Дел од екипата главни актери во актуелниот детски серијал „Дајте музика“ ќе бидат гласноговорници на својата генерација на јуниорската евровизиска сцена. Кристина, Анастасија, Миха и Филип со песната „Green Forces“, во Париз, Франција, ќе пеат во име на Македонија, а со надеж дека ќе ги отворат очите на европската јавност за сериозната опасност со која се соочува Земјата, потсетувајќи дека моќта за промена е во рацете на секој жител на планетава.
Помеѓу кореографските и пејачките проби, периодов активно ги анализираат глобалните еко-проблеми, за да можат уште подобро да ја разберат важноста на нивната мисија.
„Мислам дека нашите врсници не се многу свесни за проблемите со климатските промени. Ние минатиов месец учевме и истражувавме за климатските промени и глобалното затоплување и сфативме дека се сериозни проблеми кои може да ѝ наштетат многу на нашата планета“, изјави Миха Гигов за РСЕ.
Еко-темите не им се непознати. Една таква отворија уште во првата сезона на серијалот, кога Филип низ песна праша: „Има ли воздух во воздухот?“
„Моите ми раскажуваа какви биле зимите пред 20 години. Постојано имало снег, а сега кај нас, многу ретко, еден до два дена има. Тоа не е затоа што се скратила сезоната, туку е заради нас- не сме се грижеле доволно“, вели Филип Поповски за РСЕ.
Анализирајќи, дознале дека во последниве 40 години средната вредност на температурата на воздухот глобално пораснала за 1,5 степени, па алармираат да се стори нешто што поскоро за да не биде уште полоша состојбата за 40 години од денес.
„Одговорноста е кај секој од нас. За 40 години од сега, ние ќе имаме по 53 години. Ние сме генерацијата која мора да направи разлика“, истакна Кристина Мукаетова за РСЕ.
Време е за будење
Велат дека немаат трема од големата сцена, а свесни дека имаат обврска да поттикнат на поголема одговорност кон заедничкиот дом.
„Ние во Париз ќе настапиме со уште 18 земји кои се од различни страни од Европа, имаат различни култури и менталитети. Но нешто што ни е заедничко на сите нас, освен музиката, е обврската да се грижиме за нашата планета. И тоа е нешто што е важно за сите луѓе, низ целиот свет“, изјави Анастасија Џабирски за РСЕ.
Екипата вели-за да има промена, мора да има и акција!
„Ако ние само седиме дома, се жалиме и не правиме ништо за да ја подобриме нашата околина, ние сме дел од самиот проблем. За ние да најдеме решение и да бидеме дел од решението, мора да преземеме одговорност и со нашата песна да ги поттикнеме нашите врсници да преземат одговорност“, потенцираше Џабирски.
Освен младите, таргет се и нивните родители.
„Горди сме што ја имаме можноста да ја претставиме Македонија на можеби најголемата сцена во Европа. Ќе се подготвиме најдобро, но поважно од сѐ е навистина на таа голема сцена да ја пренесеме нашата порака до нашите врсници и до нивните родители“, вели Кристина Мукаетова.
Што правам јас за спас?
Идолите на новите генерации преку својот личен пример и апел се надеваат дека ќе допрат до младите.
1. Филип Поповски: „Мислам дека сите можеме, еве ние, новата генерација, да го спречиме ова. Еве да кажеме, да почнеме со пластиката. Знаеме дека многу брзо се прави, а за да се распадне и треба многу долго време. Може, на пример да купиме некој кул термос. Кога ќе види некое наше другарче, можеби ќе му се допадне и тој ќе купи, па така ќе го намалиме производството и користењето на пластиката“
2. Миха Гигов: „Треба да го фрламе ѓубрето каде му е место. Да не креираме депонии. На пример, сигурно секој поминал покрај полн контејнер со ѓубре. Сте почувствувале како мириса, така? Епа таму се создава всушност метанот, за кој исто така учевме. Тој е многу штетен, а ние го дишеме и затоа треба да престанеме да фрламе“
3. Анастасија Џабирски: „Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи. За производство на текстил се трошат огромни количини на вода и се создаваат милиони тони отпад и јаглерод диоксид. На пример, за да се произведе една памучна маица, потребни се 2700 литри вода, а за да се распадне една маица од ликра потребни се повеќе од 500 години. Затоа, облеката која не ви треба-донирајте ја! Така го продолжувате векот на траење. На пример, „Црвен крст“ има поставено контејнери за облека низ целиот град, а исто така има и продавница која откупува облека во добра состојба. На пример, јас мојата облека секогаш ја донирам, а уживам кога позајмувам од мајка ми“
4. Кристина Мукаетова: „Можеби не сте свесни, но заштедата на електричната енергија е исто така еколошка акција. Секогаш пред да излезете од дома, проверете дали е светлото исклучено, дали сте го извадиле полначот откако сте го наполниле телефонот, дали сте го исклучиле бојлерот. Користете енергетски ефикасни светилки и апарати во домот. Производството на електрична енергија во Македонија се создава главно на јаглен, а со согорувањето на јагленот се испушта огромна количина на јаглерод диоксид. Еден килограм јаглерод диоксид може да стопи 650 килограми мраз на Антарктикот. Ете го ефектот на стаклена градина, климатски промени и глобално затоплување“
Музичкиот апел на „Дајте музика“ за спас на планетата Земја, Европа ќе го чуе на 19-ти декември.