Достапни линкови

Да не си им во кожа на скопските таксисти


Илустрација: Протест на такси-возачите во Скопје во 2011 година
Илустрација: Протест на такси-возачите во Скопје во 2011 година

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека дел од улиците во градот кои беа преименувани од минатата локална власт повторно ќе го добијат старите имиња. Предлог листата за именување улици е дополнета со 571 имиња.

Град Скопје ја дополнува листата за имиња на улиците за уште 571 имиња. Градскиот совет на претстојната седница треба да расправа за дополнувањето на листата од 2012, која претходно имаше 290 имиња. Со ова при именување или преименување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот ќе има на располагање 860 имиња.

Дел од граѓаните коментираат дека има повеќе имиња отколку улици.

Во листата на нови имиња се пејачот Дејви Боуви и групата „Квин“, Френк Запа, Пабло Пикасо, македонските бендови „Леб и сол“, „Лева патика“ и „Мизар“. Улица ќе биде именувана и по Есма Реџепова, како и по филмот „Медена земја“. Во листата со нови имиња за улици се и имињата на починатиот новинар Никола Младенов, пејачката Вања Лазарова, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур, пливачката Атина Бојаџи, заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи и други.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на Фејсбук се пофали дека дел од улиците ќе си ги вратат старите имиња, па така Аминта Трети повторно ќе стане Ленинова, Јордан Мијалков повторно ќе биде Железничка, Петре Пирузе ќе си го врати името Мексичка, а улицата Борис Сарафов повторно ќе стане 4-ти Јули.

Да не си им во кожата на скопските таксисти, коментираат дел од граѓаните на социјалните мрежи. Едвај ги научија новите имиња на улиците, сега повторно ќе учат наново. Во меѓувреме, учеа и англиски, откако во 2013 година, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески најави дека до 2017 година сите таксистите ќе мора да знаат англиски јазик, но оваа одлука беше укината во 2018.

Некои аплаудираат на одлуката, други се чудат на списокот, трети прашуваат зошто одредени имиња се изоставени, четврти критикуваат дека полесно е да се ставаат имиња, отколку да се изгради нешто, а петти шеговито лицитираат кое име би било најсоодветно за некоја улица. Иронично се предлага улицата пред Судската палата да се вика „Неправда“ по истоимениот хит на групата Пу/Лева патика, а улицата пред Министерството за труд и социјала да го носи името „Леб и сол“.

Дел од граѓаните во листата наоѓаат имиња за кои сметаат дека заслужиле улица во главниот град.

Критичарите, пак, потсетуваат на неисполнетите ветувања и коментираат дека е полесно да се именува отколку да се изгради.

Во 2012 година, Советот на Град Скопје, под водство на ВМРО-ДПМНЕ преиеменува бројни улици во главниот град. СДСМ тогаш организираше протести против преименувањето. Се противеа улици да го носат името Тодор Александров и скандираа „Бугари, Бугари“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG