Случајот со пронајдениот глушец во смрзнат микс од зеленчук кој деновиве се појави на социјалните мрежи повторно ја отвори дилемата за тоа дали и колку безбедна храна консумираме. Пред три недели Агенцијата за храна и ветеринарство пронајде одредена количина на небезбеден путер во продавниците на еден познат маркет. Не ретко граѓаните споделуваат фотографии од производи со поминат рок на употреба или храна во која пронашле некаков туѓ предмет.
Пред некој ден ми се случи да отворам кисело млеко кое иако не беше со поминат рок мирисаше многу лошо и беше расипано. Еднаш во тегла мармалад најдов коска“, вели Славица од Скопје.
„Јас мислам дека треба повеќе да работат инспекциските служби во поглед на храната, бидејќи е недозволиво да најдете глушец во замрзнат зеленчук. Тоа мора строго да се проверува, и местото од каде што се увезува стоката и условите каде се чува храната“, вели Емилија од Скопје.
„Па малку ми е страв што јадеме после фотографиите со контаминирана храна, но се надевам дека тоа нема пак да се случи“...
„Јас мислам дека не консумираме безбедна храна. Треба построги контроли особено кога станува збор за исхрана. Јас практикувам повеќе да купувам од пазар кадешто мислам дека храната е посвежа и каде што може слободно да си одберам што ми се допаѓа, велат дел од анкетираните граѓани“.
Во организацијата на потрошувачите велат дека ваков тип на поплаки од граѓаните во однос на исправноста на храната, не се чести. Од таму велат дека неодамна имале случај на граѓанин кој се пожалил дека пронашол парче стакло во леб и дека тој случај бил пријавен до надлежната Агенција за храна и ветеринарство.
„Во ваков случај ние само ги упатуваме граѓаните до надлежниот орган. Ние немаме право да вршиме проверка на производителот или трговецот. Ние немаме право на надзор. Тие се инспекциските органи во АХВ кои имаат право да ја испитуваат вистинитоста на наводите. Ние ги повикуваме граѓаните да пријават се што ќе забележат дека не е исправно, на пример поминат рок, погрешно чување на производот и советуваме да ги чуваат фискалните сметки кога го купиле производот. Зошто не може да му го вратите производот на трговецот три недели подоцна и да кажувате дека рокот е поминат, а сте го купиле производот пред дваесет дена, а не вчера“, вели Маријана Лончар-Велкова од ОПМ.
Веднаш по објавувањето на фотографиите со пронајдениот глушец во замрзнатиот зеленчук, Агенцијата за храна и ветеринарство нареди да се повлече од промет производот од конкретниот производител.
Директорот на Агенцијата Николче Бабовски вели дека за овој не е поднесена претставка до Агенцијата и апелира ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции.
„Во тек се контролите на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дали маркетите постапуваат по издадената наредба од Агенцијата за храна и ветеринарство за забрана за промет и повлекување на замрзнатиот зеленчуков микс “Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, за кој постоеше сомнеж за физичка контаминација ( присуство на страно тело – глушец). Контролите се насочени и кон проверка дали операторот со храна ја спровел контролата на секоја серија/лот, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на цела држава. Покрај органолептичките прегледи, инспекторите на АХВ земаат и примероци за лабораториско тестирање и контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот“, вели Бабовски.
Од почетокот на годинава до 31 март, граѓаните поднеле 98 претставки. 9 се однесуваат на присуство на контаминенти. Две од претставките од потрошувачите се за пронајдено парче пластика во производ , а по една претставка поднесена е за наводно присуство на парче стакло, шајка и парче од хируршка ракавица во храна.Останатите четири претставки се однесуваат за присуство на мувли во производите. Другите претставки се за продажба на производи со поминат рок на употреба, производи со променети органолептички својства, непочитување на правилата на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, сомнеж во безбедноста на производите, како и за неодговорно сопствеништво, напад и каснување од куче и други.
„Досегашните контроли на АХВ потврдуваат дека безбедноста на храна која се консумира во државава е на високо ниво, но, секогаш се можни и постојат исклучоци. Во најголем дел, операторите со храна ги почитуваат дефинираните критериуми за безбедност на храната и храната за животни“, уверува Бабовски.
Пандемијата ја потенцира важноста за домашно производство на храна
Минатата година, официјалните ветеринари и инспекторите за храна спровеале вкупно 54 382 контроли, од кои 29 031 редовни, 4 505 контролни и 20 846 вонредни инспекциски надзори. Од Агенцијата велат дека не чекаат некој да поднесе претставка за да извршат надзор и инспекцја некаде, туку редовно ја контролираат состојбата на терен.
Лани биле изречени вкупно 8 605 инспекциски мерки, издадени се вкупно 6 572 решенија, спроведени се 1 833 едукации. Поднесени биле 290 прекршочни пријави, а ниту една кривична пријава.
Инаку, во 2020 година евидентирани се вкупно 416 претставки. Постапувано е во 327 од претставките кои биле основани и биле во надлежност на АХВ. Најголем број од претставките лани биле од областа на ветеринарството и здравствената заштита и благосостојба на животните. Од нив 131 поднесена претставка се однесувала на храна од неживотинско потекло, додека најмал е бројот на поднесени претставки кои се однесуваат на храната од животинско потекло. Нивниот број во 2020 година изнесува 38.