На два и пол часовната средба во Клубот на пратениците во Скопје на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши не се постигна конечен договор дали опозициската партија ќе стане дел од владиното мнозинство. Заев рече дека било разговарано за неколку проблематики за кои ќе размислат за време на викендот и во СДСМ и во Алтернатива, но ќе разговараат и со партнерите од владината коалиција.
„Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста“, рече Заев.
На средбата, Заев, рече дека им биле соопштени условите под кои натаму би продолжиле разговорите. Тој додаде дека сите треба да водат грижа за европската иднина на земјата, а тоа рече било можно ако има стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство.
Алтернатива, која има четири пратеници, досега беше дел од опозицискиот блок, а на неодамнешните локални избори заедно со Алијанса за Албанците соработуваа со ВМРО-ДПМНЕ. По минатонеделната неуспешна интерпелација на Владата која ја поднесоа доскоро владината Беса, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива, беа најавени денешните разговори за окрупнување на владиното мнозинство.
Гаши, пак, рече дека имале отворена дискусија и оти за двете опции кои се пред нив – поканата за членство во Влада или да останат опозиција ќе дискутираат на органите на партијата врз основа на аргументи.
„Имавме отворена дискусија и јас сум убеден дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас“, изјави Гаши.
Алтернатива, нагласи Гаши, имајќи ја предвид сериозноста на политичката ситуацијата во земјата, има обврска да го види концептот на Заев на кој начин може да се надмине оваа криза.
„Како претседател на Алтернатива, јас имам обврска да ги разгледам двете опции. Првата опција е приклучување на парламентарното мнозинство, а втората опција е да продолжиме со опозицијата. Двете опции ќе ги дискутираме на органите на партијата врз основа на аргументи, што е подобро за интересот на земјата, граѓаните, Албанците и секако на Алтернатива“, изјави Гаши.
Заев најави оставка во вторник
Според најавите на двајцата лидери би требало работите да станат појасни во вторник. Гаши рече дела тогаш ќе имаат состанок на централното претседателство на кое ќе разговараат за концепциите и концепциите но нагласи дека одлуките треба да ги донесе централното собрание кое дополнително ќе го свикаат.
И Заев најави дека ќе ги свика централниот и извршниот одбор за да констатираат оставка од лидерска партиска позиција.
„Денеска ќе соопштам дека ќе побарам од органите и телата на партијата да биде свикан извршен и централен одбор на СДСМ во вторник за да може да се констатира мојата оставка од претседател на партијата и да почне веднаш постапката според статутот за избор на нов претседател на СДСМ“, рече Заев.
Тој навести ваков чекор по изборниот пораз на локалните избори на 31 октомври од ВМРО-ДПМНЕ, но првично ги одложи оставките и од лидерската и од премиерската позиција за да се окрупни парламентарното мнозинство. Денеска не сакаше да шпекулира со имиња за негов наследник, но рече дека смета оти истиот човек би требало да биде и претседател на СДСМ и мандатар.
За сите имиња за лидер на СДСМ ќе одлучува партијата
На новинарско прашање дали заменикот министерот за финансии Димитар Ковачевски кој денеска беше со него на средбата со Гаши е наследникот на позициите не даде конкретен одговор.
“Јас уште еднаш ќе ви потврдам дека Димитар Ковачевски, член на Извршниот одбор на СДСМ, претседател на комисијата за финансирање, член на штабови, член на претседателства од 2000 година наваму, докажан кадар на СДСМ и комплетно подготвен да ми помогне за ова денеска што разговараме. Во иднина за сите тие имиња кои излегоа во медиумите, вклучително и името на Димитар Ковачевски, престои процес на избор од страна на членството на СДСМ“, рече Заев.
Тој и денеска изрази како што рече горчина за некои од изборните резултати споменувајќи ја скопската општина Карпош каде што победи кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски и градот Скопје.
„Горчината си ја носам со мене, не можам да сфатам Карпош најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција, вака да одлучи, значи почит спрема секој но едноставно не можам да ги сфатам работите, како и за градот Скопје кога имаше лага и апсолутно како на никој тоа да не му е значајно“, рече Заев.
На локалните избори во Скопје победи кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, а СДСМ во кампањата тврдеше дека таа има бугарско државјанство, а тоа го скрила од јавноста.