Достапни линкови

Вести

Европската комисија отвори правни постапки против Полска и Унгарија

NETHERLANDS PROTEST HUNGARY LGBTQI+
NETHERLANDS PROTEST HUNGARY LGBTQI+

Европската унија отворила правна постапка против Унгарија и Полска поради дискриминација на припадниците на ЛГБТ заедницата.

Во соопштението на Европската комисија кое денеска беше објавено е наведено дека нејзината акција против Унгарија е поврзана со новиот закон со кој се „забранува промовирање на хомосексуалноста на малолетници“ , што според многумина во Унијата претставува напад на правата на ЛГБТ лицата со стигматизација на сексуалните малцинства и задушување дискурс за сексуална ориентација.

Вториот случај против Полска е отворен поради одлуката во одредени зони и општини да се прогласат „ослободни зони од ЛГБТ идеологија“ , како и поради неуспехот на властите да одговорат на ова прашање.


„Комисијата започнува постапки за повреда на Унгарија и Полска во врска со еднаквоста и заштита на основните човекови права. Двете земји-членки сега имаат рок од два месеци да одговорат на аргументите изнесени од Комисијата. Во спротивно, Комисијата може да одлучи да им испрати образложено мислење и во понатамошен чекор да ги упати до Судот на правдата на Европската унија,“ се вели во соопштението на Комисијата.

види ги сите денешни вести

Владата алармира медиумите кои објавија видео и фото материјали од семејствата да ги отстранат

Поворка од погрбот на жртвите во пожарот во Кочани, 20 март 2025 година
Поворка од погрбот на жртвите во пожарот во Кочани, 20 март 2025 година

Здружение на македонски новинари ЗНМ ги повикува медиумските работници и уредници да не отстапуваат од воспоставениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини кои можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат до стандардите на етичкото новинарство.

Ова доаѓа откако неколку странските медиуми емитувале експлицитни фотографии и снимки од ожалостените семејства.

И македонската Влада упати апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите во Кочани спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират.

Во овие тешки моменти, како што велат од Владата, уште еднаш го повторувааат упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.

Најголем дел од медиумите, според Владата, не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.

„Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите, се вели во соопштението од Владата.

Во исто време од македонската Влада им се заблагодаруваат на медиумите кои известувале професионално и ги почитувале препораките за известување од погребот на жртвите од трагичниот настан.

Путин му нуди „практична соработка“ на лидерот на Сирија за стабилизирање на состојбата во земјата

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до лидерот на Сирија, Ахмед ал Шара, со поддршка на напорите за стабилизирање на земјата, потврдувајќи ја подготвеноста на Москва за „практична соработка“ со Сирија за ова прашање, соопшти Кремљ.

„Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до шефот на сириската држава Ахмед ал Шара, во која ги поддржа напорите за што поскоро стабилизирање на ситуацијата во земјата во интерес на обезбедување на нејзиниот суверенитет, независност, единство и територијален интегритет“, изјави денеска (20 март) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, во пораката до Ал Шара, Путин ја потврдил и подготвеноста на Русија да развие „практична соработка“ со сириското раководство за сите прашања на агендата.

„Потврдена е непоколебливата подготвеност на Русија да развие практична интеракција со сириското раководство за целиот спектар на прашања од билатералната агенда со цел зајакнување на традиционално пријателските руско-сириски односи“, рече Песков.

Неодамна Европската Унија (ЕУ) вети 5,8 милијарди евра за помош на новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по падот на Башар ал Асад.

Ветувањата дадени вечерта на 17 март на собирот во Брисел се помалку од минатогодишните 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор ги наведоа кратењата на американската помош.

Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од ОН, но ЕУ сака да соработува со новите власти се додека тие ги одржат ветувањата дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.

Според ОН, Сирија изгубила 40 години развој поради војната и ќе и треба најмалку една деценија да се врати во предконфликтната состојба, а поради економската криза речиси целото население живее под прагот на сиромаштија.

Калас: За да го одвратиме агресорот, мора да ја зајакнеме одбраната

Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика
Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика

Ако инвестираме доволно во одбраната и ако ги зајакнеме одбранбените капацитети, со тоа ќе го одвратиме агресорот од напади, порача Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика пред почетокот на денешниот Самит на Европската Унија во Брисел (20 март).

„Ако не го правиме тоа, слабоста го повикува агресорот да не нападне. Затоа мора да направиме повеќе за да не дозволиме да се случи тоа“, додаде Калас.

Таа истакна дека ја поздравува најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД се обидуваат да обезбедат дополнителна противвоздушна одбрана за Украина, додавајќи дека тоа е исклучително важно, па затоа на денешниот Самит ќе се разговара за тоа што ЕУ може повеќе да направи за поддршка на Киев, но и за сопствената одбрана.

„Ако ги слушате изјавите на лидерите, тогаш поддршката е голема и тоа треба да се види и со дела, со бројки, со реална муниција што и е потребна на Украина. Затоа, навистина се надевам дека тоа ќе го придвижиме напред“, рече Калас, додавајќи дека ако лидерите на ЕУ имаат резерви кон преземањето долгорочни обврски, тогаш треба да донесат одлуки на краток рок за непосредните потреби на Украина.

Таа потсети на предложената инцијатива за воена поддршка на Украина, која, како што рече, во голема мерка е во согласност со барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за муниција во вредност од пет милијарди евра.

„Треба да почнеме со конкретни чекори, не само зборови, туку и навистина да и помагаме на Украина, бидејќи колку што таа е посилна на бојното поле, толку ќе биде посилна на преговарачката маса“, рече Калас, додавајќи дека со нетрпение очекува од Зеленски да ги чуе неговите впечатоци од вчерашниот разговор со Трамп.

Високата претставничка на ЕУ додаде и дека на Самитот ќе се разговара и за конкурентноста и потребата од зголемени инвестиции во одбраната, како и за Белата книга за одбраната на Европа, што вчера ја презентираше Европската комисија.

ЕУ би можела да го одложи првиот сет царини против САД до средината на април

илустрација
илустрација

Европската Унија би можела да го одложи воведувањето на првиот сет на контрамерки против Соединетите Држави поради царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе за челик и алуминиум до средината на април, изјави денеска (20 март) европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ.

Европската Комисија предложи повторно воведување царини од 4,5 милијарди евра (4,9 милијарди долари) американски производи на 1 април, по што ќе следува воведување дополнителни 18 милијарди евра царини за американски стоки од 13 април.

„Сега размислуваме да го усогласиме тајмингот на двете групи контрамерки на ЕУ за да можеме да се консултираме со земјите-членки за двете листи истовремено, а тоа исто така ќе ни даде дополнително време за преговори со нашите американски партнери“, рече Шефчовиќ на сослушувањето во Европскиот парламент.

Претседателката на ЕК неодамна изрази подготвеност за натамошни преговори и „смислен дијалог“ со нејзините американски соговорници бидејќи смета дека „во свет полн со геополитички и економски неизвесности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме економиите со царини“.

Ноќта меѓу 11 и 12 март стапија на сила царините за увоз на челик и алуминиум во САД.

Мерката го зголемува паушалот за челик и алуминиум што влегуваат во САД на 25 проценти и ги елиминира сите ослободувања на земјата од давачките.

Европската Унија и Соединетите Држави се меѓусебни најголеми трговски партнери. Тие имаат најголеми билатерални трговски и инвестициски односи во светот и ги уживаат најинтегрираните економски односи во светот.

Состојбата на повредените генерално стабилна, тројца пуштени на домашно лекување

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 критични, 10 се потешки, но и тие се стабилни и надвор од животна опасност, соопшти денеска (20 март)министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а на лекување надвор се 101.

Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три.

„Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави“, изјави Таравари.

Според него, од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Систина“ се згрижени 7 пациенти и во „Жан Митрев“ четворица.

Министерот додаде дека возачот на Итната медицинска помош кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти ќе биде постхумно одликуван.

„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а 155 беа повредени.

Франција ќе создаде одбранбен фонд од 450 милиони евра

Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард
Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард

Француската јавна инвестициска банка Bpifrance ќе создаде фонд за финансирање одбранбени проекти во вредност од 450 милиони евра, објави денеска францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.

Овој фонд ќе биде дел од напорите на земјата да ги зголеми трошоците за одбрана, поттикнати од стравувањата од руски напад и сомнежите за иднината на американската одбрана.

„Француските граѓани ќе можат, преку транши од 500 евра, да ги инвестираат своите пари на долг рок“, изјави Ломбард за телевизијата Те еф 1.

Според Министерството за финансии и одбрана, француските компании во одбранбениот сектор ќе имаат потреба од дополнителен капитал во вредност од над 5 милијарди евра во следните неколку години.

Претседателот Емануел Макрон, кој за време на двата мандата на функцијата го удвои францускиот буџет за одбрана, неодамна постави уште повисока цел, велејќи дека земјата мора да ги зголеми трошоците за одбрана на 3-3,5 отсто од БДП, во споредба со сегашното ниво од 2 отсто.

Најмалку 70 Палестинци загинале во најновите израелски напади во Газа

Појаз Газа (илустрација)
Појаз Газа (илустрација)

Најмалку 70 Палестинци загинаа, а десетици биле ранети во израелските воздушни напади низ Газа денеска (20 март), откако Израел продолжи со бомбардирањето на енклавата, изјави здравствен претставник на Газа.

Медицинските лица рекоа дека израелските напади биле насочени кон неколку куќи во северните и јужните области на Појасот Газа. Засега нема коментар од Израел.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили ги продолжиле копнените операции во централниот и јужниот дел на Газа, откако пропадна прекинот на огнот што нашироко се одржуваше од јануари.

Обновените копнени операции се случуваат еден ден откако повеќе од 400 Палестинци беа убиени во воздушни напади во една од најсмртоносните операции од почетокот на конфликтот во октомври 2023 година.

Од вторникот, во воздушните напади загинаа 510 Палестинци, од кои повеќе од половина се жени и деца, изјави здравствениот претставник за Ројтерс.

Израелската војска соопшти дека нејзините операции ја прошириле контролата на Израел врз коридорот Нецарим, кој ја преполовува Газа и биле „фокусиран“ маневар чија цел е создавање делумна тампон зона помеѓу северот и југот на енклавата.

Палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка соопшти дека копнената операција и упадот во коридорот Нецарим се „ново и опасно кршење“ на двомесечниот договор за прекин на огнот.

Во соопштението, групата ја потврди својата посветеност на договорот и ги повика посредниците „да ги преземат своите одговорности“.

Говорејќи за Ројтерс, официјален претставник на Хамас рече дека посредниците ги засилиле напорите со двете завојувани страни, но додаде дека „се уште не е постигнат напредок“.

Групата не упати јасни закани за одмазда.

Војната започна откако милитантите на Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, од страна на израелските податоци. Според здравствените власти во Газа, повеќе од 49000 Палестинци се убиени во конфликтот што следеше, а енклавата е претворена во урнатини.

Протести во Турција поради притворањето на истанбулскиот градоначалник

Протести во Истанбул по апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу, 19 март 2025 година
Протести во Истанбул по апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу, 19 март 2025 година

Илјадници студенти синоќа (19 март) се собраа во кампусот на Универзитетот во Истанбул поради притворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и покрај четиридневна забрана за јавни собири и протести до 23 март, со цел да се „одржи јавниот ред и да се спречат потенцијални провокации“.

Протестите уследија по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и други високи членови на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).

На Имамоглу му е одреден притвор во истрага за корупција. Обвиненијата против Имамоглу вклучуваат сомнение за членство во криминална организација, изнуда, поткуп, измама, местење тендери и помагање на забранетата терористичка група Курдска работничка партија (ПКК).

Дел од студентите во Истанбул се судрија со интервентната полиција, а голем дел од нив маршираа до Општината, додека главниот турски синдикат ги повика членовите да излезат пред полициската станица, каде е притворен Имамоглу.

И на протестите во Анкара имаше судири со полицијата, а приведени се демонстранти.

Одлуката за негово приведување доаѓа откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Овој потег, кој се случува само неколку дена пред ЦХП да го избере за свој кандидат на следните претседателски избори, претставува сериозен удар за опозицијата. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател.

Имамоглу оцени дека одлуката на Универзитетот е незаконска и дека ќе ја оспори на суд.

Според соопштението на Главното државно обвинителство, истрагата против Имамоглу е поврзана со наводни незаконски тендери и случаи на поткуп.

Имамоглу, кој во 2019 година беше избран за градоначалник на Истанбул, е еден од најголемите политички ривали на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година

Загинатите во пожарот во Кочани ќе бидат погребани денеска

илустрација
илустрација

Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.

Штип ќе се прости од петмината загинати во пожарот, а Пробиштип од тројцата свои сограѓани кои загинаа во трагичната несреќа.

Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот ќе бидат погребани во Скопје и во Струмица. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан повика на сплотеност и молитва по ужасната трагедија во Кочани. Народната сплотеност и единство, нагласува архиепископот Охридски и Македонски, најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви злокобни неприлики.

Владата вчера (19 март) ги задолжи државните институции, а на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор им препорача да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани.

Сите повредени во несреќата во Кочани се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство.

Од вкупно 178 повредени, како што информира вчера Министерството за здрaвство, во јавните здравствени установи во државата се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.

Вонредна седница на Владата - четири заклучоци за погребот на жртвите во пожарот

Марија Митева - портпарол на Владата (архива)
Марија Митева - портпарол на Владата (архива)

Владата вечерва на 19 март одржа вонредна онлајн седница и донесе четири заклучоци што се однесуваат на деновите на жалост и на погребот на настраданите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи утре.

Се задолжуваат државните институции, а се препорачува на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани, изјави портпаролката на Владата Марија Митева.

Таа појасни дека здравствените установи, образовните установи и градинките треба да организираат вршење услуги согласно потребите.

„Се задолжува МВР да ги преземе потребните безбедносни и сообраќајни мерки. Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Ценатрот за управување со кризи и Црвениот крст да обезбеди амбулантни возила. ТППЕ Кочани да ги преземе мерките и активностите согласно своите надлежности“, изјави Митева.

Таа информираше и за безбедносниот протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани.

„Во координација со МВР и во консултација со Здружението на новинари на Македонија и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите. За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со дронови, појасни Митева.

Овој медиумски протокол, како што рече, има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи: почитување на личната болка и достоинството, избегнување на сензационализам, објавување на проверени информации и медиумите да се осигураат дека нивното известување не придонесува за дополнителна јавна вознемиреност, рече Митева.

Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе и прес обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG