Достапни линкови

Вакцина во Врање е новиот бугарски пасош


Илустрација: Врање
Илустрација: Врање

По најавите дека вакцините против коронавирус во Македонија ќе стигнат, ако не овој петок другата среда, македонските граѓани почнаа да си го бараат чарето преку граница.

Македонија е блокирана на патот кон ЕУ, но Македонците се интегрираат сам по сам. Со вадење бугарски пасош. Македонија извиси за вакцини, но Македонците се вакцинираат против коронавирусот пак сам по сам. Во Врање. За првото треба да докажат бугарско потекло, за второто им треба само број од српски мобилен оператор. Велат сиромав човек - жив ѓавол. Ако треба и ескимско потекло ќе докаже за да си заврши работа.

Цела Европа кубури со вакцини и никој не е задоволен од количината. Прво хрватската писателка Ведрана Рудан објави дека се вакцинирала во Србија зашто во Хрватска многу се чека. Потоа црногорските медиуми објавија дека нивни државјани се вакцинираат во Србија.

Српските медиуми вчера објавија дека во Србија прво почнале да се вакцинираат македонски граѓани кои имаат и српско државјанство, но кога сфатиле дека на системот за пријавување може да се пријават и тие што немаат двојно државјанство, туку само им треба телефонски број од српски мобилен оператор, почнале да се пријавуваат и оние кои немаат српско државјанство. Македонците најчесто се вакцинираат во градовите во јужна Србија, најблиску до границата – Бујановац, Врање и Ниш. Само изминатата недела во Врање се вакцинирале 70 Македонци, објави БИРН.

Србите велат „у Врање нема лагање, 100 кила свиња, 200 кила маст“. Државниот секретар во српското Министерство за здравство, доктор Мирсад Ѓерлек за БИРН вели дека странски државјани не може да се вакцинираат во Србија ако немаат престој во земјата, но во апликацијата бил оставен простор за да им се излезе во пресрет на оние кои го немаат регулирано престојот, но се во процедура. Сепак, вели дека има изолирани случаи и „снаодливи“ луѓе кои ја искористиле оваа дупка за да се вакцинираат. Според него, во Србија досега се вакцинирале околу 4000 странски државјани, што е помалку од еден процент од вкупно вакцинираните 500 илјади луѓе.

Македонија е една од ретките држави во Европа каде што не е пристигната ниедна вакцина. Македонските власти прво најавија дека првите вакцини ќе пристигнат во земјава во јануари, па после во февруари, па сега најавата е во март. Прво велеа дека сакаат вакцини од западни производители, зашто сме членка на НАТО, но министерот Филипче вчера рече дека почнале процедура за набавка на 200 илјади кинески вакцини. Граѓаните на социјалните мрежи иронично забележуваат дека додека да дојдат нема да требаат.

Министерството за здравство важно соопшти дека набавило фрижидери за чување на вакцините и има целосен план за вакцинација. Фалат само вакцини.

Србија со над 7 отсто вакцинирани е на второ место во Европа според бројот на вакцинирани по жител, а е на шесто место во светот. Прв е Израел, каде што се вакцинирани скоро 60 отсто од жителите, па Обединетите Арапски Емирати со скоро 35 отсто, Велика Британија има вакцинирано 15 отсто од населението, Бахреин и САД по околу 10 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG