Ден по објавата на декларацијата на Македонците во Бугарија со своја декларација излегоа и Бугарите во Македонија. Тие побараа од Софија да биде „цврста и непопустлива во поддршката“ на нивната кауза.
„Важна е поддршката на нашето барање впишувањето Бугарите како равноправен дел од народ во Уставот на РС Македонија, за правилно попишување затоа што нас не има многу повеќе од 120 000 кои имаат чест да бидат и граѓани на Бугарија’, наведуваат шест организации на македонските Бугари и една политичка партија- Граѓанско демократската унија.
Шест организации на Македонците во Бугарија кои се состанаа пред три дена донесоа декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.
И тие го осудија начинот на кој беше спроведен пописот во Бугарија, побараа да запре политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство, Софија да престане да го блокира Скопје, а двете земји „да ги постават македонското малцинство во Бугарија и бугарското во Македонија во своите Устави“.
Можен ли е реципроцитет?
Во меѓувреме, а една недела по средбата на македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев со посредство на европски претставници во Брдо кај Крањ, јасно е дека разговорите за таканаречениот план 5+1 се во тек на нивоа на министерства за надворешни работи. Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев откри и дека ги предале бугарските предлози и текстови, а дека ако се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од него и од неговиот македонски колега Бујар Османи.
Шесте точки од планот 5+1 се знаат- прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и ова прашање за вклучување на Бугарите во Уставот.
Прашањата како рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, немешањето во внатрешните работи на Бугарија се однесуваат на македонската страна, но не и на бугарската.
Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС во разговорите меѓу Скопје и Софија треба да се бара реципроцитет и тоа вели за се што бара Бугарија.
„Тоа многу едноставно и лесно може да се објасни и аргументира на пример како добра европска пракса. Значи, ако од нас се бара нешто што Бугарија смета дека е во согласност со добрите европски практики најдобро е да го направиме така како што е направено во Бугарија. Тоа може да биде и од помош во демистифицирањето на бугарските барања дека или се бесмислени или дека тоа што го бараат од нас самите го немаат направено“, вели Кржаловски.
Што може да направи Македонија?
Инаку едно од барањата, рехабилитација на жртвите на комунизмот е процес кој е спроведен во Бугарија, но Стојко Стојков, копретседател на здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин вели дека не е направен како што треба и тврди дека од неа биле изоставени Македонците кои живеат таму.
„Не знам колку имало и дали имало само затоа што се Бугари репресирани во Македонија, меѓутоа има илјадници луѓе репресирани затоа што се Македонци во Бугарија. И тоа Бугарија никогаш официјално го нема признаено, напротив друштвото на тие репресирани Македонци кои што лежеле со години по затворите во Бугарија повеќе од десет години не може да се регистрира. Тука имаме конкретно со пресуди, со конкретни имиња на луѓе кои лежеле со години по затворите, тоа не е некоја општа декларација како што Бугарија обично прави“, вели Стојков.
Здружението чиј копретседател е тој е едно од потписниците на декларацијата ја осудија и како што наведуваат, пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од Македонија, никогаш го немаат поставено пред Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство.
Премиерот Зоран Заев вчера коментирајќи ја декларацијата на Македонците во Бугарија рече дека ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји.
„Ние треба да го правиме она што го прават сите други земји, секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас“, рече Заев.
Инаку во амандманот 2 од Уставот се наведува дека „републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“. Во членот 11 од Договорот за пријателство со Бугарија кој го споменува Заев пак се наведува дека „ Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија “.