Обединетите Нации беа основани по Втората светска војна, а што ќе се изроди сега, од глобалната криза со Ковид 19?
Многумина светски лидери, на виртуелното Генерално собрание на Обединетите Нации, изразија надеж дека идната вакцина ќе им биде достапна на сите земји, без оглед на тоа дали се богати или сиромашни.
Но, Соединетите Американски Држави, Кина и Русија не учествуваат во глобалните здружени напори за развој и дистрибуција на вакцина, а богатите земји склучуваат индивидуални договори со фармацевтските компании за обезбедување милиони дози на потенцијалните вакцини, пред и да бидат одобрени за употреба.
Дали луѓето ќе бидат оставени да умираат? – изјави претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, кој беше заболен од Ковид 19.
„Пандемијата, по дефиниција, е глобален проблем и бара глобално решение, но Ковид 19 покажа дека на заканата, државите реагираат национално, а не интернационално“, изјави претседателот на Финска, Саули Нинисто.
Над 150 земји и се приклучија на иницијативата КОВАКС, во која побогатите земји се согласија да купуваат од потенцијалните вакцини, но и да им помогнат на сиромашните држави. Но, отсуството на Вашингтон, Пекинг и Москва во оваа иницијатива, покажува дека одговорот на оваа глобална криза, за прв пат во 75-годишното постоење на Обединетите Нации, не е глобален.
Многумина лидери сега токму преку Обединетите Нации се обидуваат да ги убедат и останатите да и се приклучат на иницијативата КОВАКС.
Претседателот на Гана, Нана Акуфо Адо изјави: „Вирусот е закана за сите, сите сме во ризик и нема специјална заштита за богатите“. И претседателот на Руанда, Паул Кагаме, оцени дека обезбедувањето на вакцина за сите, ќе значи побрзо завршување на пандемијата за сите.
„Никогаш не сме се соочиле со ситуација кога на сите 7,8 илијарди луѓе им треба вакцина во исто време, наеднаш“, изјави шефот на африканскиот Ценатр за контрола на болести и превенција.
Егзистенцијално стана прашањето: кој ќе ја добие вакцината прв?
Ирак и Турција сметаат дека вакцината не смее да биде предмет на трговија и профит, на конкуренција.
Се слушнаа и следниве пораки: „Вакцината надвор од политика“, „Потребна ни е вистинска глобализација на соработка“, „Бараме вакцина за сите“, „Не е дозволив национализам и изолационализам во ек на пандемија“.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш беше дециден: Да се мисли дека можеме да ги заштитиме богатите, а сиромашните да ги оставиме да страдаат, е глупава грешка.
Сепак, останува нејасно дали ваквите повици, говори, апели ќе сменат нешто. Многумина оценуваат дека сега е моментот да се покаже светската солидароност. Во спротивно, светот ќе отиде во несакан правец, со неповратни последици.