„Во општество кое е хетеронормативно и циснормативно, основањето на оваа Родово-сексуална алијанса е чин на пркос, бидејќи е единствениот начин на кој ние можеме да останеме верни на самите себе“, вели еден од основачите на првиот средношколски клуб за правата на ЛГБТ+ заедницата.
На самиот почеток од учебната година, младите од меѓународното училиште „Нова“ го создадоа првиот средношколски клуб кој се залага за правата на ЛГБТ+ заедницата, кој го нарекоа Родово-сексуални алијанси. Еден од основачите, Коста Барсов, вели дека мисијата им е да се создаде заедница на ЛГБТ+ млади каде што тие би можеле слободно да го истражуваат нивниот род и нивната сексуалност.
„Така што, Родово-сексуалните алијанси се безбеден простор без хомофобија, трансфобија и било кој друг вид на дискриминација. Освен тоа, Родово-сексуалните алијанси се начин на кој квир младината може да се организира околу проблемите кои ги засегаат во општеството— дискриминација, говор на омраза, образование итн. Родово-сексуалните алијанси би требало да служат како застапници и едукатори на ЛГБТ+ теми“, објасни Барсов.
Како се одлучивте да го основате клубот, што ве мотивираше?
Одлуката да се основа овој клуб беше, кажано на најпрост начин, прифаќање на тоа што сме. Во општество кое е хетеронормативно и циснормативно, основањето на оваа Родово-сексуална алијанса е чин на пркос, бидејќи тоа е единствениот начин на кој ние можеме да останеме верни на самите себе.
Какви активности планирате?
Иако има само три недели од формирањето на овој клуб имаме испланирано неколку типови на активности. Покрај тоа што се собираме секоја недела во живо на училишниот кампус, имаме исто така започнато со една од овие активности — читање на квир литература. Освен читањето на квир литература, планираме да организираме дискусии/предавања, проекции на квир филмови и пишување и издавање на списание кое ќе ги претставува мислењата на квир младината.
На какви реакции наидувате од околината - од соучениците, професорите, а и од родителите?
За среќа, до сега сме имале главно позитивни реакции од околината. Професорите и „Нова“ како училиште не подржуваат на секој чекор, што и всушност ги создаде приликите да се оформи овој клуб. На формирањето на Родово-сексуалната алијанса имаше и изненадувачко висок одѕив на ученици кои беа заинтересирани да се вклучат, главно ученици кои припаѓаат на ЛГБТ+ заедницата, но и ученици кои сакаа да ја изразат нивната поддршка.
Како ја оценувате сегашната перцепција за ЛГБТИ припадниците?
Во нашата држава ЛГБТ+ припадниците сеуште се соочуваат со огромна дискриминација, како од индивидуи во општеството така и од институциите. ЛГБТ+ заедницата полека станува позастапена, особено кај младите, но сепак пред нејзе има долг пат кој ќе треба да го изоди за да се здобие со целосно ослободување.
Што е клучно за еднакво општество?
Според мене лично, за да сите живееме во еднакво оштество клучно е да се соочиме со системската и институционална дискриминација и угнетување на луѓето, не само на ЛГБТ+ заедницата, туку на сите луѓе. Бидејќи, борбата за ослободување на ЛГБТ+ заедницата е интерсекционална, што значи дека ние не се бориме само против угнетувањето на основа на родот и сексуалноста, туку се бориме против сите видови на нееднаквост — расна, етничка, класна итн.
Дали планирате ширење на клубот во други училишта?
Не планираме да се прошируваме во други училишта бидејќи овој клуб е формиран во склоп на „Нова“ како училиште. Но, ги потткнуваме младите независно да го сторат тоа во нивните училишта и околини и сме отворени да понудиме подршка на истите.