Премиерот Зоран Заев соопшти дека не ги прифаќа оставките од министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот, доктор Венко Филипче и заменик министерот за здравство, доктор Илир Хасани, кои потсетувам, од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на мојата одлука. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, нагласи Заев.
Премиерот истакна дека нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница и оти во наредниот период најважно е да се засилат контролите за да не се случат вакви несреќи во иднина.
Обвинителството претходно денеска соопшти дека причината за пожарот во тетовската ковид болница во кој животот го загубија 14 лица е прегреан кабел на дефибрилатор. Огнот, според обвинителството, се проширил по целиот објект за многу краток период со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и присуството на кислород било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација.
„Имено, со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се наведува во соопштението.
Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Константин Кизов вели дека на еден приклучен кабел не можело да биде вклучен дефибрилатор, туку тој треба да биде споен на (штекер) директен извор на електрична енергија.
„Сега тука треба да се утврди на кого е пропустот. Дали на тие службениците што го уклучувале дефибрилаторот на продолжен кабел или пак немале доволно искуство за да може до тоа да дојде. Дали е директорот виновен, некој болничар или сестра тоа треба да се утврди“, вели Кизов.
Кон ширењето на огнот, како што се наведува обвинителството, придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/ просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.
Според Кизов, прашање е дали имало и противпожарни апарати и дали тие биле поставени на одредено место и тоа треба истрагата да го утврди. Тој додава дека и фирмата која ја поставила модуларната болница ќе треба да сноси одговорност.
„Па сигурно оти при пуштање треба противпожарни апарати, бидејќи тука се лекуваат болни. Треба да има обезбедување. Треба горе на таваните да се распрскувачи на вода и при пожар да може да прскаат и да го изгаснат. Дали имало или немало и дали во јавната набавка било предвидено или не било предвидено. Ако било предвидено сигурно на тој што изведува е пропустот“, додава Константин Кизов.
Ако биле предвидени противпожарни апарати, а не биле инсталирани, освен фирмата, одговорност ќе треба, според Кизов да понесе и Министерството за труд и социјална политика.
Јавната набавка за модуларните болници беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка.
Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите. Вкупната вредност на двата договори изнесува над 4 милиони и 600 илјади евра.
Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.
Од Брако по пожарот ги отфрлија шпекулациите дека нешто не било во ред со изведбата на објектите. И министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција по пожарот рече дела објектите се изградени според светските стандарди.
Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми заедно со директорот на Клиничката болница Фљорим Бесими понесоа оставка од функцијата. Министерот за здравство Венко Филипче понуди пишана оставка до премиерот Зоран Заев.
Кизов додава дека досегашната истрага покажува дека не е прашање човечка грешка.
„Набавката, изведувачот, приемот, ракувањето, тука е комплекс на пропусти и одговорности. Затоа се вклучени пет обвинители кои треба да ја утврдат поединечно на секако одговорноста“, вели Кизов.
Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.