Достапни линкови

Изложбата „Жените и фотографијата“ по осми пат во Куманово


„Моира“ - фотографија на Марина Крстиќ
„Моира“ - фотографија на Марина Крстиќ

Педесет фотографии со акцент на положбата на жената денес и на слободна тема се изложени на традиционалната поставка „Жените и фотографијата“, што по осми пат во организација на Фото клуб Куманово, од 5 до 17 март, се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“.

На Куманово и на македонската култура, по осми пат, им се случува една исклучително значајна манифестација. Манифестација која се издвојува со квалитетот на понудата, но која уште повеќе можеби говори за пробивот и напредокот на жените во светот на модерната уметничка фотографија. Не, таму некаде далеку во светот, туку овде дај нас дома.

Барем, такво е чувството кога ќе се погледнат 50-те фотографии изложени на традиционалната поставка „Жените и фотографијата“, што по осми пат во организација на Фото клуб Куманово, од 5 до 17 март, се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“. И, што е уште поважно изложба која не само што доаѓа по одличното минато годишно издание кое беше претставено уште во неколку градови од земјата и кое разбирливо има амбиции да фрли еден чекор натаму во афирмација на жените фотографки и нивната уметност.

„Поглед“ - Мимоза Чолак

А, овојпат зад тие 50 фотографии изложени пред публиката стојат Наташа Гелева, Силвија Николоска, Ерина Богоева, Мартина Салова Чешновар, Анета Илиевска, Мери Бошкоска, Марина Крстиќ, Фросина Јовановска, Неда Арсениевска, Наташа Латиновска, Јована Савовска, Каролина Димовска, Лара Денковиќ, Арин Агич, Ангелина Апостолоска, Каролина Мицевска, Глорија Малинова, Верица Гунчева, Габриела Спасевска, Јасмина Трајковска, Јелена Јосие, Анита Палческа, Мимоза Чолак, Даниела Ѓоргонска и други.

Некои од овие жени фотографки се редовни учеснички на оваа традиционална манифестација.

„Кројач Душко“ - Бенита Стојмирова

На изложбата застапени се две теми. Ставен е акцент на жената - нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик кој заслужува внимание, и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените автори.

Проектирани се личните доживувања на стварноста и феноменот на секојдневието со разновидни стилски определби, но со исти цели во естетска и емотивна основа на своето творештво, изразувајќи се во жанрот кој највеќе соодветвува со нивниот сензибилитет!

Разновидноста, актуелноста и автентичноста на нивните уметнички сваќања и толкувања, високиот степен на естетска свест ги чини рамноправни членови во оваа креативна дејност, вели Викторија Златковиќ, долгогодишен член на Фото клуб Куманово и на организацискиот одбор на „Жените и фотографијата“.

Таа и со дополна дека со анализа на содржината на делото, односно мотивот па и на комплетната форма може да ја поврземе фотографијата со духот, карактерот и личната култура на фотографот, па дури и со полот на авторот. Вели дека „авторката поради различноста во перцепцијата, суптилноста, вроденото чуство за грижа и емотивноста која може да ја раскаже и долови само жената фотограф - преку фотографијата успешно произведува цел свет од доживувања, спомени, моменти и пресеци на реалноста и местото каде што припаѓа“.

„Сокаче“ - Викторија Златковиќ

Златковиќ, како историчар на уметност, нагласува дека „жената отсекогаш била дел од светот на фотографијата, како муза, модел и инспирација, но и како уметник чии фотографии имаат моќ да инспирираат. Суптилноста и чуствителноста на жената, вроденото чуство за грижа, внимателност како карактеристики кои ни се припишуваат се предност во оваа област за остварување на посакуваниот ефект – да се долови момент, зачува спомен, раскаже приказна или испрати порака.

Застапеноста на жени фотографи во сите жанрови е она што ги инспирира генерациите да ги ценат различностите и да продолжат да се борат за еднаквост. Важно е да твориме во свет во кој нашите аспирации не се маргинализирани или компромитирани заради полот. Меѓународниот ден на жената е потсетник да запреме – да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата . Историја која сведочи за борба на храбри и достоинствени жени со цел обезбедување на подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост - општество отворено за промени и нови предизвици.

Жените преку фотографијата прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање на нови мислења и воспоставување на нови парадигми. Како индивидуи или здружени во организации, жените се борат за еднаквост на можностите, но и за еднаквост во резултатите, ќе рече таа.

„Маглив ден“ - Фросина ЈОвановска

Викторија Златковиќ и со информација дека неколку години наназад жените фотографи се побројни во делувањето на Фото клуб Куманово, што според неа тоа е еден од значајните показатели за нивна поголема вклученост во оваа креативна дејност. И дека тие преку фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување, одбележувајќи го секој белег на времето во кое живеат всушност се оправдано гласни во креирањето на поубав и дефинитивно по хуман свет.

Фотографиите учествуваат во животот на идните генерации како предмети од визуелно и емоционално искуство на оние кои ги разгледуваат. Тие продолжуваат да ја емитуваат во себе пораката, топлината и експресивната енергија која ја втиснале нивните автори. Од таму целта на изложбата е да се даде поттик, поддршка, да се продолжи со активноста, а ние како Фото клуб Куманово и натаму ќе ја славиме жената како особено моќен творец во областа на фотографијата, смета Златковиќ.

Кон, ова само уште информацијата дека изложбата „Жените и фотографијата“ се одржува под патронат на Интернационалната асоцијација на уметничка фотографија IAAP, Националната фото унија на Македонија и Фото клуб Куманово, а по завршувањето во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, како и во минатата година, ќе биде претставена во уште неколку градови во земјата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG