Достапни линкови

До обвинителството стигнала документацијата за набавката на ковид болницата во Тетово


Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Русковска вели дека се работи за обемна документација, која најпривин ќе се анализира, а потоа ќе се донесе одлука како ќе се одвива истрагата.

До Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е доставена целокупната документација за набавката на модуларната болница во Тетово каде во пожар животот го загубија 14 лица. Шефицата на обвинителството, Вилма Русковска вели дека се работи за обемна документација. Во интервју за РСЕ кое целосно ќе се емитува в недела на прашањето кој би можел да биде повикан за сведок или кривично да одговара, Русковска вели дека најпрвин треба да се анализира документацијата па потоа ќе донесат одлука како понатаму ќе се одвива случајот.

„Ако има некоја одговорност, односно во делот ако е повреден Законот за јавни набавки или во делот, бидејќи посебен закон е донесен за набавка на овие модуларни болници, или во тој дел ако е повреден, тогаш ќе одлучиме кого ќе распитаме и кого ќе викнеме. Сето останато е во делот што го води Основното обвинителство во Тетово“, вели Русковска.

Кој ја спроведе набавката

Јавната набавка за модуларните болници не одеше преку Министерството за здравство, туку беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка.

„Набавката на модуларните монтажни контејнери во 17 општини, е спроведена со меѓународна објава за набавка, во согласност со регулативите на Светска банка. Набавката се одвива во рамките на проектот за Итно справување со кризата предизвикана од вирусот Ковид 19, чиј носител е МТСП. Потписник на сите договори во рамките на проектот е МТСП, иако предмет на дел од набавките се однесува за потребите на Министерството за здравство, односно Јавните здравствени установи. Министерството за здравство, пак во директна постапка ги има набавено монтажните контејнери, односно модуларната болница за КИБФС и амбулантите за Клиника за пулмологија“, велат од Министерството за здравство.

Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите. Вкупната вредност на двата договори изнесува над 4 милиони и 600 илјади евра.

Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.


Од Брако по пожарот ги отфрлија шпекулациите дека нешто не било во ред со изведбата на објектите. И министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција по пожарот рече дела објектите се изградени според светските стандарди.

„При изградбата на болницата запазени се сите сторги стандарди и постапки. Како и на кој начин е одржувана и раководена болницата по примопредавањето треба истрагата да потврди“, изјави Филипче.

Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми ден по отворањето на ковид-центарот на 15 април изјави дека се утврдени грешки при изградбата, односно забелешките се однесувале на подот и неколку мали инфраструктурни грешки.

Тој по несреќата рече дека тогаш биле констатирани ситни пропусти, како поправка на подот во ходникот, инсталација на туш кабина или ставање заштитна ограда што, според него, било направено.


Етеми заедно со директорот на Клиничката болница Фљорим Бесими понесоа оставка од функцијата. Филипче понуди пишана оставка до премиерот Зоран Заев, кој рече дека ќе се чека на исходот на истрагата.

Што истражува обвинителството во Тетово

Основното јавно обвинителство Тетово, како што соопшти, го истражува надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита.

„Членови од Министерството за здравство учествуваа во Комисија за примопредавање на модуларните болници. Модуларните болници откако се поставуваат истите се примопредаваат на јавно здравствените установи на управување. Натамошниот менаџмент, имплементација на протоколите, набавката и довод на кислород, ПП апарати и протоколи, се целосно во ингеренции на самата болница каде е поставен модуларниот објект“, велат од Министерството за здравство за приемот на модуларните болници.

Обвинителството ги истражува и снимките објавени на социјалните мрежи за пожарот, како и вештачење на опожарените примероци од болницата. Истовремено, обвинителството, како што се наведува, продолжува да сослушува сведоци и лица кои даваат потребни известувања, по однос на трагичниот настан. Притоа донесена е писмена наредба со цел да се прибават и сите протоколи за начинот на работа, како на модуларната болница, така и на болницата во Тетово.

Во меѓувреме во Тетово пристигнаа германските техничари и форензичари. Владата информираше дека тимот е составен од двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање. Според Владата, тие ќе работат заедно со крим техничарите на МВР и ќе имаат улога на мониторинг во истрагата.

Тридневна жалост, истрагата за пожарот во Тетово е во тек
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани и се во стабилна здравствена состојба. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG