Интензитетот и обемот на поплавите што деновиве ја погодија Германија предизвикаа огромни последици во човечки жртви и материјални штети кои се пресметуваат во милијарди евра. Загинати се десетици луѓе, стотици се исчезнати, откако делови од Северна Рајна-Вестфалија за само 48 часа беа преплавени со 148 литри дожд на квадратен метар, количество кое вообичаено во овие делови на земјата изнесува 80 литри за целиот месец јули.
Климатските експерти долго време предупредуваат дека емисиите од човечките активности се повеќе ќе предизвикуваат поплави, топлотни бранови, суши, невремиња и други видови на екстремни временски услови.
М-р Атанас Угрински, хидролог од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) посочува дека сме сведоци на чести примери на екстремни појави и во Македонија, како на пример поројните поплави и екстремните суши, за кои се согласува дека придонесуваат и климатските промени.
„Ваквите појави на невреме со поројни врнежи од дожд и поплави се доста непредвидливи и се многу тешки за прогнозирање. Нумеричките модели за прогноза на време можат да предвидат дека ќе има нестабилност, меѓутоа многу тешко може да се прогнозира интензитетот на тие врнежи, а уште потешко може да се прогнозира нивната временска и просторна распределба“, вели Угрински.
Скопје пред пет години беше погодено од силно невреме и поплави во кои загинаа 22 лица, а големи штети беа направени во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Тогаш, на 6 август 2016 година, во текот на 24 часа наврнаа 92,9 литри на квадратен метар. Невремето предизвика пад на дрвја, домови останаа без електрична енергија, евакуирани беа околу илјада граѓани во текот на ноќта.
Угрински вели дека е потребна подготовка во насока на превенција, преку регулација на реките, изградба на прагови во речните корита, изградба на одбранбени насипи и пошумување во горните делови на сливните подрачја.
„Ако веќе не може да се избегнат вакви временски непогоди, тие би можеле да се ублажат за да немаме толкави материјални последици и загуба на човечки животи“, вели Угрински.
Во однос на подготвеноста за детектирање на екстремни временски настани, тој додава дека во УХМР постои систем за рана најава и предупредување, составен од автоматски хидролошки и метеоролошки станици, бази на податоци, сателитски и радарски мониторинг систем.
„Постојниот систем секако треба да се надградува и постојано да се модернизира“, вели Угрински.
Инаку, периодов делови од земјава беа погодени од невремиња, како во кичевско и околината и реонот на општина Ранковце, при што беа предизвикани метеријални штети, прекин на струја и отежнат сообраќај. Угрински вели дека може повторно да се очекуваат интензивни процеси, односно за кратко време да наврнат големи количества дожд.
„Доколку ваквите процеси се случат во градските урбани средини, поради неможноста за одведување на водата во толку краток временски период, можна е појава на слевање и течење на вода низ градските улуци“, вели Угрински.
Во однос на топлотните бранови, периодов САД и Канада беа погодени од смртоносно високи температури кои се искачија над 49 степени целзиусови. Во Македонија топлото време трае веќе неколку недели, со температури кои достигнаа над 40 степени.
Елена Николовска од граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека треба да се подготвиме за вакви се почести екстремни врменски настани.
„Метеоролозите предвидуваат некој продолжен период на суша од три месеци, не зборувам за инцидентни периоди на врнежи од дожд кои доааѓаат, прават поплава и си заминуваат“, вели Николовска.
Во насока на подготовка за ваквите настани, земјата треба да го донесе Националниот план за адаптација на климатските промени, кој е форма на управување со ризици и се фокусира врз неколку стратегиски области како воздух, вода, отпад и јавно здравје.
Националниот план за адаптација им помага на земјите да спроведат сеопфатно среднорочно и долгорочно планирање за адаптација на климата. Процесот треба да биде базиран врз постојните активности за прилагодување на секоја земја и да помогне климатските промени да се интегрираат во донесувањето на одлуки на национално ниво.