Достапни линкови

Само вакцината може да ја прогласи короната за умрена


Илустрација
Илустрација

Цела година помина во знак на пандемијата на коронавирусот. За болеста нема лек, па се обидувавме и со молитви, и со прогласување на вирусот за умрен, но се чини дека само масовна вакцинација може да стави крај на пандемијата.

Годинава што измина слободно може да се прогласи за „црна дупка“, сега ни останува надеж последиците што побрзо да се санираат, а 2020 да се изучува само во учебниците по историја.

Само вакцината може да ја прогласи короната за умрена
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:11 0:00
Директен линк

Изминатата година се случија и убави работи, но како да останаа во сенка на пандемијата на коронавирус, зашто славјето не е славје кога е организирано во грч, во страв да не се заразиш, во страв да не заразиш некого…

Македонскиот документарец Медена земја беше сериозен кандидат за Оскар, а главната хероина Атиџе Муратова се прошета по холивудскиот црвен килим. Филмот не доби Оскар, но и самиот влез во конкуренција на светскиот филмски крем е огромен успех.

Бесона ноќ за фановите на Медена земја
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00

Но, по завршувањето на Оскарите, работите тргнаа наопаку. Вирусот, за кој верувавме дека е далеку дојде и во Европа, а на почетокот на март почна да се шири и во Македонија. Целиот свет се снаоѓаше како знае и умее – се нарачуваа маски, респиратори, средства за дезинфекција...

Дома исто така се снаоѓавме како стигнеме. Од март речиси сè во земјата е поврзано со справувањето со вирусот – вонредна состојба, полициски час, затворање граници, карантини, апели да се почитуваат мерките за заштита, избори, пренамена на различни клиники во ковид-центри, економска помош за погодените од кризата предизвикана од пандемијата, а граѓаните си го одржуваа духот со песна.

По прогласувањето на вонредната состојба во март, граѓаните нагрнаа во продавниците и ја купија целата тоалетна хартија и брашно од рафтовите. Ситуацијата можеби беше вонредна, но столицата остана редовна.

Училиштата и градинките затворија, родителите и хронично болните беа ослободени од работа, наставата почна да се одвива онлајн, а некои локални власти поставија пунктови за дезинфекција на возилата на влезовите во општините, небаре короната се шири преку автомобилските гуми.

Дека каменот од блиску доаѓа покажа и тогашната директорка на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска, која по враќањето од скијање во Италија, не ги почитувала препораките за заштита и заразена со коронавирус се вратила на работа.

„Со огромно разочарување, во контекст на непочитувањето на препораките и апелите за задолжителна самоизолација после секое патување во ризичните региони, ве информирам дека пациентката е наша колешка, лекар, која пред една недела допатувала од Италија. Таа докторка е директорка на Клиниката за кожни болести и практично после враќањето во земјава, во изминативе пет работни дена одела редовно на работа“, рече министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на март.

Директорката беше разрешена, а потоа и казнета со 10 илјади евра за непочитување на препораките за заштита од заразни болести.

За новиот коронавирус, нема лек, па на почетокот се обидувавме со молитви. Свештеници од Повардарската епархија во март ги прскаа улиците со света вода и се молеа за крај на пандемијата на коронавирус.

„Прими ја благопријатна нашата молитва и изгони го со твојата сила убиствениот вирус што носи облик на круна и предизвикува стравови, но и смрт кај немоќните и недоволни згрижените“, се молеше свештеник во Кавадарци.

Во мај, пак, во Струга, и покрај препораките да нема групирање, се одржа традиционалната Ѓурѓовденска литија.

„Коронавирусот не може да биде опасност во црквата, како што не се вардиме во самопослуга кога ќе влеземе не знам колку луѓе. Во црквата е сè озрачено со благодат, во црквата може да се добие само здравје и спасение“, рече една верничка.

Велигден помина под четиридневен полициски час, а властите направија пауза во полицискиот час за Бајрам за верниците да може да заминат на молитва. По молитвата, тогашниот реис на ИВЗ Сулејман Реџепи го прогласи коронавирусот за мртов.

„Во наредниот период секогаш да победуваме, лошото да го победиме и да знаете дека ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денеска. Со оглед дека ние го победивме и поради тоа сме тука пред џамијата. Господ е со нас и кога Господ е со нас ние се чувствуваме најсилни во светот“, рече реисот.

Господ остана со нас, ама со коронавирусот сепак остана да се справуваат лекарите.

Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на епидемијата имаше статус на рок-ѕвезда. Неговите прес-конференции, кои беа пренесувани во живо на националните телевизии и на социјалните мрежи, ги следеше целото семејство, а тој доби и јавни обожавателки. Извесна Лиде Лиде во коментарите под видео снимките постојано го канеше на кафе.


Сепак, се чини дека кафето ќе се олади. Епидемијата нема да заврши пред да се случи масовна вакцинација на населението. По влошувањето на состојбата на почетокот на есента, престанаа и редовните прес-конференции на Филипче, а и Лиде Лиде ја снема со поканите.

Летото, и покрај никакво почитување на мерките помина релативно добро, но кога на почетокот на есента времето залади и луѓето почнаа да се собираат на затворен простор, дневниот број на заразени енормно се зголеми. Сепак, немаше ново затворање, сè беше оставено на совеста на граѓаните.

Во однос на пандемијата, годината заврши со една добра и една лоша вест. Конечно е пронајдена вакцина против коронавирусот, и тоа не една, туку неколку. Добрата вест е што земјите од ЕУ веќе почнаа со вакцинација, лошата е што вакцината во Македонија нема да биде масовно достапна уште неколку месеци.

Со приближувањето на можноста за вакцина живна и антивакцерското лоби. Де вакцината служела за да ги убие луѓето, де коронавирусот не постоел, па бил поврзан со 5Г технологијата, па Бил Гејтс сакал да ги чипува граѓаните, а потоа да управува со нив. Микробиологот, професор Никола Пановски не издржа, а да не реагира.

„И дека тоа било цел на Бил Гејтс, Сорос и сатанисти, јас сега спаѓам во тие зашто дискутирам обрано, иако јас не ги бранам, не викам дека вакцината ќе биде одлична, туку се надевам, да се намалело населението од 7-8 милијарди на една милијарда жители. Што ќар имаат Сорос и Гејтс да ги снема 7 милијарди не знам. Каде ќе ги продаваат своите компјутери ако се намали бројот, тоа е лудост, но ете тоа се кажува и самиот производител, Фајзер во случајов, е убиецот, кој им соопштува на граѓаните како ќе ги убие. Јас се плашам дека овие што многу кажуваат колку е страшна вакцина први ќе се вакцинираат, и врски ќе фаќаат, како „патриотите“ што први зедоа бугарски пасоши на времето, така и овојпат може да се случи. Така што народот нека гледа на кого му верува и кој што зборува“, рече Пановски во гостување на Канал 5.

Теоретичарите на заговор засега не дадоа одговор на прашањето зошто Бил Гејтс не ги чипувал досега со десетиците вакцини кои и онака се примаат и со кои се искоренети бројни болести. Друго прашање е зошто некој воопшто би сакал да ги чипува.

Бил Гејтс заработува околу 4 милијарди долари годишно, односно околу 11 милиони долари дневно, што се околу 450 илјади долари на час или над 7500 американски долари секоја минута. Дали му се исплати да земе џојстик и да го управува Џејмс од Лондон, Франц од Минхен или Славица од Македонска Каменица?

Во меѓувреме, годинава се одржаа и предвремени парламентарни избори. Собранието се распушти во февруари, а изборите беа закажани за 12 април, но потоа се одложуваа поради коронакризата и се одржаа на 15 јули. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ прогласија победа на изборите, но на крај СДСМ и ДУИ повторно формираа влада предводена од премиерот Зоран Заев.

„Нашата коалиција Можеме е победничката коалиција на овие парламентарни избори“, рече Заев вечерта по изборите.

Земјава половина година беше без функционален парламент, а и кога се формираше едвај обезбедува кворум за работа поради тенкото владино мнозинство и пратениците заразени со коронавирус.

Оваа година беше и неславниот крај на СЈО од кое јавноста имаше големи очекувања. Институцијата којашто требаше да застане на патот на неказнивоста на функционерите и да ги реши тешките случаи на криминал коишто произлегоа од нелегално прислушуваните разговори заврши со затворска казна. За онаа којашто требаше да ги гони криминалците. Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева на 18 јуни годинава беше осудена на седум години затвор во случајот Рекет, односно дека изнудувала пари од осомничениот бизнисмени Орце Камчев за да го ослободи од притвор.

Пет точки на (не)согласување меѓу Скопје и Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Кон крајот на годината, наместо веќе прославениот датум за преговори со ЕУ, Македонија „с,с бујна страст“ доби бугарска блокада со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја. Македонските власти сметаат дека блокадата на евроинтеграциите е геостратешка грешка и се надеваат дека проблемот со Бугарија може да се реши. Премиерот Зоран Заев до последен момент, и покрај провокативните тонови од Софија, даваше помирувачки изјави, надевајќи се дека ќе ја одоброволи Софија, но на крај рече дека тие што ги сметал за браќа се заинтересирани за друг член на семејството.

„Јас многу често сум употребувал мој наратив, заради искрената потреба да имаме одлична соработка, најдобро пријателство и сè, дека ние сме браќа, треба да градиме пријателство, но наеднаш решија татковци да ни станат и тука е проблемот. Така што обидувајќи се да градите братство, да станете браќа, наеднаш решија нашите пријатели да ни станат татко, а тоа не е така“, рече Заев за Канал 5.

За крај, сепак оставивме добра вест. Со голот на Горан Пандев во 54-тата минута, репрезентацијата на Македонија на 12 ноември со 1 – 0 ја совлада репрезентацијата на Грузија на Динамо Арената во Тбилиси и со тоа за првпат во својата историја обезбеди пласман на едно Европско фудбалско првенство кое треба да се одржи во 2021 година. Граѓаните, и покрај препораките за негрупирање, не издржаа и излегоа на улиците да ја прослават победата.

Славје за историскиот пласман на европско фудбалско првенство
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:36 0:00

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG