Достапни линкови

Седми локални избори - за прв пат гласање со отпечаток од прст


Нa овие локални избори, седми по ред од независноста на државата, за првпат се користат апарати за отпечаток од прст. Вторпат се одржуваат избори во време на корона. Во првиот круг ќе бидат избрани сите Совети и оние кандидати за градоначалници кои добиле мнозинство гласови, доколку на изборите излегле една третина од избирачите.

За градоначалници на 80 општини плус Град Скопје се борат 299 кандидати, а поднесени се 572 советнички листи. За 1347 советници во локалните самоуправи се кандидирани 10.831 кандидати. Право на глас имаат над 1,8 милиони граѓани (1.824.864 лица ).

Кој може да биде избран во прв круг?

На изборите се натпреваруваат политички партии самостојно или во коалиции, како и независни кандидати. Во првиот круг од изборите ќе се изберат Советите за сите општини, притоа се употребува пропорционалниот модел, и градоначалник ако добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Армијата, затворениците, болните веќе гласаа

Ден претходно, во сабота, гласаа припадниците на Армијата, старите и изнемоштени лица и притворениците и затворениците. Вчера гласаа и лицата позитивни на ковид-19 и тие што се во самоизолација, на тој начин што нив ги посетуваа тимови составени од медицински лица. Ова се втори избори кои се одвиваат во време на пандемија на ковид-19. Мината година во јули со ковид протоколи се одржаа парламентарни избори. Изборите ќе се одвиваат со строги протоколи за заштита од ширење на корона вирусот.

На првиот круг на гласање му претходеше изборна кампања која почна на 27 септември. Изборниот молк почна на 16 октомври на полноќ.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Локалните избори на 17 октомври 2021 година ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

Партии, коалиции, независни

За Град Скопје има 12 кандидати за градоначалник и 15 советнички листи. Во скопски Центар има седум кандидати за градоначалник и 10 советнички листи, исто колку и во Тетово. Во Битола има 6 кандидати за градоначалник и 14 советнички листи, а во Карпош 6 кандидати за градоначалник и 10 листи за советници. Освен партиските кандидати, на овие избори има 25 независни кандидати за градоначалник и 57 независни советнички листи кои ги собраа потребните потписи. По тројца независни кандидати влегуваат во трката за градоначалник на Македонска Каменица и за Чучер Сандево. Во Кавадарци и во Македонски Брод, пак, има по 5 независни советнички листи.

Прво гласање со отпечаток од прст

Ова е први избори на кои гласачите ќе се идентификуваат преку машини за читање отпечаток од прст. Ќе се гласа на 3480 избирачки места. Набавени се 4000 илјади машини за отпечаток од прст. По еден апарат ќе биде доставен на секое избирачки место, а другите ќе бидат резерва, ако некаде настане проблем. За денот на изборите, на 17 октомври, ќе бидат ангажирани 400 ИТ инженери и експерти, 320 од ДИК и 80 од компанијата „Дермалог“ од која се набавени уредите, кои ќе се погрижат да се надминат сите проблеми со нивната примена.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски во интервју за МИА, рече дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или после полноќ бидејќи ќе се споредуваат.

„Ќе бидеме внимателни, бидејќи постојат уредите за да пресметаме добро за да не испадне да објавиме едни па после да испаднат други. Така што малку поспоро ќе оди, меѓутоа има држави каде што резултатите ги чекаат по еден месец“, вели Даштевски.

Акредитирани над 1200 набљудувачи

ДИК издала 1.247 акредитации за набљудување за домашни и странски набљудувачи и преведувачи.

Според податоците од Државната изборна комисија, изборите ќе ги мониторираат 870 домашни набљудувачи. Акредитирани се набљудувачи од Граѓанската асоцијација АКСИОС 2017 Скопје, од Здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје, како и набљудувачи од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - Скопје.

Акредитирани за набљудување се и 367 меѓународни набљудувачи и 40 преведувачи. Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи, набљудувачи има и од странските амбасади, а акредитација добиле и 10 странски новинари.

Отпечатени на 4,5 милиони ливчиња

На овие Локални избори има рекорден број на кандидатски листи, а тоа значи и многу избирачки материјал, посочи претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Во битолската печатница „Киро Дандаро“ отпечатени се околу 4,5 милиони ливчиња и материјал што го придружува избирачкиот материјал за реализација на изборите. Овие гласачки ливчиња се заштитени со над 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, ниту пренесување на ливчиња од едно на друго избирачко место затоа што сите ливчиња се обележани и заштитени, велат од ДИК. За печатење на избирачкиот материјал потрошени се околу 40 тони хартија за ливчиња и дополнителни 20 тони хартија за записници.

Полицијата подготвена за изборни предизвици

Од Министерството за внатрешни работи, кои има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси, велат дека ги преземаат сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик – од доставување на податоците потребни за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на самиот ден на изборите, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК. Од МВР велат дека се максимално подготвени да одговорат на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес.


Граѓаните може да пријават повреда на избирачкото право

Доколку на гласач му се прекрши избирачкото право или има прашања во врска со гласањето може да се јави на бесплатниот број во ДИК (0800555444).

Прекршувањето на гласачките права може да се пријави и до Народниот правобранител и до Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Сите седум канцеларии на Народниот правобранител ќе бидат отворени за време на гласањето, а во функција е бесплатната телефонска линија (0800-54321). Народниот правобранител има канцеларии во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.

Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на денот на изборите ќе работи во текот на целиот тен. Освен во Канцеларијата во Скопје, пријавувањето може да биде и преку телефон (02 3119 073 и 072 278 436) или преку електронска пошта ( helkom@mhc.org.mk.)

Упатство за гласање на локалните избори

Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкио материјали и на избирачите додека гласаат.

Гласање за друго лице е забрането, освен ако избирачот има физички недостаток или е неписмен.

Според Изборниот законик, гласачките места започнуваат со работа во 7 часот наутро и гласањето трае непрекинато до 19 часот. Доколку се доцнело со почеток на гласањето, гласањето продолжува за онолку време колку што задоцнило. Гласачките места затвараат во 19 часот, но на оние гласачи кои се затекнале на местото на гласањето ќе им биде овозможено да си го остварат своето право на глас.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG