Во седум општини во вториот круг од локалните избори ќе се судрат кандидати од владејачката коалиција на централно ниво. Токму поради тоа, партиите од владејачкото мнозинство сè уште калкулираат како да изиграат и да поддржат еден од партнерите, а другиот да не се налути. За владејачките партии ова е „одење по жица“ затоа што секој погрешен потег може да влијае на и онака кревкото мнозинство во централната власт.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе повика на здружена опозиција во вториот изборен круг. Тој ги повика сите партии, велејќи дека им подава рака на „леви, центар и десни“ да му се придружат во уривањето на, како што вели „криминалната власт“. Тој рече дека неговата партија во вториот круг ќе ги поддржи кандидатите од неговата коалиција, како во Центар Жупа и во Карпош, каде во вториот круг лидерот на ГРОМ Стевче Јакимовски се натпреварува со Душко Весковски од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ исто така најави поддршка и за кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива, кои во вториот круг ќе се натпреваруваат против ДУИ во Дебар, Гостивар, Струга, Чаир, Боговиње, Теарце и во Врапчиште.
Во првиот круг на локалните избори опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, владејачката СДСМ 9, и нивниот коалиционен партнер ДУИ три градоначалнички места.
СДСМ на централно ниво предизборно коалицираше со ЛДП, ДОМ и со Беса, а по изборите во владата влегоа и ДУИ и ДПА.
Кандидатите на СДСМ и ДУИ во вториот круг ќе се соочат во Арачиново, Долнени и во Чашка. Во Шуто Оризари, пак, во вториот круг одат кандидатите на СДСМ и на ЛДП/ДОМ. Актуелниот градоначалник Курто Дудуш во првиот мандат беше избран како кандидат на СДСМ, а сега е кандидиран од ЛДП/ДОМ.
Во Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и на Беса, а во Студеничани – ДУИ и ДПА.
Веројатно најважната коалициска битка за гласови ќе се води во Тетово. Во вториот круг влегуваат актуелната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ и лидерот на Беса Биљал Касами. И ДУИ и Беса очекуваат поддршка од СДСМ, но партијата на премиерот Зоран Заев калкулира зашто поддршката за еден од нив може да го налути другиот и да влијае на стабилноста на владата, но и на нивното однесување во општини во кои во вториот круг им се битни нивните гласови.
Аналитичарот Арсим Синани вели дека премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев во вториот круг се наоѓа меѓу два огна.
„Од една страна треба да се избори за победа на својата партија во македонскиот блок, работа којашто ќе биде тешка, од друга страна, ќе треба да ја играа улогата на пожарникар меѓу неговите албански коалициони партнери, работа којашто ,исто така, е многу тешка, бидејќи Тетово е општина од која излегуваат најголем број на пратеници, бидејќи кој е главен во Тетово, тој е главен во албанскиот политички блок“, вели Синани.
На СДСМ му требаат гласовите на албанските коалициони партнери во тркаа за градоначалник на Скопје и Куманово, но и во Битола, Карпош и во Ресен. Во Скопје, Битола и во Центар им се битни и гласовите на ЛДП/ДОМ, но кандидатот за градоначалник Арбен Бени Шаќири рече дека не сака актуелниот градоначалник Петре Шилегов СДСМ повторно да биде градоначалник.
На страна на опозицијата, пак, се чини дека Левица веќе ја одби понудата за локално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
Димитар Апасиев од Левица, на својот Фејсбук профил го цитира поранешниот кубански лидер Фидел Кастро, дека „Коалицирањето ќе ја разводни идеологијата. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“.
Во Дебарца, Куманово и во Чучер Сандево, кандидатите на СДСМ во вториот круг ќе се судрат со независен кандидат. Зоран Ногачевски од Дебарца и Максим Димитриевски во Куманово се актуелни градоначалници на општините од СДСМ, но откако партијата не им даде поддршка за втор мандат, се кандидираа самостојно. Неизвесно е дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи и нив во вториот круг.