Масовно на прегласувањето во Дебар
Во Дебар се прегласува во избирачко место 0543 во населбата Венец 1, од што можно е да зависи и крајниот резултат, како за избор на градоначалник, така и за членовите на Советот.
До 13 часот има многу помасовно излегување за гласање на ова избирачко место, кое се наоѓа во дебарската гимназија „28 ноември“. Претседателот на општинската изборна комисија Рилинд Хаса за Радио Слободна Европа изјави дека до 13 часот гласале 270 граѓани, а пред две недели во истото време само 140. Тој додаде дека ова избирачко место има 777 избирачи. Според Хаса, гласањето се одвива без проблеми.
За време на нашата посета на ова избирачко место сретнавме и дебарчани кои живеат во САД и некои земји на ЕУ, кои ни изјавија дека се дојдени во родниот крај специјално за денешното гласање, бидејќи живеат во оваа дебарска населба.
Најголема е излезноста во Вевчани, Ранковце и Демир Капија, во Охрид гласале 30 отсто од гласачите, а од општините на ниво на Град Скопје најголема е излезноста во Карпош - 29 отсто од гласачите. Најмала излезност во државата е во Сарај - 9 проценти.
Вториот изборен круг мирен и досега со поголема излезност од првиот
Гласањето во вториот круг од локалните избори се одвива без проблеми, со поголема излезност од првиот круг до сега, оценува ДИК. На некои избирачки места имало прекини поради уредите за отпечатоци од прсти, но тие проблеми се надминуваат. Од МВР не забележале посериозни инциденти. Денеска се гласа во 44 општини.
„Имаме многу мирен избирачки ден. Прилично солидна, добра излезност. Немаме пријавено дека има редици. Јас и лично гласав сега. Минатиот пат чекав 1 час, а сега ни пет минути“, изјави Даштевски. Целиот текст за досегашниот тек на гласањето, тука.