Достапни линкови

Овоштарите од Преспа бараат спас од дивите трговци во земјоделските задруги


Илустрација
Илустрација

Измамените преспански овоштари од изминатите години спасот го бараат во земјоделските задруги, кои ќе треба да обезбедат посигурен пласман на македонското јаболко.



Во Преспа се собираат и продаваат јаболката од годинешниот род, а сè уште има овоштари кои измамени од диви трговци не ги добиле парите за претходните реколти. Ова како проблем се провлекува со години, а од еснафските здруженија спасот од вакви малверзации го гледаат во здружување на земјоделците во земјоделски задруги. Годинава во Преспа се отворени уште четири нови задруги, а вкупно ги има шест.

„Дивите трговци ги искористуваа законските дупки и трудот на овоштарите, ја паѓаат цената на јаболкото, а со години не им плаќаат на овоштарите, па должат милионски суми. Отвораат фирма оваа година, ја затвораат, па догодина друга фирма, таа должи обврски кон куп овоштари кои не ја разбираат проблематиката и остануваат со кратки ракави, не им ги исплаќаат откупените јаболка. Тоа со земјоделските задруги ќе се надмине“, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

Задругите ќе треба да обезбедат посигурен пласман на македонското јаболко на странските пазари. Во Европа, а посебно во балканските држави побарувачката за јаболка е голема, некои од нив беа соочени со невремиња, па намалено им е домашното производство.

„Во моментот во цела Европа родот на јаболка е помал, па побарувачката е голема. Цените се движат од 14 до 20 денари за килограм јаболко од екстра класа. Ова е најава за добра година за продажба на јаболката. Овоштарите ќе бидат задоволни ако продолжи овој тренд“, вели Пампулевски.

Но, постои опасност корона кризата да го издолжи патот на македонското јаболко до странските трпези.

„Не знаеме како работите ќе се одвиваат со корона кризата, дали ќе има карантини, затворање на граници. Тоа може да има влијание да се пролонгира продажбата. Продажбата до последен килограм би требало да е до март или април. Да не го пропуштиме рускиот пазар кој до јануари би можел да го проголта целото јаболко, доколку нема одредени бариери“, додава Пампулевски.

Од планираните 160.000 тони, во Преспа годинава родија околу 120.000 тони јаболка зашто сѐ уште се чувствуваат последиците од ланскиот ураган. Насадите кои ланското лето беа погодени од силното невреме, па им беа оштетени овошките и лисната маса не родија ни годинава. Од државниот буџетот деновиве префрлени се скоро 80 милиони денари на Општина Ресен, за обесштетување на овоштарите погодени од невремето во 2019 година. Општината во законскиот рок од еден месец ќе им ги исплати парите на производителите на овошки.

Инаку годинава родот е квалитетен. Петнаесет проценти од јаболката се екстра класа, 75 проценти прва класа, а останатото е втора класа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG