Десетина пратеници со подолг стаж во повеќе собраниски состави влегуваат и во новиот, а не повеќе од дваесетина кои беа барем во еден парламентарен состав повторно ќе седнат во собраниските столчиња. Меѓу пратениците со подолг стаж кои ќе бидат пратеници и сега се Горан Мисовски од НСДП, Павле Трајанов од ДС, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Панчо Минов овој пат од листата на СДСМ, Али Ахмети, Мендух Тачи и неколкумина други.
Од оние, пак, кои беа во претходниот состав влегуваа Никола Мицевски, Ана Лашковска и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ или, пак, Јагода Шахпаска и Костадин Костадинов од СДСМ.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека дел од пратениците кои влегоа во сегашниот состав се покажале како добри, но некои од подобрите воопшто не се најдоа на гласачките листи. Впечатокот е, додава тој, оти кај нас затоа кој ќе седне во собраниските столчиња се одлучува врз основа на партиски комбинаторики кои зависат од блискоста до лидерството, а не врз основа на самиот перформанс на пратениците.
„Мислам дека патот кон квалитетно Собрание е поплочен со инвестирање на политичките партии прво во внатрешната демократија а потоа и во политичка школа која што ќе произведе кадри кои што би биле стандардни кадри за во Собрание, луѓе кои што ќе бидат профилирани да бидат добри пратеници“, вели Поповиќ.
Според Мира Костиќ, пензионирана новинарка која ја следеше работата на сите собраниски состави од независноста до денес, се има добри и лоши страни. Од една страна, вели таа, добро е што има и млади кадри меѓу новите пратеници, кои би требало да внесат амбициозност и свежина, но може и да недостасува и искуството на некои пратеници кои не влегоа во овој собраниски состав.
„Може да биде негативно што немаат искуство, а во политиката е многу важно да се има искуство. Од друга страна тој што е неискусен многу полесно може да биде манипулиран, па така се добива слика за парламентот дека е гласачка машина на власта“, вели Костиќ.
И испитувањата на јавното мислење покажуваат со тек на години паѓа впечатокот на граѓаните дека пратениците целосно ги претсавуваат интересите на граѓаните. Една анализа на Институтот за демократија за работата на Собранието од 2009 до 2019 година покажува дека граѓаните константно ја оценуваат работата на парламентот со тројка, од можни оцени од еден до пет.
Во што е спасот за подобар парламентарен состав? Според Поповиќ и отворените листи, на кои граѓаните сами би си заокружиле кој пратеник сакаат да ги застапува, се меч со две острици.
„Тие оставаат можност граѓаните да ги изберат оние кои што се за нив попривлечни меѓутоа во една земја како нашата, која има проблеми со клиентелизам истовремено може да се случи да ги изберат оние кои може да купат гласови“, вели Поповиќ.
Инаку, во овој собраниски состав влегува и еден пратеник кој беше и во првиот од 1991 до 1994. Панчо Минов тогаш стана пратеник од партијата Сојуз на реформски сили на Македонија која ја предводеше Стојан Андов, во следниот состав од 1994 до 1998 беше пратеник од Либерално демократската партија. Потоа Минов во два мандата е градоначалник на родното Кавадарци со поддршка од СДСМ а во 2013 година беше исклучен од партијата поради повреди на статутот. Во последниот состав влезе како пратеник на ГРОМ од листата на ВМРО-ДПМНЕ, но во 2018 година ја напушти таа пратеничка група, гласаше за уставните измени за името и сега стана пратеник од СДСМ.
Помалку жени во Собранието и од претходно
Во однос на застапеноста на жените,пак, новиот собраниски е полош од досегашниот. Во него ќе седнат 77 мажи и 43 жени, наспроти 45 колку што имаше во минатиот состав. До ова доаѓа и покрај тврдењата и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ дека се залагаат за што е можно повеќе жени во собранието.
Според резултатите што ги објави Државната изборна комисија, најмногу мандати на предвремените парламентарни избори кои се одржаа во средата доби коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ 46, потоа следува коалицијата„Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44, а ДУИ 15, Алијансата за Албанците и Алтернатива добија 12 пратенички мандати, а Левица со два пратеника и ДПА еден.