Професорке, со ова стапка на заразување, можно ли е да стигнеме до некаков колективен имунитет пред да дојде вакцината кај нас?
Апсолутно не. Оваа идеја за постигнување на колективен имунитет преку неконтролирано или слободно ширење на вирусот веќе јасно се покажа како неправилна и како неиздржана хипотеза односно идеја која беше пласирана. За тоа веќе имаме и одредени научни податоци и студии во однос на ова. И граѓаните знаат дека како промотор на оваа идеја за колективен имунитет, особено сега во време на пандемија, со коронавирусот предводник беше Шведска како држава, а мерките кои ги предвидуваа беа со цел да имаат релаксирање во однос на оние рестриктивни мерки подобрување, односно сочувување на економијата, на сметка на тоа дека се планираше воспоставување на некаков колективен имунитет. Но, за жал, и шведските колеги излегоа со официјални податоци дека на пример во самиот Стокхолм само 7,3 проценти од жителите имаат одредено ниво на антитела на коронавирусот што е далеку од оние предвидени 70 проценти кои се потребни за да се постигне колективен имунитет.
Дополнително да потенцирам дека и СЗО деновиве излезе со сериозно предупредување дека оваа идеја за таканаречениот „имунитет на стадо“, односно колективен имунитет кој што би се постигнувал преку едно масовно заразување со коронавирусот не само што може да резултира со страшни последици, со огромен број на заразени луѓе кои ќе го оптоварат здравствениот систем, како и со огромен број на смртни случаи. Оттука овој пристап дефинитивно се напушта и се вели дека е комплетно неетички и научно не е поддржан. За жал, ние се уште не можеме точно да кажаме дури и кај пациентите кои што го прележале ковидот, во колкава мера нивниот имунитет кој што го постигнале по прележувањето е долготраен, колку е заштитен, затоа што се јавија студии во кои се спомнува можноста за повторно заразување со истиот вирус. Затоа се напушти комплетно идејата за остварување на колективен имунитет на таков начин, и мора да се почитуваат основните мерки до вакцинацијата, а тоа е носење маски, дистанца и редовна хигиена.
Освен хронично болните, медицинскиот персонал, дали се размислува за други категории кои треба да биде опфатени со имунизацијата, како на пример наставниците, пожарникарите, полицајците и вработените во заводите за здравствена заштита?
Тоа е таа група на луѓе која влегува во категорија логистика и одржување на општеството. Тоа е со цел да може во следните месеци од 2021 година и во почетокот на вакцинацијата за да може општеството нормално да функционира и да се вратиме навистина на нормално функционирање и да се вакцинираат овие категории на луѓе. Тука влегуваа полицијата, војската, пожарникарите, делот од популацијата која учествува во транспорт и движења на добрата, одредени институции кои се битни и приоритетни за нормално функционирање на општеството. Така што апсолутно се размислува и за оваа група на граѓани да бидат вакцинирани.
Во некои земји на ЕУ има и теории дека хронично болните треба да се изолираат, а вакцина да ја примаат работоспособните луѓе за побрзо да се опорави економијата. Што според вас е попаметен потег ?
Да, токму ова е предмет на дискусија во изминативе недели во нашите експерски и технички комитети, но и во меѓународните експертски тела. Пристапот тука ќе треба да го реши секоја од државите, исто како и со мерките за рестрикција беа дадени насоки, но секоја држава сама одлучуваше во зависност од тоа во која позиција е. Одлуката ќе биде на ниво на државата. Една од теориите е дека работоспособното население треба побрзо да биде вратено во функција, преку вакцинација, односно да се заштити. Но, сепак, од етички и научен аспект се заштитуваат првенствено оние кои се најранлива група, а тоа се хронично болните, и пациентите и популацијата над 65 години. Тука останува на нашите национални препораки кои ќе ги дадеме.
Годинава интересот за вакцинирање против грип порасна под влијание на пандемијата, како тече имунизацијата?
Ова е трета година по ред во која што Министерството за здравство обезбедува бесплатни вакцини за грип за ризичните групи. Од една страна ми е драго што населението ја сфаќа придобивката од вакцинацијата против грип. Ние долги години имавме одреден процент на население кое со години наназад се вакцинира. Годинава оваа бројка порасна, најверојано се должи на целата актуелна состоја на пандемија, каде што сите ние како поединци, и како општество и светската популација сфати што значи една инфектива болест за која до сега немаше вакцина како ковидот.
Вакцината за грип годинава е одлична како и сите години, станува збор за четиривалентна вакцина која заштитува од четири различни типа на инфлуенца. Се прима бесплатно за ризичните групи, популација над 65 години, здравствените работници, бремени жени и деца како и за хронично болни. Интересот е голем, меѓутоа во однос на начинот на достапност до нас доаѓаат одредени поплаки дека не може секогаш да се закаже терминот преку матичниот лекар. Тоа е најверојатно така поради тоа што се вакцинира во истите оние пунктови каде што преку ден се вакцинира редовната вакцинација. Тие сега работат и попладне и со една друга динамика, а тоа е поради ковид протоколите и пациентите се закажуваат на десет односно 15 минути. Дистрибуцијата на вакцините ќе се одвива во период од цел декември месец, затоа што во Македонија, пикот на заразени со инфлуенца, односно епидемиолошките показатели за грипот покажуваат дека тој настанува во кон крајот на јануари и почетокот на февруари. Така што сосема е во ред ако вакцината ја примите и после 15 декември.
Како влијаеше пандемијата на редовната вакцинација на населението?
Ние собравме неколку податоци во три односно четири пресека во текот на годината. Имаше реално пад на опфатот на имунизацијата особено во првите месеци кога ги имавме карантинските мерки и рестрикција во движењето. Но, веќе во пресеците кои ги направивме во летото и сега уште еден направивме во октомври месец увидовме дека редовната имунизација се врати во континуитет и дека преку повикувања превентивните тимови сфатија дека тој временски гап ќе мора да се пополни, особено во предшколската вакцинација каде што многу динамично се примаат и со релативно јасен и дефиниран календар на вакцинации. Школската имунизација е со повикување, така што здравствените домови кога училиштата не работат, односно работат само за одредена возразна популација на деца, почнаа со повикување. И веќе оние податоци кои што ги добивме во октомври е дека се успеа да се надмине оној благ пат на опфатот на имунизација. Од наша страна постојано се апелира и сме во координација со вакциналните пунктови да се зајакне и да се мотивираат и родителите и училиштата да го носат на вакцинација.