Достапни линкови

По блокадата на Суецкиот канал, Русија го нуди Арктикот


Бродот „Евер Гивен“ заглавен во Суецкиот канал, март 2021.
Бродот „Евер Гивен“ заглавен во Суецкиот канал, март 2021.

Светските бродски компании се тресеа кога сообраќајот на Суецкиот каналот беше запрен од заглавен брод. Русија пак во тоа виде можност за маркетинг. Дали патот за испорака преку рускиот Арктик - е одржлива алтернатива на Суецкиот канал? Текст на Мајк Екел.

Минатата недела, додека огромниот брод со контејнери „Евер Гивен“ се заглави во Суецкиот канал, блокирајќи ја артеријата преку која оди околу 15% од светската трговија со товарни бродови и разнишувајќи ја глобалната економија, државната компанија што управува со руски мразокршачи на Арктикот имаше поинаква реакција: потсмев.

Во серијата објави на Твитер, кои подоцна беа симнати, Росатом сугерираше дека Арктикот обезбедува повеќе простор. Министерството за енергетика на Русија се приклучи кон ова, наведувајќи:

„Северниот морски пат има голем потенцијал за проширување на обемот на товарен превоз, овозможувајќи значително да се намали времето за транспорт на стоки од Азија во Европа“.

Снимка на една од неколкуте објави на Твитер од страна на руската државна компанија што ја надгледува руската флотана Арктикот. Подоцна беа симнати постовите, кои се чини дека го исмеваа товарниот брод што се заглави во Суецкиот канал.
Снимка на една од неколкуте објави на Твитер од страна на руската државна компанија што ја надгледува руската флотана Арктикот. Подоцна беа симнати постовите, кои се чини дека го исмеваа товарниот брод што се заглави во Суецкиот канал.

Со обновувањето на сообраќајот во Суецкиот канал, кризата во глобалната испорака се намали, како и итноста за изнаоѓање алтернативни рути.

Сепак, за Русија, ветувањето за нејзиниот арктички морски пат - познат како Северен морски пат - е остварлива алтернатива за испорака што може да донесе милионски приходи и исто така да помогне во развојот на инфраструктурата во оддалечените региони на крајбрежјето.

Прашањето е кога?

„Во најдобар случај, тоа е во далечна иднина“, вели за РСЕ Улф Свердруп, директор на Норвешкиот институт за меѓународни работи, додавајќи: „Не е лесен премин од Суецкиот кон Северноморскиот пат“.

Почна пловидбата низ проширениот Суецки канал

Суецкиот канал, заедно со другите големи рути како што се Панамскиот канал во Централна Америка и Теснецот Малака, меѓу Малезија и Индонезија, станаа тесни грла, бидејќи бродовите со контејнери стануваа се поголеми. Но, тие се уште се најекономичните начини за испорака на стоки низ целиот свет.

Севереноморската рута
Севереноморската рута

Годишно Суецкиот канал го минуваат од 18.000 до 20.000 бродови. За споредба, минатата година, само неколку десетици бродови ја транзитираа целата рута на Северно Море.

Според Центарот за висока логистика при Норвешката бизнис школа, вкупниот број бил 62, кој сепак бил скоро двојно поголем од оној во 2019 година.

Министерството за енергетика на Русија соопшти дека товарниот сообраќај на трасата лани изнесувал 33 милиони метрички тони, во однос на околу 11 милиони тони во 2017 година, а таа количина „има голем потенцијал за проширување“. Суецкиот канал се справува со околу 3 милиони метрички тони дневно.

Рекордни температури во рускиот арктички регион

Трасата преку Северно Море го скратува патувањето на бродовите од источна Азија до европските пристаништа за околу 4.000 наутички милји (7.500 километри), во споредба со рутата која оди преку Суецкиот канал.

Јан-Гунар Винтер, директор на Норвешкиот центар за Арктик, за РСЕ изјави дека Русите се многу оптимистични во врска со изгледите за Северноморскиот пат, но не и Европејците. Кина пак, има долгорочни планови за пристап до трасата.

Арктички приоритети

Претседателот Владимир Путин го направи развојот на рускиот Арктик стратешки приоритет, делумно поради климатските промени што го направија пристапот до регионот подостапен.

Во 2018 година, тој издаде декрет со кој нареди зголемување на сообраќајот на север до 80 милиони метрички тони до 2024 година, иако е нејасно од каде точно ќе дојде тоа зголемување.

Во 2020 година, руската влада одобри програма за поттикнување на северниот регион, вклучително и даночни олеснувања и други субвенции во вредност од над 300 милијарди долари за развој на инфраструктура, вклучувајќи индустриски проекти и проекти за извлекување нафта и гас.

Руски мразокршач со нуклеарно напојување
Руски мразокршач со нуклеарно напојување

Големите компании контролирани или тесно поврзани со државата, како што се нафтениот гигант Роснефт, производителот на гас „Гаспром“ и рударската компанија за метали „Норникел“ градат елементи на инфраструктура, насочени кон зајакнување на извозот на природните ресурси.

Кремљ исто така поддржа голем објект со течен природен гас, изграден од Новатек - кој е најголемиот независен производител на гас во земјата и е контролиран од близок сојузник на Путин - на полуостровот Јамал.

Блинкен: администрацијата на Бајден е против „Северен тек 2“

„Проектите вклучуваат и изградба на нови комерцијални бродови кои се способни да пловат во ледени води, со зацврстени трупови, но не се целосно мразокршачи“, вели Винтер.

„Преседанот на Суецкиот канал покажа колку е кревка секоја рута меѓу Европа и Азија. Затоа, развојот на алтернативни патишта е од суштинско значење за да се гарантира одржлива меѓународна навигација. Ова ја зголемува улогата на Северноморскиот пат, кој од година во година е сè поконкурентен“, оценува Владимир Панов, од Росатом, во изјавата за новинската агенција Интерфакс.

Проблемот е што рутата е сè уште поскапа, сметаат експертите. На пример, се уште се потребни мразокршачи за придружба на бродовите, што е скап дополнителен трошок.

Руски бродови во близина на полуостровот Јамал во Арктичкиот круг, околу 2450 км од Москва
Руски бродови во близина на полуостровот Јамал во Арктичкиот круг, околу 2450 км од Москва

Русија инвестираше многу во мразокршачи и сега ја има најголемата флота во светот, вклучително и оние со нуклеарно напојување. Флотата ја надгледува и управува Росатом.

Од компаниите со товарни бродови кои ја транзитираат арктичката рута се очекува да купат осигурување како дел од транзитниот премин, како и да користат локални бродови и пристаништа за снабдување што прави дополнителни трошоци.

Трасата е целосно без мраз само неколку месеци од годината. Руската метеоролошка агенција „Росгидромет“ во минатата година соопшти дека ледената покривка на Арктикот достигна рекордно ниско ниво, а официјалните лица предвидуваат дека рутата ќе биде без мраз најрано до 2025 година.

Но, патувањето во арктичките води, со или без мраз, исто така, бара засилени трупови за да се заштитат бродовите од предизвикувачките морски услови. За тоа ќе бидат потребни значителни инвестиции.

Тука е и прашањето за брза комуникација, поточно недостаток на широкопојасен пристап, вели Винтер. Русија ќе треба да изгради комуникациска инфраструктура - сателити, на пример, или кули за пренос на сигналот - врз кои капетаните на бродовите би можеле да се потпрат за податоци.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG