Достапни линкови

Над 10 години доцни системот за итна помош „Е-112“


Едиствениот паневропски број за Центар за итна помош
Едиствениот паневропски број за Центар за итна помош

Речиси 15 години е заглавено во процедури централизирањето на итните служби за спасување. Директорот на Дирекцијата за спасување Беким Максути вели дека проблемот е кој да биде шеф на „Центарот за итни служби“, додека според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов нема таков проблем.

Кој на кого да му биде шеф во Центар за итни служби - 112,? Дали Центарот за управување со кризи или Министерството за внатрешни работи. Ова досега беше еден од проблемите поради кој речиси 15 години се одолговлекувало спроведувањето на оваа европска обврска, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути. Од друга страна, пак, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека сега нема таков проблем затоа што со закон е уредено дека ЦУК е надлежен за овој проект, и дека до крајот на годинава овој систем ќе биде ставен во функција.

Станува збор за „Центар за итни служби“ од каде од едно место ќе се координира колку болничари, пожарникари или полицајци ќе излезат на терен во случај на некоја несреќа или непогода. За ваков центар опрема и софтвер за централизирање на итни служби со единствен телефонски број 112 веќе има, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути. Но, тој додава дека досега овој систем не бил ставен во фунција затоа што институциите не можеле да се договорат и законски да решат до каде ќе им бидат надлежностите.

Префрлање одговорност

„Не би сакал да вперам прст, но во однос на бројот 112 навистина е проблематично, затоа што многу оддамна се добиени пари од Европска Унија и се најавува готово е готово, ама не е така. Мислам дека единствениот проблем е во однос на некои надлежности и законски решенија на релација ЦУК и МВР во тоа сум сигурен затоа што го знам тој проблем од поодамна требаше да се надмине затоа што треба да гледаме во интерес на граѓаните а не да гледаме кој на кого му газдува, односно кој на кого му наредува“, вели Максути во интервју за Радио Слободна Европа кое вo целост ќе биде објавено в недела.

На ова од МВР велат дека спроведувањето на системот не е во нивна надлежност.

„Во врска со вашите прашања, а околу централизираниот систем за итна помош односно бројот Е 112 ве известуваме дека МВР не е носител и не го води проектот Е112 и затоа околу динамиката за реализација на овој проект потребно е да се обратите до Центарот за управување со кризи како институција надлежна за реализација на истиот.“

Директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов пак ни изјави дека предлог законот за делување на еден ваков Центар влегол во собраниска процедура и дека очекува ЦУК како надлежен да го стартува овој систем до крајот на годинава.

„ Единствениот повикувачки број за итни состојби 112 прв пат се спомнува во 2005-та година во законот за управување со кризи. Врз основа на овој закон во 2007 година Министерството за транспорт и врски донело одлука ЦУК да го имплементира овој број. Во 2009 година е изработена физибилити студија и тука некаде доаѓа некаков застој за кој период јас не можам да ви дадам информации бидејќи ги немам. Некаде во 2015 година доаѓа до реактивирање на целиот процес но динамиката е доста спора. Јас кога дојдов како директор на ЦУК дадов висок приоритет на воспоставување на овој единствен повикувачки број 112“ вели Ангелов.

Ангелов:Центарот за итни служби 112 ќе функционира од декември
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:34 0:00
Директен линк

Проблем и човечките капацитети

Според него, нема никаков проблем во однос на надлежностите со МВР, затоа што веќе имале договор, и дека по закон ЦУК се надлежни за целиот проект.
Тој претходно најави дека овој систем ќе биде ставен во употреба до крајот на минатиот месец, но тоа не се случило затоа што имале проблеми.

„ Проблемите се сестрани и најмалку се технички, иако има и технички проблеми. Проблемите се и човечкиот потенција на ЦУК бидејќи она што го затекнав како директор има одредени слабости особено меѓучовечките одмоси и соодветни стручни лица од оваа област, но успеав да направам тим со кој работиме на имплементација на овој проект“ вели Ангелов.

Опремата за овој систем била лани набавена и чини милион и 260 илјади евра платена од Европската делегација во Скопје. Последниот тендер на ЦУК за реконструкција и адаптација на просториите во Центарот за управување со кризи – наманети за Центарот за итни повици во Скопје изнесува 322 илјади евра.
Првиот тендер за поставеност на еден ваков систем бил распишан во 2009 година. Според податоците од Бирото за јавни набавки, тендерот за консултантски услуги за изработка на физибилити студија за системот за итни повици Е – 112 со дефинирање на идната поставеност на системот за рано предупредување и тревожење на граѓаните го спровела австриска фирма во вредност од 180 илјади евра.

Максути додава дека неспроведувањето на овој систем е сериозен проблем за фунцкционирањето на институциите за спасување поради преклопени надлежности и префрлање на одговорност.

„Но мислам дека ние губиме време на решавање на ова прашање и секојдневно си имаме проблеми на терен токму во однос на неисполнување на оваа обврска која сите ние треба да ја исполниме. Можам да кажам најодговорно дека Дирекцијата за заштита и спасување во ист момент кога ќе биде побарано од нас ние ќе пристапиме кон тоа, ние сме веќе спремни и ќе пристапиме и ќе бидеме на ниво на исполнување на задачите“ вели тој.

За што служи 112?

Прв пат овој проект започнал да се подготвува уште во 2005-тата година, но формално е најавен од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2013 година. Уште тогаш во медиумите било објавено дека системот е речиси готов. Но, и речиси десет години подоцна тој систем не функционира.

Системот „ Е-112“ како единствен број за итни повици функционира во сите земји на Европската Унија и во многу други држави надвор од Унијата. Станув збор за еден, бесплатен број на кој граѓаните, без разлика на телефонскиот оператор и без разлика во која земја се наоѓаат, знаат каде да се обратат во случај на опасност, независно дали имаат потреба од полиција, брза помош, противпожарна заштита или друг вид помош во случај на неволја.

Ставањето во функција на „112“, не би значело едноставно воведување нова телефонска линија, туку техничко и оперативно зајакнување на капацитетите и ефикасноста во системот на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG