Вести
ВМРО-ДПМНЕ е „за“ експертска влада на чело со натпартиска личност
Од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност. Од опозициската партија му одговорија на понудата на премиерот Зоран Заев заедно да прават Влада.
„Партијата е подготвена да разговара за експертска Влада доколку ја предводи човек којшто би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев претходно во интервју за Слободен печат рече дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре. Тој рече дека треба да се здружи народот, оти премногу е поделен.
„Заев денес со неговата изјава за широка влада потврди дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Заев денеска потврди дека неговата влада и мнозинството се неефикасни и немаат капацитет да се носат со проблемите. Заев не е способен да ја менаџира Република Македонија“, посочуваат до ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот вели дека отвора можност да дебатираат за заедничка власт, кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, но, како што вели, за соработка треба да има и човек од другата страна за да се разговара.
види ги сите денешни вести
Почна Самитот на европската политичка заедница во Будимпешта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (7 ноември) на отворањето на самитот на европската политичка заедница во Будимпешта, изјави дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа.
Тој истакна дека на самитот ќе се разговара за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и дека некои од прашањата ќе вклучуваат како Европа може да преземе поголема одговорност за својата безбедност и мир во иднина, како континентот да биде поуспешен во остварувањето на сопствените интереси и да стане одлучувачки играч во дискусиите и случувањата кои ќе одлучуваат за неговата иднина.
„Овие прашања станаа особено актуелни по претседателските избори во САД кои штотуку се одржаа. Иднината на нашите трансатлантски односи е незаменлива компонента на европската безбедносна архитектура. Одговорите дадени сега би можеле да ја одлучат иднината на Европа со децении. Верувајте дека ние заедно можеме да бидеме посилни отколку сами“, рече Орбан.
Орбан додаде дека европската политичка заедница мора да разговара за геополитичките прашања, како и дека лидерите ги обединува заедничкиот интерес и заедничката одговорност за Европа.
На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.
На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.
Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.
Штајнмаер е подготвен да распише избори во Германија
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.
„Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме“, рече Штајнмаер.
Шолц соопшти дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство.
„Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност“, нагласи германскиот претседател.
Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија и треба стабилно мнозинство и способна влада.
Песков не исклучува комуникација меѓу Путин и Трамп пред инаугурацијата во САД
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп пред неговата инаугурација во јануари.
На прашањето на новинарите дали таквата комуникација е надвор од маса, Песков одговори:
„Зошто? Тоа не е исклучено. Трамп рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“, изјави Песков.
Тој алудираше на претходните изјави на Трамп за комуницирање со Путин пред преземањето на функцијата.
Песков, исто така, се осврна на прашања во врска со каков било официјален контакт меѓу руските власти и кампањата на Трамп по изборите во САД.
„Не. Зошто да контактираме со нив?“, рече Трамп.
Тој додаде дека руската администрација не остварила никаков директен контакт.
Коментарите доаѓаат во време на зголемено меѓународно внимание на односите меѓу САД и Русија по претседателските избори на 5 ноември, на кои победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Екс министерката Петровска доби кривична пријава од војниците
Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. Оттаму го повика и актуелниот министер Владо Мисајловски на социјален дијалог за решавање на проблемите на професионалните војници.
Како што информираше претседателот на Синдикатот на професионални војници Александар Насковски на прес-конференција пред ОЈО Скопје, Петровска во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството и со сето тоа, како што нагласи, го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
„Како моментално најкорумпирана институција во која за период од девет месеци се направија три фалсификати од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа три различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и до ден денеска во рамки на МО“, изјави Насковски.
Според него, проблемот трае 11 месеци и е наследен од претходниот министер. Тој вели дека доколку во најбрз рок не се реши, професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата како во 2009 година.
„Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и краде Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45 години и трансформирање на работниот однос на неопределено време“, изјави Насковски.
Тој посочи дека се обратиле и до актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски, но како што рече, 130 дена не биле повикани на разговор.
„Се обративме трипати до премиерот, добивме двапати половичен одговор дека министерството треба да ни одговори за проблемите, но министерството никако не одговара. Се обративме до Врховниот командант, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, каде што досега не добивме одговор за да ги соопштиме нашите проблеми“, изјави претседателот на Синдикатот на професионални војници.
Јаневска го потврди затворањето на два научни института
Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека е комплетно завршен процесот на затворање на два института поради, како што посочи, утврдени нерегуларности во нивното работење. Во изјава за медиумите таа сепак, не откри за кои институти станува збор.
„Дозволете да ги затвориме и транспарентно ќе објавиме. Во овој момент, најверојатно, продолжува и за уште три, но треба да заврши и ќе имаме информација“, изјави Јаневска при денешната посета на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип.
Таа додаде дека кај дел од универзитетите, е сосема при крај процесот односно дека постапиле со наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.
На новинарско прашање дали инспекции има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговори дека и таму имало една контрола од која се чека извештајот, нагласувајќи дека сите универзитети, без исклучок, ќе го поминат процесот.
Секаде каде што ќе бидат завршени процесите, истакна Јаневска, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите.
Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката посочи дека се утврдени неправилности на универзитетите во Тетово, Охрид и Струга.
Руте очекува од Германија да ги исполни одбранбените обврски
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте го поддржа германскиот канцелар, Олаф Шолц да ги исполни одбранбените обврски на неговата земја и покрај колапсот на германската влада.
Руте рече дека е сигурен оти Германија може да ги исполни нејзините одбранбени барања, опишувајќи го Шолц како „силен лидер“ кој може да се движи низ политичката нестабилност.
Генералниот секретар на НАТО посочи дека Шолц ќе се погрижи Германија да ја игра својата „улога на светската сцена“ и соодветно да ја води својата надворешна политика.
Инаку, двајцата работеа заедно како лидери на ЕУ кога поранешниот холандски премиер беше на власт во Холандија.
Израел усвои закон за депортација на семејствата на палестинските напаѓачи
Израелскиот парламент усвои закон со кој се дозволува депортација на членови на семејствата на палестинските напаѓачи, вклучително и државјани на таа земја, пишува АП.
Според овој закон, тие би биле депортирани во завојуваната Газа или на друго место.
Законот, за кој се залагаа членовите на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и нејзините екстремно десничарски сојузници, беше усвоен со 61 глас за и 41 глас против.
Сепак, се очекува тоа да биде оспорено на суд.
Законот ќе важи за палестинските граѓани на Израел и за жителите на анектираниот Источен Ерусалим кои претходно знаеле за напади од членови на семејството или кои „искажуваат поддршка или се идентификуваат со акти на тероризам“.
Тие би биле депортирани или во Газа или во други земји за период од седум до 20 години.
Војната меѓу Израел и Хамас, група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, продолжува во Газа, каде што загинаа десетици илјади Палестинци, а најголемиот дел од населението неколку пати беше внатрешно раселено.
Не е јасно дали законот ќе се применува и на окупираниот Западен Брег, каде Израел одржува строга политика на уништување на семејните домови на напаѓачите.
Еран Шамир-Борер, истражувач во Израелскиот институт за демократија и поранешен меѓународен правен експерт за израелската војска, рече дека ако законот отиде до Врховниот суд, тој најверојатно ќе биде поништен, врз основа на минатите случаи на депортација на Израел.
„Заклучокот е дека овој закон е целосно неуставен и против основните вредности на Израел“, рече Шамир-Борер.
Израел го окупираше Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим за време на Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие три територии да бидат дел од нивната идна држава.
Израел се повлече од Газа во 2005 година, но повторно окупираше делови од територијата откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Поголемиот дел од Меѓународната заедница не ја признава израелската анексија на Источен Ерусалим. Палестинците во оваа земја имаат постојан престој и им е дозволено да аплицираат за државјанство, но повеќето избираат да не го прават тоа.
Палестинците кои живеат во Израел сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата. Имаат државјанство и право на глас, но се соочуваат со голема дискриминација.
Пожар во магацин со стари вагони во Железници
Горат стари и неисправни вагони во магацинскиот простор на Македонски железници транспорт во општината Кисела Вода. Пожарот кој избувнал ноќта е активен и утрово (7 ноември).
Според првичните информации пожарот избувнал во 01:20 часот на улицата „Трета Македонска Бригада, а интервенирале 20 пожарникари со осум противпожарни возила.
Причините за пожарот сè уште не се познати.
Макрон, Шолц и Туск изразија загриженост за ситуацијата во Грузија
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск денеска (7 ноември) преку заедничка изјава ја изразија својата загриженост за политичката ситуација во Грузија.
Макрон, Шолц и Туск, како членки на Вајмарскиот триаголник, трилатерална форма на соработка меѓу Франција, Германија и Полска, најавија дека не можат да го поддржат отворањето на преговорите на Грузија за пристапување во Европската унија доколку земјата не спроведе реформи, јавија британските медиуми.
„Доколку Грузија не го смени сегашниот курс на дејствување и не покаже опипливи реформски напори, особено со укинување на неодамнешните закони кои се спротивни на европските вредности и принципи, нема да бидеме во позиција да го поддржиме отворањето на пристапните преговори со Грузија“, се наведува во соопштението.
Денеска во Будимпешта започнува петтиот самит на Европската политичка заедница, на кој ќе учествуваат 47 лидери на Европската Унија, Велика Британија, Турција, Украина и Западен Балкан, на разговори за поддршката за Украина, миграцијата, економската безбедност и глобалната трговија.
Претходно неделава неколку илјади грузиски демонстранти излегоа на улиците за да протестираат против, како што наведуваат, измамата на минатомесечните парламентарни избори, на кои победи владејачката партија Грузиски сон.
Нови израелски напади врз Бејрут
Јужните делови на либанската престолнина Бејрут утрината беа цел на напад, еден час откако израелската армија ги повика жителите да се евакуираат, пренесоа француските медиуми.
Цел на најмалку два израелски напади биле четири населби за кои смета дека се упоришта на проиранското движење Хезболах.
Сликите објавени од француските медиуми покажуваат облаци чад над јужен Бејрут, а очевидци пријавија силни детонации.
Портпаролот на израелската армија претходно апелираше до жителите на четири јужни населби на Бејрут, вклучително и локации во близина на меѓународниот аеродром, да се евакуираат.
Израелскиот премиер беше еден од првите светски лидери што му честиташе на Трамп, нарекувајќи го неговиот реизбор „најголемото враќање во историјата“.
Во телефонскиот разговор во средата, двајцата „се договорија да работат заедно за безбедноста на Израел“ и „разговараа за иранската закана“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Не долго потоа, израелската војска ги започна своите најнови напади врз главниот бастион на Хезболах поддржан од Иран во јужен Бејрут.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Хезболах вети дека исходот од изборите во САД нема да има никакво влијание врз војната, која ескалира во септември кога израелската војска го префрли својот фокус од Газа на обезбедување на нејзината северна граница со Либан.
Хезболах ја започна својата прекугранична кампања со низок интензитет минатата година за поддршка на својот сојузник Хамас по нападот на Израел на 7 октомври од страна на палестинските милитанти. Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете