На собирот по повод 13-годишнината од Социјалистичкото движење, министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека задача на оваа генерација политичари е да создадат српски свет, да ги обединат Србите каде и да живеат.
Понатаму тој прецизираше дека за „создавањето на српскиот свет“ потребно е Србија да биде економски успешна, добро раководена и „да има војска што ќе може да ги спаси и неа и Србите каде и да живеат“.
Кој сака да се офајди од бугарското вето и балканските кавги
На овие зборови, Вулин, кој беше меѓу најблиските соработници на сопругата на Милошевиќ, Мирјана Марковиќ во текот на 90-тите години на минатиот век, собран во Југословенската левица (ЈУЛ), беше поздравен од публиката и од Александар Вучиќ кој е претседател на Србија и лидер на Српската напредна партија (СНС), која е во сојуз со партијата на Вулин, а во текот на 90-тите години беше на врвот на десничарската Српска радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ, осуден воен злосторник. Ден откако одекнаа зборовите на Вулин, регионот беше преплавен со реакции
Коментирајќи ги критиките упатени кон Вулин претседателот на Србија, Вучиќ, оцени дека не станува збор за потера по Вулин, туку по Србија.
„Секој пат кога велат дека тоа е Вучиќ и Србија е затоа што мораат да најдат виновник за сè во Србија. Затоа е важно за луѓето да знаат каква е официјалната политика на Србија, а таа е дека границите на Србија се неприкосновени и не нè интересираат туѓите граници. Да ја чуваме нашата и да покажеме на јасен и недвосмислен начин каква е нашата политика“, рече Вучиќ за ТВ Пинк во Брисел по вчерашната рунда дијалог со претставници на Приштина.
Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, рече дека очекува Вучиќ веднаш да се дистанцира од изјавите на Вулин.
Ако тој не го стори тоа, смета Турковиќ, тоа само ќе потврди дека неговата и официјалната политика на Србија е уривање на Дејтонскиот мировен договор, чија цел е присоединување на делови од Босна и Херцеговина кон Србија.
Вулин: Слободан Милошевиќ заслужува почит од Србија и Србите
Реагирајќи на ова Вулин вели дека во својата изјава на 18 јули тој рекол „дека Србите ќе се обединат мирно, без ниту еден куршум кога ќе бидат исполнети условите за тоа“. „Ако Германците можеа, зошто Србите не можат или сте против обединета Германија?“, прашува Вулин.
Првата поддршка за Вулин за идеите за реализација на проектот „Српски свет“ дојде од Андрија Мандиќ, од црногорскиот владејачки просрпски Демократски фронт. Тој вели дека веќе работат на реализација на „српскиот свет“.
„Србите од Црна Гора, Србите од Република Српска, Србите од Македонија, тие граници што постојат меѓу нас да не постојат во нивните глави, а потоа ќе соработуваме подобро, ќе бидеме поблиску едни на другите, на крајот ние сме еден народ“, изјави Мандиќ.
ДФ е најбројниот политички сојуз на новата влада, која беше формирана по изборите во август минатата година. Тие го формираа мнозинството со Демократите и Граѓанското движење УРА и избраа влада предводена од Здравко Кривокапиќ.
Претходно, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, лидер на водечката опозициска партија, која ја изгуби власта во август лани, по три децении - Демократската партија на социјалистите (ДПС), зборуваше за опасностите од идејата за „српски свет“.
„Кога ќе го видите ставот на Србија во регионот, таа улога е потенцијално деструктивна, бидејќи Србија се врати на политиката од раните 90-ти. Србија е тука за да го зачува интересот на Србите каде и да живеат во регионот. Тоа е истата грешка што Слободан Милошевиќ ја направи во 90-тите години на минатиот век. Знаеме што се случи во Босна и Херцеговина“, истакна Ѓукановиќ, наведувајќи дека претседателот на Србија Вучиќ, се обидува да ја претстави заштитата на интересите на српскиот народ во Црна Гора како легитимна цел.
„Жал ми е што Србија ги повторува своите грешки и се плашам дека тоа е реален потенцијал за создавање нестабилност во регионот. Србија тоа го прави потпирајќи се врз поддршката на Москва“, рече Ѓукановиќ.
Столтенберг: Најважно за Косово е да најде политичко решение со Србија
Од кабинетот на претседателот на Косово, Вјоса Османи, за РСЕ изјавија дека Вулин е познат по своите ултранационалистички ставови.
„Државата претставена од Вулин сè уште не се извини за злосторствата што ги стори во Косово, така што враќањето на заканувачкиот дискурс со „обединување на Србите“ е показател дека Србија сè уште не е во можност да се отцепи од геноцидната политика на режимот на Милошевиќ. Наместо да ја проектира Србија во ЕУ, Вулин сака „голема Србија“, се вели во соопштението.
Премиерот на Косово, Албин Курти кој учествуваше на новата рунда дијалог меѓу Приштина и Белград за нормализирање на односите во Брисел, за РСЕ оцени дека „за жал, претседателот на Србија не се оградува од Вулин ниту од Милошевиќ, ниту од кој било на власт во 90-тите години на минатиот век“.
„Ова е навистина тажно и мислам дека фактот дека имаме десет години дијалог во Брисел без конечен договор е затоа што има проблематичен отпор во справувањето со минатото“, рече Курти.
Политичкиот аналитичар Агон Маљиќи во интервју за РСЕ смета дека на ваквите изјави треба да се гледа како на форма на закана, што подиректно ја открива политиката на Србија кон регионот.
Тој исто така верува дека Вулин веќе подолго време артикулира на подиректен начин каква е позицијата на Александар Вучиќ. Според него „српски свет“, е еуфемизам за „Голема Србија“, и оваа идеја може да се реализира само со следење на политиката на Вучиќ.
Историја на Хашкиот трибунал: Децении на правда за злосторствата во екс-Југославија
Соња Бисерко, од Хелсиншки комитет за човекови права во Србија во коментар за РСЕ пак вели: „Тоа е нешто што секојдневно се обидуваат, а тоа е да видат колку далеку можат да стигнат, до каде меѓународната заедница ќе ги толерира. Секако, откако ќе се создаде таа реалност, многу е тешко да се врати во претходната состојба“.
Таа исто така верува дека Вулин го изјавил она што Вучиќ мисли и се надева дека меѓународната заедница ќе постави црвени линии кога станува збор за такви изјави и аспирации.
„Мора да се утврдат црвените линии за сите такви политичари во регионот, имајќи предвид дека меѓународните граници на Балканот се веќе признати и дека повеќе нема промени“, заклучи Бисерко.
Политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ пак, смета дека Србија се повеќе се движи кон Русија. „Под претседателство на претседателот Вучиќ, Србија се обидува да го имитира однесувањето на Русија, како регионална сила што претставува опасен сосед за сите што ги делат границите со неа“, вели Вујовиќ.
Тој сепак наведува дека Србија нема ресурси како Русија за да создаде замрзнати конфликти како што создаде Русија во Грузија, Молдавија, Украина и се обидува да го дестабилизира регионот преку војна во медиумите, користејќи ја својата национална заедница што живее во други земји.
„Тоа создава конфликт меѓу Србија и Западот“, вели Вујовиќ, одговарајќи на прашањето дали очекува реакција на Европската унија за афирмацијата на „српскиот свет“.
„Тоа е нешто што го продлабочува конфликтот со американската политика, но исто така и со нешто што треба да биде политика на ЕУ. Сепак, ЕУ не беше јасна во последните седум или осум години во политиката кон Западен Балкан. Затоа е отворен многу простор за српскиот претседател Вучиќ“, вели Вујовиќ.
Терминот „српски свет“ прв го употреби Александар Вулин додека беше на чело на Министерството за одбрана, на 26 септември 2020 година.
„Вучиќ треба да го создаде српскиот свет. Белград мора да ги собере сите Срби во себе и околу него, а претседателот на Србија е претседател на сите Срби“, рече Вулин.