Достапни линкови

Има ли легитимитет оваа влада да го реши спорот со Бугарија?


Бугарскиот претседател Румен Радев, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот заменик Никола Димитров и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021
Бугарскиот претседател Румен Радев, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот заменик Никола Димитров и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021

На средбата на премиерот со владините коалициски партнери било кажано дека има надеж за решавање на спорот со Бугарија и одржување меѓувладина конференција со ЕУ во декември. Но, аналитичарите оценуваат дека позицијата на македонската влада сега е отежната поради внатрешно политичките случувања.

Месецов се навршува точно една година откако Бугарија го блокираше македонскиот европски пат, поради како што изјавуваа претставниците на официјална Софија, прашања поврзани со историјата и со македонскиот јазик, што во земјава се сметаат за идентитетски. Од тогаш и траат обидите на владата предводена од Зоран Заев да го реши ова отворено прашање со Софија, но безуспешно.

Информациите во јавноста кои за Радио Слободна Европа ги потврдија и претставници на два помали коалициони партнери кои беа на средбата со премиерот Зоран Заев, се дека во владата било кажано оти постои надеж за решавање на спорот сега и одржување на меѓувладина конференција со ЕУ на средината на декември.

Во ситуација во која е извесно заминувањето од позицијата на премиерот, а по лошите резултати на локалните избори, прашањето што се поставува е дали оваа гарнитура има легитимитет да го решава ова прашање. Симонида Кацарска од Центарот за европски политики вели дека во секој случај ситуацијата со разговорите ќе биде поинаква.

„Несомнено позицијата во преговарањето и дискусиите со Софија сега ќе биде отежната поради овие случувања, а веројатно и поради заминувањето на премиерот Заев кој во голема мера беше и предводник на таа „позитивна“ политика кон Бугарија“, вели Кацарска.

Инаку, премиерот, кој својата оставка од државната и партиската функција ја најави во неделата, веднаш по загубата на локалните избори, во понеделникот одржа средба со владините коалициони партнери за да се консултира за процесите по неговото заминување и кадрите кои би можеле да го наследат на позицијата.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија неодамна за РСЕ прогнозираше дека овие домашно политички случувања ќе се рефлектираат врз преговарачкиот процес со Бугарија.

„Владата ќе биде многу повнимателна во преговарањето и помалку спремна на компромис кој и онака немаше многу маневарски простор да го направи“, вели Трошановски.

Се смени ли позицијата на Софија?

Во меѓувреме, додека се очекува официјализирање во собранието на оставката на македонскиот премиер, во Бугарија во тек е изборната кампања. По 14 ноември источниот сосед би требало да добие нов претседател и нова влада, по досега неуспешните обиди за формирање откако двата изборни циклуси не донесоа јасен политички резултат. Тоа значи дека за евентуален договор меѓу Скопје и Софија со кој би се деблокирале македонските европски интеграции би останало кратко време- од 14 ноември по бугарските избори до средината на декември кога вообичаено е Советот за општи работи на ЕУ.

Радев, кој според испитувањата на јавното мислење е фаворит да стане старо-нов претседател, минатата недела ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Тогаш најави формулирање на нова политика кон Република Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент ќе се ставел посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.

Како што објави тогаш неговиот кабинет Бугарија решително застанала зад македонските Бугари во нивната борба за рамноправност и дека таа позиција Радев им ја кажал на самитот во Брдо кај Крањ кој се одржа на почетокот од октомври и на европските лидери. Во соопштението од кај Радев не беа споменати историјата и македонскиот јазик, теми на кои силно инсистираше претходната владејачка гарнитура предводена од Бојко Борисов која всушност и ја стави блокадата за земјава.

Екатерина Захариева која до лани беше министерка за надворешни работи тогаш објаснувајќи зошто воспоставија блокада рече дека бараат Скопје да ја признае историската вистина, односно корените на македонскиот јазик и нацијата и дека не може во ЕУ ако земјава се уште го слави, како што го нарече, југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито.

Можни ли се исчекори до декември?

Сега и Борисов, чија партија повторно води на повеќето анкети во Бугарија ги прими македонските Бугари. И тој рече дека Бугарија ќе ја поддржи Северна Македонија, но дека бугарското малцинство мора да биде впишано во Уставот на државата.

„Евидентна е промената во дискурсот на лидерството во Бугарија во однос на објаснувањето на проблемот, односно објаснувањето на својата позиција кон Северна Македонија“, вели Кацарска.

Останува нејасно ако инсистирањето на официјална Софија сега е поврзано и со вклучувањето на Бугарите во Уставот, а надежите во владата дека може да се постигне договор до декември, како тој би се реализирал во Собранието во кое за промена на највисокиот државен акт потребно е двотретинско мнозинство.

Инаку, таканаречениот план 5+1 за кој се разговара периодов на релација Софија-Скопје го содржи прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG