Вести
Норвешки пратеник го номинирал Трамп за Нобелова награда за мир
Пратеник од норвершката екстремна десница денеска изјави дека го номинирал американскиот претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир за неговите напори на Блискиот исток, јави агенцијата АП.
Кристијан Тајбринг-Гједе, член на норвешкиот парламент од крајно десничарската Прогресивна партија, рече дека Трамп треба да се разгледа заради неговата работа „за мировен договор меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел, што се отвора за можен мир на Блискиот исток “.
Израел и ОАЕ на 13 август годинава, со посредство на претседателот Трамп, се согласија да воспостават целосни дипломатски односи, потег што беше поздравен како историски чекор што ќе го унапреди мирот на Блискиот Исток, но и осуден од некои муслимански држави како Иран и Турција како „нож в грб на муслиманскиот свет“.
Норвешкиот пратеник Тајбринг изјави дека номинацијата на Трамп ја поднел денеска.
„Без оглед како Трамп се однесува дома и што зборува на прес-конференции, тој има апсолутно шанса да ја добие Нобеловата награда за мир“, изјави Тајбринг за Асошиејтед прес.
Тајбринг беше еден од двајцата норвешки пратеници кои го номинираа Трамп за мировната награда во 2018 година за неговите напори за помирување меѓу Северна и Јужна Кореја.
види ги сите денешни вести
Турканици и тепачки меѓу пратениците на власта и опозицијата во српското Собрание
На седницата на Собранието на Србија на 25 ноември дојде до турканици и тепачка меѓу претставници на власта и опозицијата. Во инцидентот покрај пратеници учествуваа и владини министри, а ги раздели собраниското обезбедување.
Во преносот на собраниската седница тонот беше пригушен, па не можеше да се слушне што си зборуваат пратениците, ниту беше јасно како започнал инцидентот.
Она што може да се види од телевизискиот пренос е како членовите на власта и опозицијата ги разделува собраниското обезбедување, додека се удираат, влечат, туркаат и полеваат со вода меѓу себе.
Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ ја прекина седницата, но инцидентите во салата продолжија и откако таа нареди пауза.
Пратениците од опозицијата претходно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието бидејќи претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, го одби нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на Владата, по несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, каде се урна настрешницата и притоа загинаа 15 лица.
Опозицијата бара разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, како и утврдување политичка и кривична одговорност за несреќата.
Инцидентите започнаа во моментот кога во салата влегоа премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и владините министри. Тие присуствуваа на седницата на која беше презентиран предлог-буџетот за 2025 година кој е на дневен ред на Собранието.
Откако Вучевиќ и министрите влегоа во салата, пратениците од опозицијата кренаа хартии на кои пишуваше „корупцијата убива“ и „рацете ви се крвави“, и извикуваа „убијци“.
Тие истакнаа и транспарент со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на кој неговите раце се обоени во црвено.
Дел од пратениците од опозицијата потоа се обидоа да се доближат до делот од салата каде седат владините министри. Не можеше да се слушне што си зборуваат.
По тоа собранискиот спикер го повика собраниското обезбедување да реагира.
Инцидент се случил и во галеријата на собраниската сала, каде реагирало и собраниското обезбедување.
Во галеријата претставниците на власта поставија транспарент на кој пишува „Жолтиот џган сака војна, Србија сака работа“. Потоа дошло до конфликт со пратеници од опозицијата кои се обиделе да го тргнат транспарентот.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ пред паузата на покана на претседателката на Собранието почна да го презентира буџетот за 2025 година.
Опозицијата го прекина неговиот говор со свирежи и вувузели. Додека говореше Вучевиќ, пратениците од опозицијата застанаа околу него и министрите и ги држеа паролите „рацете ви се крвави“.
Сојузниците на НАТО ќе треба да инвестираат речиси три проценти од БДП во одбраната
Сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата, изјави во понеделникот висок воен претставник на НАТО, пренесе Ројтерс.
Така, трошоците би ги надминале досегашните два отсто инвестиција во армиите на земјите-членки, што беше поставена како актуелна цел на Алијансата.
Вкупниот процент потребен за да се направат новите планови остварливи е многу поблиску до три отсто од БДП отколку два отсто, изјави во Брисел претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер.
„Очекувам дека под новата администрација на Доналд Трамп во САД ќе има многу поинтензивна дискусија за тоа колку повеќе Европа и Канада треба да инвестираат, а тоа е здрава и валидна дискусија што треба да се води“, рече Бауер.
Во неговиот претходен претседателски мандат, Доналд Трамп ја предупреди Алијансата за ниските одбранбени трошоци на нејзините земји-членки, кои потоа потрошија помалку од два отсто од БДП на своите армии.
НАТО постојано повторува дека годинава членките на Алијансата треба да ги зголемат инвестициите во нивните одбранбени капацитети.
Поранешниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, во септември изјави дека 32-те членки на Алијансата мора „да бидат подготвени да ја платат цената на мирот“ во справувањето со Русија.
Прва седница на новиот грузиски состав, опозицијата бојкотира
Новиот грузиски парламент ја одржа својата прва седница на 25 ноември, во услови на протести поради изборите за кои опозицијата тврди дека биле наместени и откако проевропската претседателка Саломе Зурабишвили побара поништување на резултатите.
Политичките превирања ја потресоа црноморската нација по гласањето на 26 октомври, на кое победи владејачката партија Грузиски сон.
Прозападните опозициски партии ги оспорија резултатите и одбиваат да влезат во новиот парламент, кој го сметаат за „нелегитимен“.
Зурабишвили во расправија со владејачката партија поднесе тужба до Уставниот суд барајќи да го поништи резултатот. Таа одби да издаде претседателски декрет за свикување на парламентот и ја обвини Русија за мешање во гласањето, што Москва го негираше.
Грузиски сон, кој обезбеди 89 места во 150-члениот совет, вели дека гласањето било слободно и фер.
Пратениците од владејачката партија се собраа напладне на инаугуративна седница која беше бојкотирана од опозицијата.
Зурабишвили ја прогласи пленарната седница за „неуставна“, велејќи дека „масовната изборна измама го поткопала нејзиниот легитимитет“.
„Одбив да ја свикам првата седница, а Уставот никого не признава за замена“, напиша таа на Фејсбук.
Водечкиот експерт по уставно право, Вакушти Менабде, рече дека „новиот парламент не може да се состане додека Уставниот суд не ја донесе својата одлука за тужбата на Саломе Зурабишвили“.
Силни полициски сили се присутни на улиците на Тбилиси, главниот град на Грузија. И покрај тоа, вечерта на 24 ноември демонстрантите почнаа да се собираат пред зградата на парламентот откако опозицијата повика на протести.
Стотици демонстранти поставија кампови, блокирајќи го сообраќајот долж главната сообраќајница во Тбилиси.
Опозицијата вели дека владата на партијата Грузиски сон ја врти надворешната политика кон Русија и ја поткопува нејзината долгогодишна амбиција за влез во Европската Унија. Од партијата ги отфрлаат овие обвинувања.
Од гласањето, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Тбилиси во знак на протест поради наводната изборна измама. Европската унија и САД повикаа на истрага за „нерегуларности“ за време на гласањето.
Хамнеи: Налозите за апсење на израелските лидери „не се доволни“
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи рече дека налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни злосторства против човештвото за време на конфликтот во Газа „не се доволни“.
На собирот на волонтерскиот корпус Басиџ на 25 ноември, Хамнеи истакна дека двајцата израелски лидери треба да се соочат со смртна казна.
Налогот го издаде обвинителот на МКС, Карим Кан, а судиите рекоа дека има „разумни основи“ да се верува дека Нетанјаху и Галант „намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од предмети неопходни за нивниот опстанок“ како дел од „широк и систематски напад против цивилното население на Газа“.
Израел ги нарече налозите „апсурдни“.
Актуелната војна во Појасот Газа беше предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас која е поддржана од Иран, а означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.
Околу 1200 луѓе загинаа во нападот, а уште 240 беа земени како заложници назад во Газа.
Неколку ранети и оштетена инфраструктура во руски напад на Харкив
Русија го гранатираше центарот на Харкив рано на 25 ноември, при што беа повредени најмалку 15 луѓе, објави на Телеграм Ихор Терехов, градоначалник на вториот по големина град во Украина.
Харкив постојано е цел на руски напади во последниве недели, претрпувајќи жртви и но и оштетувања на неговата енергетска инфраструктура.
Руските сили, исто така, ја нападнаа енергетската инфраструктура во јужниот регион Миколајев во Украина во текот на ноќта, соопштија украинските власти на 25 ноември, а пренесе регионалниот гувернер Виталиј Ким на каналот Телеграм.
Нема информации за жртви.
Русија, исто така, нападна уште еден јужен регион, Запорожје. Нападот е извршен со „десетици беспилотни летала“, пренесе регионалниот гувернер Иван Федоров, додавајќи дека едно дете е рането во нападот.
Во декември состанок на главните преговарачи на Белград и Приштина
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека, во рамки на дијалогот во Брисел, следната средба на ниво на главните преговарачи на двете страни ќе се одржи во декември годинава.
Лајчак ова го објави на Фејсбук, и потсети на како што рече „продуктивните и проникливи“ претходни две недели, во кои ги посети Женева, Тирана и Париз.
„Со моите соговорници во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Кеј д’Орсеј и на други места, имав важни дискусии за дијалогот и за патот напред. Овие разговори се клучни за обликување на работата што ја врши мојот тим додека се подготвуваме за претстојниот состанок на главните преговарачи во декември. Со нетрпение го очекувам следниот период“, напиша Лајчак.
На 24 октомври во Брисел се одржа последната средба на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина, на која имаше и трипартитна средба меѓу Лајчак и главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими.
Лајчак потоа по средбата рече дека се разговарало за имплементацијата на Охридскиот договор, кој, како што наведе, суштински допрва треба да започне.
Состанок на европските министри за одбрана во Берлин
Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Велика Британија ќе се сретнат денеска (25 ноември) во Берлин за да разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа.
Руското таргетирање на Украина со нова ракета со среден дострел, за која се смета дека има импликации за цела Европа, најверојатно ќе одигра голема улога за време на дискусиите, јави ДПА.
По неодамнешното одобрение од Вашингтон, Украина почна да ги користи ракетите ATACMS од САД и британските крстосувачки ракети „Сенка на бурата“ (Storm Shadow) за гаѓање воени локации во Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин потоа нареди ракетен напад врз украинскиот град Днепар кој има над милион жители, со нова ракета со среден дострел во четвртокот наутро.
Приватните автобуси повторно на скопските улици, но не со полн капацитет
Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.
Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.
Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје - Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.
Приватните превозници, според него, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостатокот на автобуси од ЈСП доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.
Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на приорден гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.
Вонредна седница одржа Владата на која беше донесена одлука да се интервенира со нафта од државните резерви со што автобусите имаат нафта за седум дена. Вонредна седница истиот ден одржа и Советот на Град Скопје на која беше поздравена одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрични автобуси.
Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, се трудиме да живееме во мир
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој синоќа (24 ноември) гостуваше на британскиот јавен сервис Би-Би-Си изјави дека цел на државата е да стане полноправна членка на Европската Унија и дека никогаш не го признале Косово.
„Нашата цел е Србија да стане полноправна членка на ЕУ, но да ги има нашите традиционални пријатели и партнери на исток... На патот кон Европа не можете да постигнете ништо без мир и стабилност“, рече Вуќчиќ.
Во врска со Косово, Вучиќ изјави:
„Никогаш не сме го признале Косово. Никогаш не било кажано, никогаш не било напишано. Се трудиме да живееме во мир“.
На прашањето за резолуцијата за Сребреница, Вучиќ потсети дека бил нападнат за време на неговата посета на тој град и дека 109 земји од светот во Генералното собрание на ОН го делат мислењето на Србија за тоа дали станува збор за геноцид.
„Секогаш бев подготвен да признаам дека масакрот во Сребреница беше страшен... Секогаш сум подготвен да им оддадам почит на жртвите, но не сум подготвен да зборувам на тој начин и да поставувам нови политички прашања и нови политички проблеми “, изјави Вучиќ во интервјуто за Би-Би-Си.
На прашањето за „големосрпската идеологија“, Вучиќ рече дека тоа е „измислена приказна од луѓе кои сакаат да и нанесат штета на Србија“.
Прекин на наставата во училиштата и универзитетите во Бејрут
Либанските власти објавија дека наставата во Бејрут и околината ќе биде прекината до крајот на декември, наведувајќи ја безбедносната ситуација по серијата смртоносни израелски напади врз главниот град во изминатите неколку денови.
Министерот за образование Абас Халаби рече дека „наставата со физичко присуство“ ќе биде прекината во приватните училишта, техничките институти и високообразовните институции во и околу Бејрут.
Таквата мерка, преземена поради актуелната состојба и за гарантирање на безбедноста на учениците, ќе важи од денеска до крајот на декември.
Од октомври 2023 година, во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан загинаа 3558 луѓе, според податоците на либанското Министерство за здравство. Во вторникот, на 20 ноември, загинаа 14 лица.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Повеќе од 100 луѓе се убиени во нападите на Хезболах врз северен Израел и Голанската висорамнина. Тоа вклучува повеќе од 70 војници кои ги загубија животите во овие напади и во борбите во јужен Либан, според Израел.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете