријатие да реагираат на нередовната исплата на плати. Велат дека претпријатието има долг од 240 милиони денари кон добавувачите на материјали, но и дека се соочува со недостиг на основни средства за работа.

Ѓилас вели дека бил нападнат од активисти на Српската напредна партија, СНС го тврди спротивното

Драган Ѓилас
Драган Ѓилас

Опозициската Партија за слобода и правда (ССП) на социјалните мрежи објави дека лидерот на таа партија Драган Ѓилас и нејзиниот член Ѓорѓе Алексиќ биле физички нападнати во Белград.

ССП тврди дека Ѓилас и Алексиќ биле нападнати од активисти на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Од друга страна, СНС го тврдат спротивното - дека Ѓилас ги нападнал нивните активисти.
Според ССП, Ѓилас и Алексиќ биле нападнати по полноќ на 20 декември во населбата каде што живее Ѓилас, кога се приближиле до група мажи кои лепеле навредливи плакати.

На плакатите пишувало „Ѓилас крадецот“.

ССП на социјалните мрежи објави видео од инцидентот.

Во изјавата што ја пренесе телевизијата Н1, Ѓилас вели дека тој и Алексиќ им пришле на група мажи за да ги прашаат зошто ги поставуваат тие плакати.

„До вечерва мислев дека тоа што сум пратеник и лидер на опозициската партија ме штити - очигледно тие не се воздржуваат од ништо“, додаде тој.

Ѓилас и Алексиќ по инцидентот биле прегледани во Ургентниот центар.

Алексиќ изјавил дека мажите ги нападнале, го собориле Ѓилас на подот и го клоцале.

„Легнав врз него, а тие продолжија да не клоцаат заедно. На видеото може да се види како луѓето паѓаат од силината на ударот, како и тоа дека никој не дошол да се пресмета со никого, можете да видите дека ги држам рацете горе, дека се обидував да спречам нешто полошо, но тие први се одбранија, тоа можете да го видите на видеото“, рече Алексиќ.

ССП тврди дека групата мажи ја предводел Лука Петровиќ, градскиот секретар за инвестиции во Белград и член на Претседателството на СНС.

На прес-конференцијата Петровиќ негираше дека активисти на СНС го нападнале Ѓилас и член на неговата партија.

Петровиќ изјави дека конфликтот се случил за време на „најнормалните партиски акции“ на лепење плакати извршени од младите на СНС. Тој тврди дека Ѓилас го нанел првиот удар и дека еден од активистите на СНС доживеал потрес на мозокот.

Петровиќ пред новинарите во просториите на партијата изјави дека инцидентот се случил 30 минути по полноќ на улицата „Војвода Степа“ во Белград.

Тој изјави дека младите од СНС „стоеле мирно“ на улицата и лепеле плакати „Ѓилас крадецот“ кога се појавил Ѓилас.

„Никого не допреа, никого не провоцираа, си ја завршија партиската работа“, додаде тој.

Тој ги отфрли тврдењата дека први нападнале активисти на СНС, наведувајќи го спротивното.

Премиерот на Србија и претседател на СНС, Милош Вучевиќ, реагираше на социјалните мрежи, велејќи дека „инцидентот го започнал Ѓилас“.

До објавувањето на веста, полицијата не одговори на барањето на РСЕ за овој инцидент.

Санкции од САД за правни лица, бродови и поединци вклучени во транспорт на иранска нафта

Брод кој пренесува нафта во Црвеното море по напад на Хутите
Брод кој пренесува нафта во Црвеното море по напад на Хутите

САД најавија санкции против правни лица, бродови и поединци вклучени во транспортот на иранска нафта или помагањето за финансирање на Хутите во Јемен, поддржани од Иран, јави ДПА.

Целта на санкциите е да го спречат Иран да ги финансира нивните „малигни активности“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Стејт департментот воведе санкции за четири субјекти кои превезувале иранска нафта и идентификувале шест бродови како нивна сопственост.

„Додека Иран ги пренасочува своите енергетски приходи за да ги финансира нападите врз сојузниците и партнерите на САД, да го поддржува тероризмот ширум светот и да продолжи со дестабилизирачки акции, ние ќе продолжиме да ги користиме сите алатки што ни стојат на располагање за да го повикаме режимот на одговорност“, рече Блинкен.

Министерството за финансии, исто така, санкционираше четири субјекти и идентификуваше три брода во врска со иранскиот нафтен или петрохемиски сектор.

Санкции се воведени и на 12 поединци и правни лица - вклучувајќи го и шефот на јеменската централна банка во Сана - за кои САД велат дека се поврзани со Хутите, поради нивната вмешаност во трговија со оружје, перење пари и транспорт на нелегална иранска нафта.

Најитните болнички интервенции непречено ќе се реализираат во сабота

илустрација
илустрација

По најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечер (20 декември) во поголем дел од градот, од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ информираат за МИА дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.

Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева вели дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.

„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.

„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов за МИА.

Според најавата, прекинот во водоснабдувањето ќе биде вечер по 22 часот, а ќе трае се до санирање на дефектот.

Без вода се очекува да бидат голем дел од скопските општини, освен Чаир, Бутел, Радишани, „Пластичарска“ до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда - висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман

Во ракетен напад врз Киев повредени најмалку двајца

илустрација
илустрација

Најмалку две лица се повредени и згради се оштетени во руски ракетен напад утринава (20 декември) врз Киев, главниот град на Украина, соопштија локалните власти.

„Нападот предизвика пожари во делови од градот“, изјави шефот на воената управа на Киев, Сергеј Попко.

Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека најмалку две лица се повредени во нападот.

„Украинските системи за противвоздушна одбрана одбиваат ракетен напад врз Киев“, соопштија градските власти и претставници на воздухопловните сили.

Очевидци изјавија дека слушнале повеќе експлозии по предупредувањето за ракетен напад врз градот.

Работниците на Амазон штрајкуваат во САД

Работниците на Амазон штрајкуваат и протестираат, Калифорнија, 19 декември 2024 год
Работниците на Амазон штрајкуваат и протестираат, Калифорнија, 19 декември 2024 год

Работниците во седум објекти на Амазон стапија во штрајк во четвртокот за да го принудат големиот онлајн трговец да потпише колективен договор за време на празничниот период.

Синдикатот Teamsters, односно синдикатот на транспортери и камионџии, кој воедно е и најголемиот синдикат во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти дека работниците кои пред неколку дена го официјализираа штрајкот почнуваат со протести.

Тие рекоа дека тоа е чекор што решиле да го преземат откако Амазон го игнорирал рокот, кој истече минатата недела, за почеток на преговори за колективен договор.

Амазон верува дека штрајкот на работниците нема да влијае на неговото работење Синдикатот објави дека застапува речиси 10.000 работници во десет објекти на Амазон, што е само дел од 1,5 милиони луѓе што Амазон ги вработува во своите магацини и канцеларии.

Штрајкот, кој започна во четвртокот, влијае на еден магацин на Амазон во Сан Франциско, Калифорнија и шест центри за исполнување во Јужна Калифорнија, Њујорк Сити, Атланта, Џорџија и Скоки, Илиноис, соопштија Teamsters.

Беше наведено и дека работниците на Амазон во другите објекти се „подготвени да се приклучат“ на штрајкот.

Узбекистанец обвинет за тероризам за атентат на руски генерал

Ахмат Курбанов присуствува на судско рочиште во Москва на 19 декември
Ахмат Курбанов присуствува на судско рочиште во Москва на 19 декември

Судот во Москва го обвини узбекистанскиот државјанин Ахмат Курбанов на 19 декември за тероризам и други обвиненија за убиството на висок профил на генерал-полковник Игор Кирилов, кој ги предводеше руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана.

Освен за тероризам, Курбанов е обвинет и за убиство и нелегално поседување оружје и муниција, јави руската државна новинска агенција ТАСС.

Курбанов, роден во 1995 година, е обвинет дека на 17 декември активирал експлозивна направа што ја направил самостојно, сокриена во скутер паркиран во близина на станбена зграда во Москва.

Во експлозијата загинаа Кирилов и неговиот помошник. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го приведе Курбанов веднаш по нападот во соработка со Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет. Инспекторите тврдеа дека Курбанов бил регрутиран од украинските разузнавачки служби.

Руските власти објавија видео на кое маж кој зборува слаб руски се претставува како Ахмад Курбанов од Узбекистан и „признава“ дека го извршил нападот. Околностите во кои е снимено видеото остануваат непознати.

За време на судското рочиште на 19 декември, Курбанов побарал преведувач поради неговото ограничено познавање на рускиот јазик.

Амбасадата на Узбекистан во Москва е активно вклучена во случајот. Тоа го коментираше апсењето на Курбанов на Телеграм, велејќи дека бил во контакт со руските агенции за спроведување на законот.
ФСБ во соопштение на 18 декември соопшти дека осомничениот бил регрутиран и обучен од специјалните служби на Украина и ветил пари за да го изврши нападот.

И покрај тоа што официјално нема преземено одговорност за убиството, извор од украинската безбедносна служба СБУ за РСЕ изјави дека експлозијата била резултат на специјална операција на украинската агенција.

По разорниот циклон, Макрон вети помош за островот Мајот и прогласи ден на жалост

Францускиот претседател Емануел Макрон на островот Мајот, 19 декември 2024 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон на островот Мајот, 19 декември 2024 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон го прогласи 23 декември за ден на жалост за жртвите на циклонот Чидо, кој пред девет дена го погоди Мајот, француски архипелаг во Индискиот Океан.

Според достапните податоци, во разорниот циклон загинале 31 лице, но се стравува дека бројот на загинатите е значително поголем.

„Нашите знамиња ќе бидат на половина копје. Сите Французи ќе бидат повикани на едноминутно молчење во 11 часот“, напиша Макрон во објавата на социјалната мрежа „Икс“ во четвртокот, Макрон го посети Мајот, кој беше уништен од циклонот Чидо и жителите без вода, храна и струја.

Тој вети дека ќе го обнови островот и најави компензациски фонд за оние кои не се осигурани, но не кажа колкава ќе биде сумата.

Француските власти соопштија дека најмалку 31 лице загинало, а повеќе од 1.500 луѓе се повредени, од кои 200 се во критична состојба. Сепак, се стравува дека загинале стотици, па дури и илјадници луѓе.

Макрон рече дека ќе преноќи на островот, а од неговиот кабинет соопштија дека во авионот на претседателот имало четири тони храна и медицинска помош, како и дополнителни спасувачи.

Дополнително, во петокот наутро пристигна брод на француската морнарица со 180 тони помош и опрема.

Циклонот Чидо го погоди и Мозамбик каде загинаа најмалку 73 лица, според локалните власти. Циклонот го погоди африканскиот континент во неделата, откако го уништи Мајот.
Мајот, кој се наоѓа во Индискиот Океан помеѓу источниот брег на Африка и северниот дел на Мадагаскар, е најсиромашната француска територија.

Мајот има повеќе од 320.000 жители, а француските власти процениле дека таму живеат уште 100.000 мигранти.

Тоа е единствениот дел од Коморските Острови што гласаше да остане дел од Франција на референдумот во 1974 година.

Во текот на изминатата деценија на таа француска територија пристигнаа голем број мигранти од соседните острови, независната држава Комори, една од најсиромашните земји во светот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG