Се празни Инфективното одделение во Битолската болница, но со постковид пациенти се наполнија Интерното, Нервното и Психијатриското одделение. Дел од нив се соочуваат со срцеви проблеми, но и психички поради стрес претрпен од короноавирусот, страв од смртта што ја предизвикува заразата и амбиентот со вести од црна хроника во кој сите граѓани живееја со месеци. Најголем притисок има во Психијатриското одделение, каде покрај останатите проблеми, пациентите се соочуваат и со акутна деменција.
„После оваа пандемија очекувано е да се појават анксиозните состојби, паничните напади и слична патологија како последица од целокупната ситуација, но и постковид состојби како психотични растројства и акутни дементни состојби. Се соочивме со нешто што беше непознато, како луѓе требаше да се навикнеме на одредени правила кои не ни беа по волја, потоа следуваше период на изолации, страв од смртта и постојаната оптовареност со црната хроника, и очекувано е ова што се случува и допрва ќе се случува од аспект на психолошки и психички растројства“, рече Билјана Гагачовска, директор на Клиничката болница од Битола, која е специјалист психијатар.
Во Битола, бројките на заразени од коронавирусот се намалени на неколку активни случаи и само неколкумина позитивни во дневната болница. На Инфективното одделение зголемен е бројот од пациенти кои се хоспитализирани со вообичаени летни инфекции. Додека одделението е празно и нема ковид пациенти, менаџментот го користи овој период за да ги подобри условите за престој на пациенти во иднина. Со донација од јавното претпријатие „Водовод“ од Битола се реновираат тоалетите, оваа фирма добиваше и 1,2 милиони денари за да се постави водоводна инфраструктура за модуларните болници во Битола, а директорот лично донира и клима уред за Интерното одделение.
Доколку има потреба од нови хоспитализации на пациенти со коронавирус, тие ќе се примат во модуларните болници во Битола, а менаџментот се обидува да изнајде средства за да го реновира Инфективното одделение. Тоа е засебна зграда во склоп на Клиничката болница изградена од 1972 година и нереновирана половина век, но со довод на кислород.
„Веќе административните подготовки се во тек преку средствата што ги добивме од Министерството за локална самоуправа со цел изработка на архитектонски проект за целосно реновирање на зградата на Инфективното одделение. А со министерот за здравство и преку бизнис секторот започната е иницијатива за целосна реконструкција на оваа одделение. Но, тоа е проект кој ќе одземе време за да се санира состојбата“, рече Гагачовска.