Достапни линкови

Протестен марш против „Јавна соба“, полицијата го расчистува случајот


Протест за случајот „Јавна соба“
Протест за случајот „Јавна соба“

Протест за случајот „Јавна соба“ се одржува денеска, во услови кога полицијата сѐ уште работи на негово расчистување, а на социјалните мрежи постои поделеност меѓу оние кои бараат казни за сторителите и такви кои сметаат дека виновни се самите девојки кои споделуваат свои информации. Професор Али Пајазити – доктор по социолошки науки, објаснува дека „двојби“ во општествата секогаш постоеле, но предупредува на сериозни последици од вакви дела.

Полицијата пред неколку дена ја избриша групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм и приведе четири лица, откако беше откриено дека над 5.600 членови во групата споделувале експлицитни фотографии од девојки, нивни профили на социјалните мрежи, лични податоци, адреси и телефонски броеви.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР и натаму „интензивно работи“ на расчистување на случајот, според податоците кои РСЕ ги доби од Министерството за внатрешни работи.

„Се вештачат телефоните што беа одземени од приведените, се детектираат други членови на групата и други активности за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.

Денеска за случајот се одржа протестен марш во Скопје организиран од Платформата за родова еднаквост. Барањата се институциите темелно да го расчистат случајот „Јавна соба“, а државата „сеопфатно да пристапи“ кон справувањето со родово базираното насилство.

„Јавна соба“ затворена, но се проверуваат и слични групи

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека следи слична група на Телеграм, но на социјалните мрежи се шират коментари кои укажуваат на поделеност во општеството за случајот. Според коментарите, некои корисници бараат казни за сторителите, а има и такви ,според кои, вината е во девојките кои сами одлучиле да споделуваат фотографии и информации.

Според професор Али Пајазити – доктор по социолошки науки од Универзитетот на Југоисточна Европа, постојат два табора во секое општество: едниот поконзервативен и кој излезот го бара во казнување на сторителите, бидејќи проблемот го гледа во тие што ја отвориле и менаџирале платформата на Телеграм.

„И вториот табор, полибералните глави и духови коишто велат дека се тргнува од самата единка и нејзината волја, па така „гревот“ е кај девојките кои самите избрале да бидат софт-сексуално транспарентни“, вели Пајазити.

Тој посочува дека објавувањето на туѓи дискретни фотографии на социјалните мрежи со цел давање на сексуална порака и „порнографицирање на малолетници“, претставува дело кое се коси со етичките норми, со јавниот морал на општеството и со културните вредности и матрици.

„Лицата кои злоупотребуваат вакви содржини треба да одговараат за таквите недолични чинови кои можат да предизвикаат индивидуални психолошки последици, несигурност, вознемиреност, семејни турбуленции, па може да доведат и до покатастрофални последици: може да ја доведе во криза социјалната интеракција и иднината на единката, па и до суициден акт“, вели професор Пајазити.

Тој додава дека треба да постои кривичен законик за регулирање на кривично злоставување преку социјалните мрежи и на интернет.

Инаку, Министерството за правда деновиве презентираше законски измени во кои, како што беше наведено, треба да биде додаден терминот „Демнење“ со што ќе биде воведено и ново дело за дополнителна заштита, според соопштението на Министерството.

Од Платформата за родова еднаквост бараат разрешување на случајот кој, како што наведуваат, е шанса за институциите да покажат дека и во практика се залагаат за женските права и безбедноста на жените во онлајн и во физичкиот простор.

Барањата на Платформата за родова еднаквост се Јавното обвинителство „неодложно и темелно“ да го расчисти случајот „Јавна соба“ кој, како што е наведено „претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.“

„Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и за сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции“, се вели во најавата за протестот на Платформата за родова еднаквост.

Случајот „Јавна соба“ е актуелен по втор пат, откако пред една година беше обелоденет во јавноста, но групата и натаму продолжи да постои. Во меѓувреме, девојки жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребите, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.

Кога пред една година за прв пат се дозна за групата „Јавна соба“, од јавното обвинителство за РСЕ соопштија дека за тој случај сѐ уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG