Фудбалот е едноставна игра, 22-ца бркаат топка 90 минути и на крајот Германија победува, изјави своевремено најдобриот стрелец на англиската фудбалска репрезентација на сите времиња Гери Линекер. Арно ама, Германија не играла со Македонија. Барем досега.
Со головите на капитенот Горан Пандев на крајот на првото полувреме и на Елиф Елмас во 85-тата минута, Македонија со 2:1 ја победи германската репрезентација на гостувањето во Дуисбург, во третото коло од квалификациите за светското првенство во фудбал 2022. Стрелец за четирикратниот светски првак Германија беше Илкај Гундоган во 63-тата минута од сомнителен пенал. Дополнително, судијата не досуди чист пенал за Македонија, но ни тоа не беше доволно за Германија да се извлече.
Малкутемина македонски навивачи во Дуисбург се собраа пред стадионот да им честитаат на фудбалерите.
Дури и на Линекер, кој сега е спортски коментатор, не му се верува.
Би-Би-Си на Твитер објави дека целиот свет е обоен во црвено-жолто.
Германските медиуми велат не е првоаприлска шега.
Победата на македонските фудбалери им ја честита и неодамна пензионираната германска фудбалска ѕвезда Бастијан Швајнштајгер. Несреќен пенал против нив, не им досудија чист пенал и овие момци победија против четирикратен светски шампион. Капа долу, напиша тој на Твитер.
Германија не изгубила натпревар во квалификации за светско првенство цели две децении. Македонија, пак, никогаш во историјата не изгубила фудбалски натпревар од Германија. До душа никогаш претходно овие две репрезентации не играле меѓусебно.
На македонската јавност толку ѝ требаше да заборави на рекордниот број заболени од коронавирус, барањето место повеќе во болница и конфузијата околу процесот на вакцинација.
Социјалните мрежи вријат од коментари за големата победа на македонските фудбалери. Некои славенички, некои хумористични, некои зајадливи. Интересни фотомонтажи поврзани со победата се споделуваат на Фејсбук и на Твитер. Некои во поетски занос ја споредуваат победата со „љубењето на Дениција“ од стиховите на Петре М. Андреевски.
Дел од граѓаните потсетуваат дека ниедна македонска телевизија не го пренесуваше натпреварот. Телевизиските права за натпреварите ги има спортската телевизија Спортклуб.
Се појавија коментари за името, знамето, идентитетот, националната гордост. За некои Берлин беше освоен во Дуисбург, за други ова е најголемата победа по таа над Персија.
Други велат дека Германија прими две дози од Македонија.
Трети, пак, иронизираат дека македонските фудбалери играле како невакцинирани.
По три одиграни кола во квалификациите, Македонија е втора во групата Ј со 6 бода, пред Германија која има ист број бодови, но послаба гол разлика. Прва во групата е Ерменија со 9 бода. Романија и Исланд имаат по 3, а Лихтенштајн е без бодови.