Достапни линкови

Заштитата на културното наследство зборува за државата


Споменици во Скопје
Споменици во Скопје

Во каква состојба сме ние во таква состојба ни се и спомениците на културата, вели директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов.

Македонија е вистински трезор на објекти од културното наследство од разни временски периоди кои надлежните се трудат да ги заштитат, но недостасува стратегија со која локалитети кои генерално претставуваат археолошка атракција ќе бидат заштитени и соодветно конзервирани за да не ја изгубат вистинската форма, но и ќе станат места каде што почесто може да се одвиваат настани од културниот живот и да привлекуваат туристи.

Спомениците од исклучително значење на културата за Скопје како што се скопската тврдина, археoлошкиот локалитет Скупи со античкиот театар, аквадуктот, но и чаршијата која е една од најголемите на Балканот, се само дел од низата објекти во главниот град, но не само што не се доволно искористени, туку некои од нив се изложени на опасност поради несоодветна грижа да претрпат штети кои тешко ќе биде да се поправат.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов вели дека во овој момент меѓу загрозените објекти во Скопје се тврдината и чаршијата кои се бисери значајни за нашата култура и кои носат приказни за древните жители на градот.

„Чаршијата е загрозена од различни аспекти и некогаш е во прашање недоволно финансирање, некогаш во прашање е премногу финансирање и лоша организација. Тоа подразбира за чаршијата дека има дивоградби и покрај контролата која ја прави конзерваторскиот центар, ете не се успева да се најде крај со таа сфера на загрозување на спомениците. Калето се уште не е ставено во функцијата да биде репрезент на Скопје и да биде искористено максимално, се уште се прави план за ревалоризација односно елаборат кој ќе биде за брзо време се надевам“, вели Костов.

Калето не е отворено за посетители од 2014 година поради проблеми кои настанаа со градба на црква – музеј што предизвика стручни несогласувања, но и меѓуетнички тензии.

Уништeните споменици не го бришат минатото
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:23 0:00

Но, има и места што со години туристите не треба да ги посетат за да не се разочараат и пренесат негативни искуства. Најпознатото руинирано културно богатство е аквадуктот кој се наоѓа околу касарната „Илинден“ и е пример за негрижа за културното наследство.

„И таму се работи да се врати повторно во рамки на користење на тоа наследство, да се стави во релација со Kалето и со Скупи. Тоа е пообемна студија и менаџмент кој треба да го направи градот заедно со конзерваторскиот центар и со управата“, вели Костов.

Радио Слободна Европа од Министерството за култура побара информации колку пари се издвојуваат за заштитат на културното наследство во последните неколку години и какви се плановите за во иднина.

Од таму ни одговорија дека согласно со годинешните програми буџетот за 2019 изнесува 241.500.000 денари, за 2018 е 151.004.227 денари, а за 2017 се издвоиле 159 977.806 денари.

Министерката за култура Ирена Стефоска на својата прва прес-конференција во септември изјави дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет на нејзиниот кабинет.

„Зборуваме за непроценливо богатство што како амалгам од соништата на сите наши предци е живата врска со нашата современост. Одговорни сме пред предците, кон нас самите, кон идните генерации и кон светот“, кажа министерката дополнувајќи:

„Нѐ чека огромна работа. Подготовка на акциски план најпрво во заштитата. Поради дводецениската системска негрижа (парцијално се постапувало), се соочуваме со незавидни кадровски, инфраструктурни, логистички и други проблеми во сите институции одговорни за заштитата, со застарен и неефикасен нормативен и организациски модел“, рече министерката.

Таа наведе дека приоритети на министерството се прогласување културно добро во опасност на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, а најави и анализа на состојбата на спомениците од НОБ.

Потребни се системски мерки, а не политичка магла

Донка Барџева, истoричaр на уметност вели дека кога новата министерка за култура обзнани дека во наредниот мандат заштитата ќе биде приоритет, за миг помислила дека конечно проблемите во оваа дејност ќе започнат да се решаваат, но, тоа, како што додава, било само за миг, затоа што веќе со следната реченица министерката покажала што подразбира под овој поим. Притоа Барџиева нагласува дека во континуитет со години наназад упатените долго време говорат и укажуваат на лошата состојба на културното наследство и потребата од радикални реформи.

„Извлекувањето на неколку репрезентативни споменици од огромниот фундус на културното наследство со кое располага нашата држава не е решение, туку политичка магла која остава впечаток на загриженост. И веќе видено. Токму ваквиот начин на политички интервенционализам во заштитата доведе до загрозеност на целото културно наследство - со запуштеност и маргинализација и со „легални“ реставрации и интервенции“, вели Барџиева.

Од таму таа забележува дека од толку институции за заштита, новата министерка за култура посочува поединечни споменици, наместо во рамки на своите надлежности да понуди системски мерки за спасување на културното наследство.

„Тоа е реална грижа на министер кој не се инволвира во поединечни проблеми, туку во рамки на своите надлежности презема системски мерки. Само системски мерки нудат долгорочни решенија кои не завршуваат со мандат на министер“, вели таа нотирајќи и други забелешки:

„Проблемите во оваа дејност се апсолвирани, работата на новиот закон отпочната .. Не може да се говори за заштита како приоритет без нова организациска поставеност која ќе овозможи целосен увид во состојбите и изграден систем на програмирање. Тоа беше содржано во концептот на новиот закон кој Министерството го отфрли“, наведува Барџиева.

Спомениците од НОБ во внатрешноста во незавидна состојба

Министеството за култура за наредниот период најави и анализа на состојбите на спомениците од НОБ. Но, на заборавените споменици од НОБ вообичаено се потсетуваме само на 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје.

Споменици во Скопје
Споменици во Скопје

Споменикот на ослободители на Скопје кој се наоѓа во паркот на Владата каде се одржуваат одбележувањата на 11 октомври и 13 ноември е во добра состојба, но за жал оваа слика не ја одразува состојбата со сите објекти на културното наследство и со споменичните обележја. Малку подалеку од овде во градскиот парк се наоѓаат бисти на личности од историјата кои често се мета на оштетувања.

Златко Теодосиевски историчар на уметност посочува дека во Скопје состојбата со спомениците од НОБ е добра, но главниот проблем е во внатрешноста. Тој алармира дека има многу локации на кои настани од Втората светска војна соодветно биле одбележени пред 30 – 40 години, но оти денес се во незавидна состојба.

„Како да зборуваме за селектирана меморија. Сакаме да се грижиме за средновековните споменици, но не така за овие од НОБ, а не го ни кажуваме тоа јавно, зашто содржат во себе идеологија и не врзуваат за комунистичкото и социјалистичкото минато... ама ние сме сега некое друго општество и тоа ни остава траги на кои можеби не сакаме да се сеќаваме... итн, итн, што во принцип е небулозно", вели Теодосиевски.

Во контекст на актуелните проблеми со Бугарија и нејзиното негирање на окупацијата на Македонија за време на Втората светска војна Теодосиевски го спомнува споменикот на застреланите младинци во Ваташа.

„Случајно неодамна бев во Ваташа, таму ќе видите само голи ѕидови. Тоа беше еден прекрасен споменик со релјеф од големиот македонски скулпторо Јордан Грабул, но сега нема ништо, има само бели ѕидови и не знаете што тоа претставува. Ако ние сега се повикуваме на таа историја и конкретно на настаните во Ваташа некој слободно може да каже ама која Ваташа кога вие тоа соодветно не сте го одбележале таму“, вели Теодосиевски.

Споменици во Скопје
Споменици во Скопје

Но, прашањето на културното наследство во Македонија во голема мера и се политизира. Најнов пример за ова се металните табли пред спомениците на мостот „Око” кој беше пуштен во употреба во јуни 2013 година во рамки на проектот Скопје 2014 години со кој беа изградени споменици од античкиот период. Таблите на мостот деновиве осамнаа исчкртани. Натписите во кои се вели дека личностите кои се истакнати на овој мост се дел од хеленската историја – се покриени со спреј, а допишана е и ознаката МК.

Објаснувањата на металните плочи пред спомениците во Скопје и Битола, инаку е дел од обврската преземена со Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

За културното наследство важно е да се има свест

Упатените велат дека немаат намера да напаѓаат некого, дека проблемите се наталожени со години, надлежните институции имаат проблеми со недостиг на кадар, како и дека некои од законските измени во оваа сфера се уште не се донесени. Но тие иницираат размислување дека е крајно време да се раегира и секој што е задолжен за културното богатство да води соодветна грижа за него.

„За спомениците е битно да има свест. Не е само материјално да се заштити, ако нема свест како да се негува почитува и користи. Мислам дека повторно се навраќаме на образованието, свеста, воспитувањето. Тоа зборува за нас во каква состојба сме. Во каква состојба се спомениците и ние сме во таква состојба. Тоа зборува и како се почитуваме себе си“, вели директорот на Управата за заштита на културното наследство Костов.

Историчарот на уметност Теодосиевски, пак, потсетува дека пред две години во Министерството за култура се формираше комисија која требаше да изработи листа на објекти кои се од национално значење. Во таа листа требаше да бидат вметнати и споменици од современата историја, односно од НОБ, но тоа досега не е направено, а комисијата се расформира.

Како и да е очекувањата на стручната јавност се зголемија по најавите на новата министерка за култура Ирена Стефоска која вети дека макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“.

Стефоска рече дека од надлежните институции побарала детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство.

„Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност! Се прашувам, зошто во последниве децении црквата ‘Св. Ѓорѓи’ (Ангелот од Курбиново) не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува? Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, изјави Стефоска.

Обид за спас на „Летечката чинија“

Вгнезден на планина во централна Бугарија, меѓународен тим уметнички експерти и архитекти напорно работи на обидот да се зачува еден од највпечатливите споменици во земјата, „Летечката чинија“ од времето на комунизмот.

Гоце Атанасов

Споменикот на врвот Бузлуџа беше посветен на славата на комунизмот, но од распадот на тој режим, тој пропаѓа.
Сега е во тек операција за зачувување на неговата впечатлива серија мозаици додека се води дебата за долгорочната иднина на споменикот.

„Тоа е трка со времето“, вели архитект Дора Иванова, која ја започна кампањата за спасување на споменикот, додавајќи:

„Ние мора да дејствуваме брзо затоа што нема да останат никакви мозаици ако чекаме на нeков план од властите“ вели таа, наведувајќи:
„Ние веруваме дека оваа зграда не е само симбол на социјалистичкиот период, таа е симбол на транзицијата и на многу илустративен начин ја покажува промената: како во едно општество нешто исклучително вредно и помпезно се претвора во руина што ви општеството не ја сака.“

Изграден во 1981 година на надморска височина од 1.400 метри споменикот опфаќа круг во бетон и челик заедно со два столба високи 70 метри во кои доминира црвена ѕвезда. Има околу 937 квадратни метри мозаици, од кои една третина се веќе изгубени. Меѓу панелите има и прикази за влегувањето на Црвената армија во септември 1944 година, како и величања на работниците, селаните и улогата на жените во социјалистичкото општество.

„Знак на времето“

Претставување на амблемот чекан и срп сè уште го украсува центарот на таванот. Мозаичниот портрет на поранешниот диктатор Тодор Живков, во меѓувреме, е заменет со скромна верзија на графити. Сепак, мермерот кој ги украсува подот и ѕидовите преживеал.

„Целта не е да се врати споменикот во стариот сјај“, вели Томас Данцл од Техничкиот универзитет во Минхен, еден од тимот што работи на споменикот.

„Ние исто така ќе ги задржиме графитите во знак на моменталното време, во изминатите 30 години“, рече тој.

Лора Тапини, реставратор на антиквитети пак вели:

„Ние го блокираме времето. Се обидуваме да зачуваме што е можно повеќе во сегашната состојба.“

Мисијата за реставрација доби грант од американска Фондација Гети во износ од 185.000 долари, што е доволно да се фокусира врз зачувување на кревките мозаици, додека празнините на покривот се покриени со дрво и лим. Вкупно 18 експерти и студенти од Германија, Швајцарија, Грција и Бугарија работат на проектот. Данцл додава дека делата во споменикот покажуваат траги од византиската традиција, но и материјал и техника што сведочат за нивното време. „Работиме на критичните области и користиме најмалку можни инвазивни материјали за мозаиците, додека властите изготвуваат план за остатокот од локацијата“, вели техничкиот шеф на тимот, Никифор Харалампиев од Софиската академија за ликовни уметности.

„Зачувување на меморијата“

Властите одолговлекуваат во доделувањето на статусот на Бузлуџа на официјално културно место, што ќе отклучи дополнителни средства за негово обновување.
Тие страхуваат дека тоа ќе доведе до различни реакции во јавноста. На пример, споменикот на Советската армија во центарот на Софија е често покриен со графити и критички пароли.

„Општеството како целина треба да одлучи за функцијата на овој споменик“, вели претседателката на регионалниот совет Гергана Михова, додека строгите мозаици на Маркс, Енгелс и Ленин гледаат во неа. Таа внимателно избегна да изрази став бидејќи призна оти „отсекогаш имало гласови за и против“.

Споменикот на врвот Бузлуџа беше посветен на славата на комунизмот.
Споменикот на врвот Бузлуџа беше посветен на славата на комунизмот.

Во Казанлак, град во подножјето на планината Бузлуџа, 52-годишната учителка Стојанка Димова вели дека се сомнева во спасувањето на споменикот.

„Овие пари од странство прво треба да им помогнат на луѓето, на најсиромашната земја во Европската унија“, вели таа.
Харалампиев - кој е роден истата година кога споменикот беше изграден - рече дека тоа е „исклучително архитектонско дело“ и оти тој „ги разбира причините за оние што сакаат да го уништат, тоа не е правилен пристап“.

Иванова, која ја започна кампањата за спасување на споменикот, признава дека споменикот бил користен од комунистичкиот режим како инструмент за пропаганда, на пример со организирање групни посети на локацијата. Нејзиниот сопствен предлог е тој да се направи релевантен за модерната ера користејќи го за да ја одбележи целата бугарска историја,. За Данцл, „зачувувањето на мозаиците е зачувување на еден вид меморија“.

„Треба да го знаете минатото за да имате подобра иднина“, вели тој додавајќи:

„Тоа е еден вид приказна за постсоцијализмот, не само во Бугарија, туку и во други посткомунистички земји каде што беа уништени споменици за да се заборави минатото. Но, не можете да го заборавите минатото, тоа е секогаш присутно“, вели Данцл.​

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG