Достапни линкови

Пандора документи: „Како кинески Хуавеи работи во Србија“


Лого на Хуавеи на зграда во центарот на Белград
Лого на Хуавеи на зграда во центарот на Белград

Во напорите на Пекинг да изгради влијание во Србија, кинескиот технолошки гигант Хуавеи потпиша тајни договори со луѓе блиски до српската државна телекомуникациска компанија за наводно да добие договори, покажуваат објавените Пандора документи. Ива Мартиновиќ

Првиот од тие српски договори беше потпишан во 2007 година, последниот во јануари 2014 година и тие се совпаѓаат со периодот кога Хаувеи ги воспоставуваше своите први деловни врски во Србија додека кинеската компанија не стана еден од најважните партнери на државниот Телеком Србија, со склучен договор од 150 милиони евра во 2016 година за надградба на телекомуникациската инфраструктура во земјата.

Тајните плаќања извршени преку офшор компании беа откриени на 25 октомври како дел од Пандора документите. Станува збор за протекување на 12 милиони документи од 14 даватели на офшор услуги кои беа набавени од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и Мрежата за истрага на криминал и корупција (КРИК) со седиште во Србија.

Ја изгуби ли ЕУ битката со Кина и Русија за Балканот?

„Мислам дека ова е првпат да откриеме систем кој покажува како работи голема кинеска компанија во Србија“, изјави за РСЕ Весна Радојевиќ, новинарка на КРИК и еден од авторите на истрагата.

Документите покажуваат тајни офшор плаќања извршени на Игор Јецл, поранешен извршен директор на Телеком Србија, вредни 1,4 милиони долари за договори, заеми и такси за консултации, како и стан од офшор компанија за „консултантски услуги“ за што финансиски експерти рекоа ги „подигнува црвени знамиња за корупција“.

Српскиот министер за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ го посети Центарот за иновации и развој на Хуавеи во Белград
Српскиот министер за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ го посети Центарот за иновации и развој на Хуавеи во Белград

Протекувањето на Пандора документите, исто така, покажува дека најмалку милион евра отишле во офшор компании во сопственост на Јецл и Милорад Игњачевиќ, истакнат српски адвокат кој имал деловни врски со Телеком Србија. Според документите, од Јецл било побарано да му помогне на Хуавеи во добивањето одобренија и лиценци.

Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика, за РСЕ изјави дека иако корупцијата на Балканот не е единствена само за кинеските фирми, „оваа епизода покажува дека коруптивните практики се една од причините зошто локалните елити често се приемчиви за кинеските проекти“.

Хуавеи во Пандора документите за Србија

Аналитичарите за РСЕ велат дека офшор мрежата и протечените документи нудат увид во тоа како кинеските компании добиваат влијание во балканската нација преку потенцијално корумпирани деловни и политички мрежи.

Тагесшпигел: Пропаганден удар на Србија и Кина пред вратата на ЕУ

Стефан Владисављев, аналитичар во белградскиот Фонд за политичка извонредност, за РСЕ изјави дека иако им е посветено големо внимание на кинеските активности и инвестиции во Србија, овој случај претставува редок пример на докази кои покажуваат како се освојува влијанието.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со кинескиот претседател Си Џинпинг, Пекинг, 25 април 2019 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ со кинескиот претседател Си Џинпинг, Пекинг, 25 април 2019 година

„Кинеските проекти во Србија честопати се соочуваат со прашања поради недостаток на транспарентност и непочитување процедури кои би биле во согласност со правилата за конкурентност на отворениот пазар“, вели Владисављев, додавајќи: „Ова е јасен знак дека тие грижи не биле без причина“.

Како одговор на импликациите од протекувањето на Пандора документите, портпаролот на Телеком Србија за РСЕ изјави дека ќе ги преземе „сите неопходни дејствија“ во врска со наводите изнесени против фирмата во врска со Хуавеи.

„Телеком Србија работи во согласност со законот и според највисоките корпоративни стандарди. Во таа насока, во најкраток можен рок ќе ги преземеме сите неопходни правни дејствија во соработка со надлежните органи“, велат од Телеком.

Долгот на Црна Гора кон Кина и кредибилитетот на ЕУ на Балканот

Во Србија -- каде што Пекинг ужива блиски односи со претседателот Александар Вучиќ и постојано ги продлабочува своите врски во последните две децении -- растечката соработка со кинеските компании продолжува со несмалено темпо. Вучиќ ги зацврсти односите со Пекинг за време на неговиот мандат, соработувајќи на инфраструктурни, туристички и технолошки проекти кои донесоа повеќе од 10 милијарди долари странски директни инвестиции од 2005 година.

Србија е дел од Кинеската иницијатива „Појас и пат“ и еден од главните навивачи на градење силни врски со Пекинг низ Централна и Источна Европа. Хуавеи е гигант во глобалната технолошка индустрија.

Додека санкциите и дипломатската кампања предводени од САД неодамна го намалија нејзиниот пазарен удел, оваа кинеска фирма сè уште е најголемиот светски снабдувач на телекомуникациска опрема и лидер во технологијата на следната генерација 5G.

Соединетите држави и други земји тврдат дека Хуавеи ја загрозува нивната национална безбедност, велејќи дека компанијата е должна на кинеската влада и дека може да се користи за шпионажа. Хуавеи ги отфрли овие обвинувања.

Во Србија, мобилните телефони на Хуавеи се широко достапни кај сите оператори во земјата и фирмата е вклучена во развојот на 5G мрежите и системите за надзор во земјата како дел од иницијативата за „паметен град“ поддржана од Кина.

„Воена тајна“ - Србија ги платила кинеските дронови 20 милиони долари

Како одговор на прашањата на РСЕ, во соопштението дадено од Хуавеи се вели дека компанијата „отсекогаш ги почитувала меѓународните и локалните закони, како и деловната етика на земјите во кои работи“. Се додава дека „сите вработени во компанијата мора да се усогласат со локалните закони и прописи“.

На прашањето за Јецл и договорите со Хуавеи поврзани со офшор субјекти, кинеската компанија за РСЕ изјави дека „немаат такви информации во нивните досиеја“. Не е познато каде сега се наоѓа Јецл. Записите покажуваат дека тој повеќе нема адреса во Србија и дека неговата компанија регистрирана на Британските Девствени Острови е затворена. Неуспешни беа и обидите на РСЕ да стигне до Јецл.

Пекинг и Белград - неодговорени прашања

Плаќањата откриени од извештајот се преклопуваат со глобалниот подем на Хаувеи кој се наметнува на европскиот пазар. Според документите, една офшор компанија требало да работи во име на кинеската фирма и во Србија и во Црна Гора.

Билборд за благодарност до кинескиот претседател Си Џинпинг во Белград
Билборд за благодарност до кинескиот претседател Си Џинпинг во Белград

Наведената улога на Јецл беше да работи како лобист за да ги поттикне врските со деловната и политичката елита и да „воспостави добри односи со телекомуникациските оператори во Србија и Црна Гора, но и со владините претставници“. Дополнително, Хаувеи требаше да добие помош за добивање на потребните дозволи за работа во Србија.

Даночните олеснувања за ИТ компаниите ја ставија Македонија на „сивата листа“ на ЕУ

„Важно е сето тоа да отиде во офшор“, вели Радојевиќ, додавајќи: „Ако имате консултантски фирми во Србија, тогаш што е проблемот со водење бизнис од Србија? Зошто треба да се скриете на Британските Девствени Острови или Панама? За Хуавеи и за луѓето за кои известувавме, другото прашање е дали навистина имало некои консултантски работи и што всушност значат овие потпишани договори“.

Додека последниот протечен договор датира од почетокот на 2014 година, Јецл продолжи да поднесува фактури преку офшор компании во 2016 година. Радојевиќ вели дека ова се поврзува со растот на Хуавеи во Србија, откако потпиша договор за развој на Интернет телевизија за Телеком Србија во 2014 година и поголем договор за надградба на телекомуникациската инфраструктура на компанијата во 2016 година.

„Последните фактури се од 2016 година и затоа го поврзавме со оваа голема експанзија на Хуавеи во Србија од 2014 и 2016 година, кога добија големи зделки. Сега Српското обвинителство би требало да истражи што всушност се случило и што стои зад овие договори“, рече Радојевиќ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG