Според анкетата на Брима објавена деновиве од Слободен печат, премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев ужива поддршка од 11,8 отсто од граѓаните, а претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 7 отсто. Тоа значи дека премиерот има доверба од секој деветти човек во државата, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од секој 14-ти. Рејтингот на партиите е речиси двојно поголем, па така владејачката партија ужива поддршка од 19,5 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 17,5 проценти.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, води на анкетата на „Организацијата за граѓански активизам и независност”. Според оваа анкета, 15,9 отсто од испитаниците се изјасниле дека му веруваат на Мицкоски, 13,4 отсто на Заев.
Но, да се соберат процентите и на двајцата лидери, пак, ќе биде помалку од колку што на пример имаше Никола Груевски кога беше премиер.
Според анкетата на Брима Галуп, во соработка со порталот Република, направена во декември 2015-тата година, прогнозите биле дека тогашниот премиер ужива поддржа од 32,3 отсто, а Зоран Заев, кој беше во опозиција, уживал довербата на 9,1 процент од испитаниците, објави Република во 2015.
Истата агенција во анкетата од април 2007 покажува дека рејтингот на Груевски бил 30,8 проценти.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, има константен рејтинг низ годините, од околу 6 отсто.
Лидерите на политичките партии имаат помали рејтинзи од партиите на чие чело се, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Рејтингот на лидерите на партиите зависи и од тоа дали партијата е на власт или во опозиција и дали лидерот е премиер или предводи опозициска партија.
„Генерално кога ќе дојде одредена партија на власт, рејтинзите на лидерот на таа партија, којшто подоцна станува и премиер се зголемуваат. Тоа се случи и со Заев во 2017 и кај Никола Груевски во 2006 година. Но, за разлика од Груевски којшто успеа во скоро целиот тој период од неговиот мандат којшто траеше десетина години успеа да задржи релативно висок рејтинг, кај Заев многу бргу рејтингот почна да се намалува. И затоа сега имаме ситуација во која рејтингот на премиерот и лидер на најголемата владејачка партија е многу понизок од рејтингот на самата партија, иако и рејтингот на СДСМ бележи пад споредбено со 2017 година“, вели Божиновски.
Според анкетите на ИРИ, рејтингот на премиерот Зоран Заев постојано паѓа во изминатите четири години. На прашањето на кој политичар гледате најблагонаклоно, без да бидат понудени имиња, туку граѓаните спонтано да одговорат, за премиерот Заев во март годинава се определиле 10 отсто од испитаниците. Во февруари лани за него се определиле 13 отсто од граѓаните, а во 2017 и 2018 година тој им бил омилен на 16 отсто од испитаниците. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во март годинава се определиле 6 отсто од граѓаните, додека поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија сè уште има рејтинг од 4 отсто.
Политичарите во Македонија генерално уживаат понизок рејтинг во споредба со политичарите во регионот, покажува истражувањето ИРИ, од февруари 2020. Во Србија политичар со најголем рејтинг е претседателот Александар Вучиќ со доверба од 29 отсто, во Црна Гора тамошниот претседател Мило Ѓукановиќ со доверба од 17 отсто. Косовскиот премиер Албин Курти ужива најголема поддршка со 25 проценти. Политичарите во БиХ се на ниво на политичарите во Македонија, со низок рејтинг.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека тоа што лидерите на партиите имаат понизок рејтинг од партијата, говори дека партиите полека се ослободуваат од епитетот „султан партии“.
„Ние сме биле сведоци порано дека партиите намерно го култивираа култот на лидерот и тој се поистоветуваше со целата партија. Таков вид на организација на партиите не соодветствува со демократските принципи и стандарди“, вели тој.
Ако се направи споредба со соседните земји, вели тој, може да се извлече заклучок дека таму има истакнат култ на лидерот.
Локалните избори се закажани за 17 октомври. В понеделник на 27 септември стартува изборната кампања.
И Заев и Мицкоски се убедени во победа на изборите. Премиерот вели дека СДСМ е фаворит оти има најдобра понуда на кандидати за градоначалници и советници. Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе покажат дека не се сите исти и има луѓе кои си ја сакаат државата.